НАТО Членство


Членството на Република Северна Македонија во НАТО е еден од трите стратешки приоритети на надворешната политика на земјата. За членството во НАТО постои општ партиски и политички консензус, проследен со силна поддршка од граѓаните во земјата. Определбата за евро - атлантско интегрирање на Република Северна Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

На 15 ноември 1995 година, тогашна Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир (ПМ). Во тоа време, бевме примени и во Северно - атлантскиот совет за соработка, подоцна Евро - атлантски партнерски совет.

На 14 јуни 1996 година отворивме Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година ја отворивме и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, се стекнавме со статус на земја кандидат за членство во Алијансата и започнавме со подготовка и реализација на Акциониот план за членство (АПЧ).

Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе консензуална одлука, дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО (Лисабон 2010, Чикаго 2012, Велс 2014 и Варшава 2016), беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана до нас за членство во НАТО веднаш штом  се постигне взаемно прифатливо решение за името во рамки на ООН.

На Самитот на НАТО во Брисел, 11-12 јули 2018 година - Северноатлантскиот совет (NAC), одржа состанок на ниво на шефови на држави и влади, на кој е донесена најважната одлука за Република Северна Македонија - земјите членки на НАТО одлучија да ја поканат земјата да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата (Параграф 63 од завршната Декларација).

На 1 август, 2018 година, Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг упати писмо до МНР Димитров заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО.

На 18 и 19 октомври 2018 година, на состанокот одржан во седиштето на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија успешно ги заврши пристапните разговори за членство на земјата во Алијансата.

На 21 јануари 2019 година, Министерот за надворешни работи, Никола Димитров упати Писмо до Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кое се изразува подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон НАТО.

На 06 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји -членки на НАТО, во присуство на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и Министерот за надворешни работиНикола Димитров го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата.

Во тек е процес на реализација на ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на земјата во НАТО во земјите членки на Алијансата, по што се очекува Република Северна Македонија и формално да стане земја членка на НАТО.

Република Северна Македонија, како долгорочен партнер на Алијансата, активно придонесува во безбедносните мисии на НАТО, ЕУ и ООН, во регионот и во светот, во поддршка на мирот и безбедноста. Придонесот во меѓународните операции е во духот на стратешките определби на Република Северна Македонија за придонес кон глобалниот мир и безбедност и претставува уште една потврда за подготвеноста за споделување на предизвиците како полноправна земја членка на НАТО.

Во рамки на активната улога во регионалната безбедносна соработка, Република Северна Македонија како основач на САД - Јадранската повелба континуирано учествува во регионалната безбедносна соработка, како наш придонес за натамошен развој на безбедносно стабилен и економски просперитетен регион. 

 

Последно ажурирање: 28 јануари 2020