Министерството за надворешни работи со осуда на говорот на омраза во Народното собрание на Бугарија

25 June 2022
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро ги осудува вчерашните написи "Македонија е Бугарија", кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието за првата точка на Народното собрание на Република Бугарија, но и усмено пренесени од говорница, за време на истата седница.
 
Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот.
 
Република Северна Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
 
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи.
 
Скопје, 25 јуни 2022 година