Соопштение

17 јануари 2022

Поради влошената епидемиолошка  ситуација во Република Бугарија и во Европа, согласно најновата одлука на бугарското Министерство за здравство, изменет е режимот за влез и за државјаните на Република Северна Македонија, почнувајќи од 19-ти јануари, со која се ограничува влезот за сите таканаречени не-есенцијални патувања во земјата (во исклучоците спаѓаат медицински лица, хуманитарни работници, студенти, лица со регулиран престој, делегации и слично).

Информираме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е во постојана комуникација со надлежни институции во Република Бугарија и колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји. 

Информираме дека до стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод, и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените не-есенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест,  и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.

Во било кој случај, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети, и тие исто така ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува 10 дневен карантин.

Ги предупредуваме граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи, со цел да не се доведат во ситуација да бидат вратени од страна на пограничните власти во Бугарија.