Османи на трансатлантска работна вечера во Њуjорк

23 септември 2022

Во организација на Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања во Стејт департментот, на маргините на 77-то Генерално собрание на ОН, во Њујорк се одржа традиционалната годишна Трансатлантска вечера.

Во фокусот на разговорите беа актуелните предизвици со кои се соочува трансатланстската заедница, со посебен акцент на последиците од руската воена агресија врз Украина, справувањето со енергетската криза, зголемување на отпорноста на демократиите, како и приоритетите за дејствување во трансатлантските односи.

 

Во своето обраќање, Османи го поздрави единството на НАТО сојузниците во однос на бескомпромисната поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, воедно нагласувајќи ги досега преземените низа чекори и мерки во одговор на руската агресија, од страна на Северна Македонија како кредибилна членка на Алијансата.

 

Дополнително, Османи ја нагласи потребата од забрзување на евро – атлантските интеграции на земјите од регионот на Западен Балкан, како значаен влог во регионалната, но и европската стабилност.

 

“Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е особено значајно во насока на обезбедување стабилен и отпорен регион во актуелниот несигурен геополитички контекст. Воедно, со цел зачувување на регионалната, европската, но и трансатлантската безбедност се налага и потребата од засилен ангажман и присуство на НАТО и САД на нашите простори.” – заклучи Османи.