Телефонски разговор на заменикот-министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски, со министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани

07 август 2020

Денеска (7-ти август 2020 година), заменикот-министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски, оствари телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани.

Во телефонскиот разговор стана збор за можностите за унапредување на билатералната и мултилатералната соработка. Во тој контекст, ЗМНР Жерновски изрази уверување дека неодамнешното воспоставување на дипломатски односи, отвара нови можности за поблиска соработка меѓу двете земји.

Во разговорот беше констатиран високиот степен на совпаѓање на приоритетите на двете земји во меѓународните организации, во насока на зајакнување на мултилатерализмот, унапредување на мирот и одржливиот развој. Заменикот-министер Жерновски ја пренесе силната посветеност на Република Северна Македонија кон меѓународната соработка, како клучна во решавање на предизвиците пред кои сме исправени.

Во овој контекст, стана збор за кандидатурите на двете земји во Советот за човекови права на Обединетите нации и можноста за меѓусебна поддршка како и за поблиска соработка во рамки на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Советот на Европа.