Посети ја Република Северна Македонија


Северна Македонија е претежно планинска земја, со спектакуларни планински реки, водопади скриени длабоко во шумите и чисти и студени планински езера. Животот, во сите свои облици, цути на вакво место, од ретки видови до извонредни зелени пејзажи. 

Охрид е веројатно вистинското место за да ја започнете својата посета. Ниту едно друго место во земјата не може да ви понуди толку многу и толку разновидни нешта. Охридското Езеро е едно од најстарите езера во Европа. Се наоѓа на висина од 693 метри, во живописна област од околу 350 квадратни километри и е познато по својата кристално чиста вода која има подводна видливост до неверојатни 22 метри. 

Охридското Езеро го заслужува епитетот „Македонското слатководно море“, не само поради пријатната сина боја, која е попродорна од небесното синило, туку и поради нејзината површина и затоа што привлекува илјадници туристи секое лето. Неговите единствени природни услови го овозможија опстанокот на животински организми дури од терциерниот период, поради што Охридското Езеро честопати се нарекува музеј на живи фосили. Во 1979 и 1980 година, околните убавини и градот Охрид заедно со езерото беа прогласени од УНЕСКО за природно и културно светско наследство, единственото во Северна Македонија. Тоа е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа што задржало неверојатно разновидност на уникатна флора и фауна. Сместено е на одлична туристичка локација и привлекува илјадници туристи од целиот свет. На северниот брег, античкиот град Охрид се издига над езерото, сместен на двоен рид на чија што највисока точка се наоѓа Самоиловата тврдина. Познатите охридски бисери се изработени од крлушките на ендемската охридска плашица што ги прави уникатни. Охридскиот бисер е несомнено најдобриот сувенир од Охрид.  

Турата можете да ја продолжите со посета на планината Пелистер која се одликува со раскошни, добро наводенети шуми и уникатни геолошки формации. Тука се наоѓа најстариот национален парк во Северна Македонија. Планината Баба се издига над градот Битола и е третата највисока планина во Северна Македонија. Има повеќе од 20 врвови со над 2.000 метри надморска височина одделени со длабоки долини и највисокиот врв е Пелистер (2.601м). Планината Пелистер е најдобро позната по автохтониот петолистен бор – Молика. Убавината на пределот е збогатена со разновидниот животински свет, ендемската пелистерска пастрмка и пелагониската поточна пастрмка, два вида што особено се издвојуваат од другите. Планината Баба е убава во секое годишно време, но периодот од мај до септември се смета за најдобар за планинско качување, пешачење и велосипедизам. На врвот од планината се крие нашето трето ремек-дело на природата, две леднички езера, „Големо“ и „Мало Езеро“ познати и како Пелистерски Очи. „Големо Езеро“ се наоѓа на надморска височина од 2.221 м., а „Мало Езеро“ на височина од 2.180 м. 

Маврово е уште едно одлично место за посета. Областа располага со многубројни реки и извори на чиста вода. Националниот парк Маврово е најголемото заштитено подрачје во земјата. Тука се и 17те леднички езера што го надополнуваат извонредниот пејзаж. Алпската клима се комбинира со зелени ливади, густи шуми и карпести врвови. Снегот што се топи го храни највисокиот водопад во Северна Македонија со вкупен вертикален пад од 136 метри. Задолжително е секој посетител што е љубител на возбуда да помине еден ден пешачејќи, возејќи велосипед или планинарејќи низ оваа област.

Куклица е уште едно одлично место за посета. Станува збор за геолошка формација од карпи и камења сместена околу 8 километри северозападно од Кратово. Според некои, карпите биле формирани пред 10 милиони години од природниот феномен на ерозивни столбови, а поради интересниот изглед на овие столбови што наликуваат на човечки фигури – ова преставува ретка природна појава и вистинско ремек-дело на природата што вреди да се види.


Промоција на туризмот

Целта на промовирањето на Република Северна Македонија како извонредна бизнис и туристичка атракција е привлекување на поголем број туристи од целиот свет, во нашата земја и обезбедување на интернационализација на македонскиот бренд. За да се постигне тоа, неопходно е континуирано промовирање на  Република Северна Македонија, како бренд на регионален и глобален план. Тоа е предуслов со цел активностите на промовирање  на нашата земја на инвестиционен и туристички план, да ги дадат саканите резултати. 

Анализите од претходните години  покажуваат покачување од 12% на странски туристи и бројот на ноќевања за 15% споредбено со изминатите две години. Порастот во бројот на туристи и ноќевања се одразува и во пораст на девизниот прилив по ставка туризам од 16.7% за 2018. Бројките покажуваат континуирано остварување на стратешките цели и приоритети на Владата, со цел  издигнување на земјата на пиедесталот на конкурентниот светски туристички пазар, и поставување на Република Северна Македонија во центарот на туристичката мапа.

Последно ажурирање: 23 ноември 2020