Виртуелната изложба „50 години Франкофонија – поглед од Северна Македонија“

26 ноември 2020

ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, БУЈАР ОСМАНИ, НА ОТВОРАЊЕТО НА ВИРТУЕЛНАТА ИЗЛОЖБА „50 ГОДИНИ ФРАНКОФОНИЈА – ПОГЛЕД ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“

 

Дами и господа, драги пријатели франкофони, почитувачи на францускиот јазик

 

Добредојдовте на виртуалената изложба „50 години Франкофонија – поглед од Северна Македонија“ со која Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија го одбележува големиот јубилеј – 50 годишнината од втемелувањето на Франкофонијата.

Изложбата  преку автентични фотографии од архивата на Министерството, Францускиот Институт од Скопје и други институции и приватни лица,  ја прикажува франкофонската традиција на нашата земја, местото и улогата на францускиот јазик во нашето општество, како и културната франкофонска размена  која се надоврзува на мултикултурната и мултилингвистичка традиција и реалност на нашата земја. Преку прикажаните фотографии може да се следи патот на Република Северна Македонија кон Франкофонијата,  како заложба да се биде дел од едно семејство на споделени вредности и солидарност кое, земајќи го францускиот јазик како изворишна точка, настојува да придонесе за решавање на предизвиците на денешниот свет, останувајќи посветено на базичните принципи на демократијата, човековите права и културната и јазична разновидност.

Оваа изложба требаше да биде отворена во холот на Министерството за надворешни работи, во март 2020 година, како дел од одбележувањата на 50 годишнината од Франкофонијата што се одвиваат – тоа посебно сакам да го нагласам – под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Епидемиолошката состојба со пандемијата на Kовид 19 не спречија  привремено во реализацијата на таа идеја, но со истиот ентузијазам, гордост и заложби за иднината, ја претставуваме изложбата виртуелно, со надеж дека ќе може да организираме и нејзино физичко поставување во март 2021г., за Деновите на Франкофонијата.

Би сакал, во оваа пригода, да им се заблагодарам на сите кои со својот труд и посветеност дадоа придонес во подготовката на изложбата. Посебна благодарност упатувам на нашиот партнер – Францускиот институт од Скопје, како и на Здружението на професори по француски јазик во Република Северна Македонија. Изложбата виртуелно ја поставуваме токму на Меѓународниот ден на професори по француски јазик,  26 ноември. Честитајќи им го денот, изразувам голема почит за нивната благородна мисија во ширењето на јазикот на Молиер во нашата земја. Оваа изложба им е посветена ним,  но и на сите пријатели на францускиот јазик и на Франкофонијата.