ЕУ Членство


Пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија

Полноправното членство во Европската Унија и понатаму претставува стратешка цел на Република Северна Македонија. Следствено на тоа, клучен приоритет е започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија, што е можно поскоро, а врз основа на постигнатиот степен на економска интеграција, прилагодувањето на законодавството и институциите, изградбата на добрососедски односи и придонесот во регионалната соработка.

Преку јасно поставената цел и недвосмислен стремеж за целосно интегрирање во Европската Унија, Република Северна Македонија ја манифестира својата определба да изгради општество втемелено на идентични вредности како оние на Унијата - почитување на човековите права, демократијата, владеењето на правото и функционална пазарна економија.

Во декември 1995 година, тогашна Република Македонија  воспостави дипломатски односи со Европската Унија, како израз на желбата да воспостави поблиска политичка и трговска соработка, но и како прв чекор кон полноправното членство за кое од самиот почеток на независноста на земјата беше постигнат широк политички и општествен консензус. Во април 1997 година беше потпишана Спогодба за соработка со тогашната Европска заедница, а во април 2001 година Спогодбата за стабилизација и асоцијација, прва од тој вид. Спогодбата, која ги постави основите за продлабочена и структурна соработка во бројни области, стапи на сила во 2004 година. Една година подоцна земјата се стекна со статусот земја - кандидат за членство во Европската Унија, што отвори нови перспективи и хоризонти во соработката, вклучително и учество во програмите и заедничките политики на Унијата.

Првата препорака за започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија беше дадена во Извештајот за напредокот на земјата објавен во 2009 година. Од тогаш, Европската Комисија во континуитет препорачува почеток на пристапни преговори, но овие препораки не најдоа реализација во вид на одлука на Советот на ЕУ за почеток на преговорите.

На 26 јуни 2018 година, Советот на Европската Унија, следствено на напредокот на земјата и препораките на Европската Комисија усвои заклучоци со кои се трасира патот за определување на датум за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година. Истовремено беше одобрено спроведување на првата фаза од скрининг процесот за пристапување во Европската Унија, т.н. објаснувачки скрининг (explanatory screening), преку одржување на состаноци во Брисел по одделните Поглавја од европското законодавство. 

Позитивниот извештај на Европската Комисија за 2019 година во целост ги препознава постигнувањата на земјата во изминатата година. Давајќи недвосмислена препорака за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, Европската Комисија констатира дека земјата постигна суштински напредок како на домашен, така и на надворешен план, особено во изградбата на добрососедските односи. 

На состанокот на Советот на ЕУ од 18 јуни 2019 година, покрај нотирањето на препораката и признанието за постигнатиот Преспански договор, како и договорот со Бугарија, беше заклучено дека Советот ќе се наврати на прашањето за проширувањето со цел постигнување јасна и суштинска одлука што е можно поскоро, а најдоцна до октомври 2019 година. 

И покрај јасно утврдената динамика содржана во овие одлуки, Европската Унија на состаноците во октомври 2019 година не успеа да постигне консензус за почеток на преговорите со Северна Македонија. 

Северна Македонија во моментот ја спроведува првата фаза од скрининг процесот за пристапување во Европската Унија, т.н. објаснувачки скрининг (explanatory screening), преку одржување на состаноци во Брисел по одделните Поглавја од европското законодавство. 

Во 2018 година Владата го усвои Концептот за преговарачка структура, додека во јули 2019 година ја заокружи целокупната правна рамка за формирање на сите тела од преговарачката структура, како подготовка за старт на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

Институционалната и легислативна рамка за пристапување на земјата во Европската Унија е рефлектирана во неколку документи: Националната програма за усвојување на правото на Унијата (законодавни измени и мерките за институционално зајакнување на краток и на среден рок), Националната програма за економски реформи (мерки за исполнување на Копенхашките економски критериуми) и Националниот план за развој (инвестициски приоритети за остварување на развојните цели на државата) -документи, кои редовно, на годишна основа, се приспособуваат согласно со препораките од Европската Комисија.


Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија

 Министерството за надворешни работи е надлежна институција  во Република Северна Македонија за координација и спроведување на преговарачкото Поглавје 31 на Европската Унија кое ја опфаќа Заедничката надворешна и безбедносна политика. 

Учеството во Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија се заснова на политичката определба да се споделат целите и приоритетите на оваа значајна заедничка политика и пред членството во Унијата. На овој начин Република Северна Македонија дава свој придонес во напорите на Европската Унија за унапредувањето на мирот и стабилноста во светот.

Северна Македонија и Европската Унија одржуваат редовни политички и експертски консултации за прашања во доменот на Заедничката надворешна и безбедносна политика кои имаат за цел утврдување на заеднички позиции во однос на актуелниот развој на меѓународната сцена, но и во насока на подигнување на институционалните капацитети на земјата за идното целосно учество во оваа заедничка политика на Европската Унија.

Значаен аспект во соработката на овој план е и придружувањето кон заедничките декларации, изјави и други правни акти на Европската Унија. Во тие рамки, остварен е висок степен на придружување кон позициите на Унијата, што е предмет на оценување и во годишните извештаи на Европската Комисија за подготвеноста на земјата за членство.

Исто така, Северна Македонија во најголема мера се придружува и ги применува одлуките на Советот на Европската Унија со кои се воведуваат рестриктивни мерки (санкции) против држави, ентитети, организации или лица кои го поткопуваат мирот и стабилноста во светот. Придружувањата кон одлуките на Советот за воведување на рестриктивни мерки  се спроведуваат врз основа на Законот за рестриктивни мерки (усвоен во 2017 година). 

Законот за рестриктивни мерки го регулира воведувањето, изменувањето и престанувањето на важењето на рестриктивните мерки.  Согласно Законот формирано е Координативно тело за следење на спроведувањето на рестриктивните мерки кон кои се приклучила Република Северна Македонија, за период од четири години, а во чија надлежност е надзор врз спроведувањето на рестриктивните мерки. Стручно-административните работи за координативното тело ги врши Министерството за надворешни работи.


Во однос на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, која е важна компонетна во надворешната политика на Европската Унија, Северна Македонија настојува да даде свој придонес во остварувањето на заедничките цели преку учество со персонал и експертиза во воената мисија на Европската Унија - ЕУФОР АЛТЕА (Босна и Херцеговина).  Во контекст на зголемување на своето учество во меѓународните мисии предводени од ЕУ, во соработка со Република Франција, а согласно своите можности и капацитети, Република Северна  Македонија придонесува и со штабен персонал во Мисијата на ЕУ EUTM RCA, во Централноафриканската Република.

Со напредокот во интеграцијата во Европската Унија, учеството во овие две заеднички политики на ЕУ добива на интензитет и квалитет, а за значењето кое им се придава говори фактор што дискусиите на овие теми имаат високо место во редовниот политички дијалог. 

Правната и институционалната рамка за учеството во Заедничката надворешна и безбедносна политика, која меѓу другото се развива и преку Националната програма за приближување кон ЕУ, како и нашите активности во оваа сфера, се предмет на редовно оценување на Европската Комисија за исполнување на критериумите за членство.

 

Последно ажурирање: 19 февруари 2020