Учество на МНР Димитров на тркалезна маса со тема „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020: Евалуација на стандардите за човековите права во Северна Македонија низ призмата на Повелбата на Европската Унија за фундаментални права, во пресрет на отворањето на ЕУ пристапните преговори“

07 July 2020

Утре (среда, 8 јули 2020 год.) со почеток во 10 часот на отворениот простор во Музејот на современа уметност во Скопје, во организација на Министерството за надворешни работи, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот Комитет за човекови права, ќе се одржи тркалезна маса на тема: „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020: Евалуација на стандардите за човековите права во Северна Македонија низ призмата на Повелбата на Европската Унија за фундаментални права, во пресрет на отворањето на ЕУ пристапните преговори”.

Воведни обраќања на темата ќе имаат министерот за надворешни работи Никола Димитров и Народниот првобранител и набљудувач во Агенцијата на ЕУ за фундаментални права, Иџет Мемети. Главен говорник ќе биде директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, а презентации ќе имаат и претставници на надлежни институции и граѓански сектор. Се очекува дискусијата да ги опфати главните наоди во извештајот на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права во однос на Република Северна Македонија, да се осврне на клучните предизвици во оваа област пред и во текот на пристапните преговори со ЕУ, соработка со граѓанскиот сектор при промоцијата и заштитата на човековите права, подобрувањето на капацитетите на институциите во насока на уживање на човековите права, примената на пристапот за човекови права во институционалните процеси, како и улогата на меѓународните инструменти, надзорни механизми и техничката соработка во функција на човековите права и фундаментални слободи.

Настанот се организира водејќи се од компаративните практики во рамки на ЕУ за промоција на наодите од Извештајот на национално ниво, како и важноста од подигнување на свеста за работата на Агенцијата и Повелбата за фундаменталните права.

Замолуваме медиумите најдоцна до утре до 8:30 часот наутро да најават присуство на новинари / сниматели / фоторепортери на следната е-меил адреса: pr@mfa.gov.mk

Воедно, би сакале да ве информираме дека ќе бидат применети сите здравствени протоколи/мерки (носење на заштитни маски, соодветна дистанца, негруприрање на маргините од настанот итн.) релевантни за безбедна организација на ваков тип на настани. Во таа смисла меѓу другото, на учесниците/гостите на настанот при пристигнување ќе им биде мерена телесната температура, заради што препорачливо е да се дојде 15-тина минути пред почетокот на настанот.