Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија континуирано работи на исполнување на највисоките приоритети во надворешната политика на државата, како што се полноправното членство во НАТО и отпочнувањето преговори за членство во Европската унија. Се вложуваат напори за промоција на македонските економски интереси и за привлекување странски инвестиции во земјата, во согласност со стремежите на Владата на Република Северна Македонија за обезбедување повисок стандард и благосостојба на своите граѓани. За таа цел, се превземаат активности за зајакнување на позицијата на Северна Македонија во меѓународната заедница преку развивање на билатералните односи, добрососедските односи, регионалната соработка и соработката во мултилатералните организации.
Министерството за надворешни работи е посветено на континуираната изградба и обука на дипломатскиот кадар и на подобрувањето на техничките услови за функционирање и на Министерството и на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, како неопходни предуслови за успешно постигнување на планираните цели, и меѓудругото натамошното унапредување на процесот на давање конзуларни услуги и грижа за дијаспората.
Надлежности на МНР
Во вршењето на надворешните работи Министерството:
- ја претставува и афирмира Република Северна Македонија и ги развива и координира билатералните и мултилатералните односи и соработката со други држави и меѓународни организации;
- ја спроведува надворешната политика;
- обезбедува координација меѓу органите надлежни за вршење на надворешните работи во вршењето на надворешните работи;
- води постапка за воспоставување и прекинување на дипломатски и конзуларни односи со други држави, како и постапката за зачленување и воспоставување на односи со меѓународни организации;
- ги заштитува интересите, правата и имотот на државата и на нејзините државјани и правни лица во странство;
- ги презема активностите поврзани со спроведувањето на одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации во поглед на рестриктивните мерки, усвоени согласно со одредбите на Поглавјето ВИИ на Повелбата на ОН;
- го координира учеството на Република Северна Македонија во Заедничката надворешна и безбедносна политика и Европската безбедносна и одбранбена политика на Европската унија;
- обезбедува координација на надворешно-политичките аспекти од учеството на Република Северна Македонија во мисиите и операциите за одржување на меѓународниот мир и безбедност;
- го следи развојот на меѓународните економски односи и предлага соодветни одлуки до надлежните органи;
- се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседството;
- се грижи за положбата и човековите права на припадниците на заедниците, државјани на Република Северна Македонија во странство;
- се грижи за положбата и човековите права на државјаните на Република Северна Македонија кои привремено или постојано престојуваат во странство, како и за иселениците;
- ги организира и раководи со дипломатско-конзуларните и другите претставништва на Република Северна Македонија и го организира системот на врски со нив;
- учествува во склучувањето, подготвувањето за ратификација и чувањето на меѓународните договори кон кои пристапила Република Северна Македонија;
- го следи и придонесува во развојот на меѓународните односи и на меѓународното право;
- ја определува и обележува државната граница, ги одржува и обновува граничните белези и учествува во решавањето на граничните инциденти;
- ги предлага и спроведува визната политика и визниот режим на Република Северна Македонија;
- раководи со Визниот центар и со визниот информациски систем со кој се обезбедува поврзаност на сите сегменти во процесот на спроведувањето на визниот режим на Република Северна Македонија;
- комуницира со и ја координира соработката со странските дипломатскоконзуларни претставништва и со мисиите на меѓународните организации во Република Северна Македонија;
- ги води протоколарната постапка за акредитација и постапката по акредитивните писма на странски амбасадори, протоколарната постапка за признавање на привилегии и имунитети на странските дипломатски претставништва, почесните конзулати и на претставништвата на меѓународните организации, во согласност со меѓународното право;
- ја предлага, подготовува и ја води протоколарната постапка за именување и отповикување на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва и почесните конзули на Република Северна Македонија;
- jа спроведува постапката за продажба, купување, изградба и размена на недвижни ствари, врши работи кои се однесуваат на давање на користење и престанок на правото на користење на недвижни ствари, давање и земање во закуп, давање и примање на дар и одржување на недвижни ствари, што ги користат дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија,
- ја спроведува постапката за продажба и размена на движни ставри врши работи кои се однесуваат на давање на користење и престанок на правото на користење на движни ствари, давање и примање на дар на движни ствари, што ги користат дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, како и постапката за враќање на движни ствари од дипломатско-конзуларно претставништво во Министерството за надворешни работи.
- ја собира и чува домашната и странската документација од областа на надворешната политика и меѓународните односи на Република Северна Македонија во Дипломатската архива на Министерството;
- го известува претседателот за најзначајните прашања во остварувањето на надворешната политика на државата и дава мислења и предлози во врска со надворешно-политичките прашања од негова надлежност, вклучувајќи ги и безбедносните и одбранбените аспекти кои произлегуваат од меѓународните односи;
- учествува во подготовката и примената на актите и иницијативите на претседателот, согласно со надлежностите на Министерството;
- остварува соработка со здруженија на граѓани и со научни и стручни институции;
- го координира спроведувањето на политичките ставови за учеството во операции за одржување на меѓународниот мир и безбедност, во соработка со надлежните министерства и врши други работи определени со закон.
Дипломатска традиција
На 29 април 1969 година, со Указ потпишан од Претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија е воспоставено „Биро за односи со странство“. Ова тело понатаму ќе мине низ неколку трансформации, притоа менувајќи го своето име, но и проширувајќи и продлабочувајќи го доменот на својата активност. Во моментот на осамостојување на Република Македонија од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, овој орган се вика Секретаријат за односи со странство и претставува основа на денешното Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија. По тој повод, 29 април е прогласен за ден на Министерството за надворешни работи.
Дигитална дипломатија
Оперативното делување на дипломатската структура на Република Северна Македонија треба тековно да ги применува новите технички и технолошки достигнувања и иновации во комуникациите за ефикасно одговарање на актуелните предизвици во одбрана на интересите на државата и на нејзините граѓани во однос на странски субјекти. Кон овие развојни трендови перманентно се адаптираат и дипломатските методи и техники.
За таа цел, Министерството за надворешни работи ги охрабрува нашите дипломати целосно да ги искористат можностите што ги нудат социјалните медиуми, да придонесат кон исполнувањето на редовните активности и стратешките цели на МНР.
Министри за надворешни работи во владата на Република Северна Македонија од осамостојувањето до денес
д-р Денко Малески 20.03.1991 - 09.02.1993
г-дин Стево Црвенковски 09.02.1993 – 23.02.1996
д-р Љубомир Фрчковски 23.02.1996 – 29.05.1997
д-р Благоја Ханџиски 29.05.1997 – 30.11.1998
г-дин Александар Димитров 30.11.1998 – 30.11.2000
д-р Срѓан Керим 30.11.2000 – 13.05 2001
д-р Илинка Митрева 13.05.2001 – 30.11.2001
г-дин Слободан Чашуле 30.11.2001 – 01.11.2002
д-р Илинка Митрева 01.11.2002 – 26.08.2006
м-р Антонио Милошоски 26.08.2006 – 28.07.2011
м-р Никола Попоски 28.07.2011 - 01.06.2017
м-р Никола Димитров 01.06.2017 - 30.08.2020
д-р Бујар Османи 30.08.2020 -