Денес преку видео конференција се одржаа политички консултации помеѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Литванија предводени од Заменик министерот Фатмире Исаки и Вицеминистерот Арнолдас Пранкевичиус.
За време на разговорите, двете страни резменија мислења на повеќе теми, а пред сè за развојот на билатерални односи меѓу двете земји со акцент на економската соработка, реформските процеси во Република Северна Македонија, соработката во рамките на НАТО, мултилатералната соработка како и евроинтегративниот процес и потребата од што поскоро отпочнување на пристапните преговори помеѓу нашата земја и ЕУ.
Заменик министерот Исаки се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Литванија за процесот на проширување на ЕУ како и во евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија. Во таа насока нагласи дека и покрај непринципиелните пречки со кои се соочува, Република Северна Македонија ќе продолжи на својот пат кон целосна интеграција во Унијата. Во таа насока, беа разгледани можностите за продлабочување на соработката на билатерален план преку твининг проекти и размена на искуства во ЕУ преговарачкиот процес особено во областите: управување со процесот на пристапување, стратешко планирање, децентрализирано управување со помошта од ЕУ и финансиска контрола, реформа на јавната администрација, правда и внатрешни работи, безбедност на храна итн.
Вицеминистерот Пранкевичиус изрази задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и ја подвлече заложбата за натамошно продолжување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Тој ја повтори поддршката на литванската Влада за што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.