Сесија Западен Балкан - управување во турбулентни времиња

23 June 2022

 

Во рамки на Преспа форумот за дијалог, во текот на вториот ден од Конференцијата се одржа сесија насловена "Западен Балкан - управување во турбулентни времиња" чиј домаќин беше заменик Претседателот на Владата за Европски прашања, Бојан Маричиќ.

Во своето воведно обраќање, ЗПВ Маричиќ ја истакна важноста на кредибилната ЕУ перспектива за сите земји од регионот, согласно нивниот напредок во внатрешните реформи. Руската агресијата врз Украина и последиците од војната, уште еднаш потврдија дека времето е од особено значење кога се зборува за донесување на стратешки одлуки од страна на ЕУ.

"ЕУ отсекогаш била и ќе биде најважниот политички и мировен проект. Но очигледно е дека политиката на проширување е во криза. Од последното проширување на Унијата поминати се цели 9 години. Неопходен е јасен план за проширување за Западниот Балкан.

За да ја илустрираме ситуацијата сметам дека некои ставови треба да ги разјасниме  и да ги изговориме гласно. За да бидеме свесни која е стартната точка за анализа. ЕУ сè уште е политички и мировен проект. Ако тоа не беше случај, воопшто немаше да зборуваме за украинските перспективи, за придружување на сите држави од источното партнерство. Затоа, важно е да се има на ум дека ЕУ е сè уште многу повеќе политички и мировен проект, отколку само економски или проект на заеднички пазар", подвлече Маричиќ.

Панелисти на оваа сесија беа Доника Гервала, МНР на Косово, Алеш Хмелар, ЗМНР на Чешка,       Меги Фино, ЗМНР на Албанија, Ангелина Ајхорст, директор за ЗБ во ЕЕАС, Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за ЗБ, Стјуарт Пич, Специјален претставник на ОК за ЗБ, Мануел Сарацин, специјален претставник на Германија за ЗБ, Јоханес Ајгнер, специјален претставник на Австрија за ЗБ, додека преку видео порака се обратија Пјеро Фасино, претседател на Комисијата за надворешни работи на Италијанскиот парламент, и Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.

Во фокусот на дискусијата беше влијанието на најновите геополитички настани врз интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, политичката волја да се оди над стерилната дихотомија меѓу европската перспектива и кредибилен процес на пристапување на земјите од регионот, потребата за надминување на геостратешка „неодлучност“ на ЕУ,, како и додадената вредност која земјите од регионот ја дават на Унијата.

 

Охрид, 17 јуни 2022 г.