Министерство за надворешни работи

Наша заложба е да ги промовираме и застапуваме нашите интереси на меѓународен план. Евро-атлантската и европската интеграција се главни приоритети во нашето работење, воедно залагајќи се за безбеден, стабилен и просперитетен регион, како и развивање на поширока билатерална и мултилатерална соработка. Претставуваме сервис на граѓаните, обезбедувајќи конзуларни услуги за нашите државјани во странство.

+389 75 273 732

[email protected]

Најнови вести

Пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија и посветеноста на ЕУ на Западен Балкан

Зад сите нас е една многу тешка недела во која на насловните страници и во нашите мисли доминираше пандемијата со коронавирусот и глобалните последици од неа. Оваа ситуација засени и една важна одлука што не го доби заслуженото внимание. Среде кризата со коронавирусот, Европската Унија одлучи да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова се добри вести за двете држави, за Западниот Балкан и за цела Европа. "Среде кризата со коронавирусот, Европската Унија одлучи да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова се добри вести за двете држави, за Западниот Балкан и за цела Европа". ЏОЗЕФ БОРЕЛ Со донесувањето на оваа важна одлука во вакви тешки времиња, ЕУ постигна напредок во едно навистина важно политичко прашање и испрати јасен сигнал и јасна порака за Западен Балкан. ЕУ покажа дека е обединета во однос на една од нејзините приоритетни политики и го направи тоа додека се справува со глобална криза. Одлуката навистина е „зрак светлина во мракот што нè опкружува“ како што кажа мојот почитуван колега и министер за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, коментирајќи ја одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Побаравме многу од двете земји и тие го исполнија тоа. Сега и ЕУ ја донесе вистинската одлука од наша страна. Ова е охрабрувачка порака дека напорната работа и вистинското лидерство од двете страни даваат резултати. Во истата насока, сакам да ѝ честитам на Северна Македонија за тоа што стана 30 земја членка на НАТО оваа недела. Ова е важен чекор, кој дополнително ги консолидира европската и трансатлантската безбедност. Со нетрпение очекувам да работиме заедно и во рамките на соработката меѓу ЕУ и НАТО. Со почетокот на пристапните преговори, пред нас има многу работа и отворањето на преговорите беше само првиот чекор на еден интензивен процес. Треба да се направат длабоки социјални, политички и економски реформи пред чекорот до полноправно членство. За овие трансформации природно е потребно време и труд, но важно е „зракот светлина“ за две дополнителни земји да го охрабри и преостанатиот дел од регионот да го направи тоа што е потребно и да ја следи патеката на реформите. За доброто на граѓаните на Западен Балкан. Во вакви времиња, кога сите се бориме со невидена криза и нејзините последици, треба да покажеме што навистина значи европската и глобалната солидарност. Солидарноста не смее да биде само збор што го употребуваме без никакви обврски. Солидарноста мора да се докаже со дела. Во ЕУ, земјите членки покажуваат солидарност со тоа што некои од нив примаат пациенти од преполните болници од други земји членки, како и со делењето лична заштитна опрема меѓу себе. Се одвива и заедничка работа, за да се осигури репатријација на граѓани заглавени низ светот. А не ги забораваме ни луѓето од Западен Балкан. Оваа недела ЕУ најави пакет на билатерална финансиска помош за сите шест партнери во регионот. Ќе обезбедиме до 38 милиони евра за директна помош за справување до ситуацијата поврзана со COVID-19. Со овие пари ќе се купуваат респиратори, маски и друга медицинска опрема, се плаќаат летовите за достава на помош и се покриваат нужните потреби на луѓето. Дополнително, ЕУ одлучи да го поддржи регионот со прераспределба на 374 милиони евра за социјално и економско закрепнување на регионот по завршувањето на критичната ситуација. Ова значи спасување работни места, бизниси, општествени придобивки, значи да им се дозволи на луѓето да продолжат со своите животи откако ќе ја надминеме оваа пандемија. Дозволете ми да ви ги претставам конкретните детали за директната помош на ЕУ за здравствените сектори на индивидуални западнобалкански земји и поддршката за социјално и економско закрепнување:
  • Албанија: 4 милиони евра поддршка за здравствениот сектор; 7 милиони евра за социјално и економско закрепнување. Ова го следи обезбедувањето директна хуманитарна помош од страна на ЕУ и донаторската конференција на која беа ветени повеќе од 1 милијарда евра за реконструкција на Албанија по катастрофалниот земјотрес што се случи во ноември минатата година.
  • Босна и Херцеговина: 7 милиони евра за поддршка на здравствениот сектор и 74 милиони евра за социјално и економско закрепнување. Граѓани на Босна и Херцеговина, исто така, успеаја да се вратат дома од Мароко со лет за репатријација организиран од ЕУ.
  • Косово: 5 милиони евра поддршка за здравствениот сектор, 63 милиони евра за социјално и економско закрепнување.
  • Црна Гора: 3 милиони евра поддршка за здравствениот сектор, 50 милиони евра за социјално и економско закрепнување.
  • Северна Македонија: 4 милиони евра за директна поддршка за здравствениот сектор, 62 милиони евра за социјално и економско закрепнување.
  • Србија: 15 милиони евра за директна поддршка за здравствениот сектор, 78 милиони евра за социјално и економско закрепнување.
Западен Балкан може да смета на солидарноста на ЕУ. И тоа не само во времиња на криза. ЕУ е главен донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан. Од 2014 година, ЕУ додели повеќе од 1 милијарда евра како поддршка на луѓето од Западен Балкан. Ова се важни факти што ја докажуваат вклученоста на ЕУ во регионот и нејзините напори за борба против вирусот, како во ЕУ така и надвор, вклучително и во Западен Балкан. Ова е време кога треба да станеме сериозно во врска со солидарноста и соработката. Треба да работиме рамо до рамо, солидарно, поддржувајќи се едни со други, бидејќи никој не може сам да се справи со моменталната ситуација. ИЗВОР: ЕЕАС
ЛИНК: 
https://eeas.europa.eu/headquarters/headquarters-homepage/76696/accession-talks-albania-and-north-macedonia-and-eu%E2%80%99s-commitment-western-balkans_en

Досега во организација на МНР направена репатријација на 1842 македонски граѓани

По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, до сега (понеделник,  30 март, 14ч.) во организација на МНР е направена репатријација на 1842 наши државјани. Од нив, 1097 се репатрирани од 5 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија) со 7 авиони и тоа од: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, а 150 граѓани со 3 хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Словенија и Истанбул. На 446 наши државјани им беше пружена помош од Министерството за надворешни работи преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка пак во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата. За денес во вечерните часови е планиран лет за враќање на околу 160 наши граѓани од Базел според најавите, а согласно заклучоците на Кризниот штаб и Владата, МНР ќе излезе со дополнителни навремени информации за следните планирани активности. Министерството за надворешни работи, заедно со Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, како и другите надлежни органи кои се дел од овој исклучително сложен и деликатен процес, ќе продолжат со вложување на максимални напори при остварувањето на двата државни интереси – помош на граѓаните затекнати во странство и заштита на здравјето на граѓаните дома. Во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, овозможвиме репатријација и на повеќе од 400 странски државјани кои од Скопје се враќаат во своите земји, меѓу кои: Австрија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др. На тој принцип им беше помогнато и на 4 наши државјани кои со чартер лет од Австрија беа пренесени од Перу до Виена, а Министерството и покрај првичниот фокус за репатријација на нашите граѓани затекнати во Европа, ќе продолжи со напорите за пронаоѓање начини за враќање и на оние кои се затекнати на другите континенти, во соработка со други земји и партнери од регионот и пошироко.

МНР Димитров упатува јавна благодарност до австрискиот МНР Шаленберг за помош при репатријација на наши граѓани од Перу

Информираме дека 4 македонски граѓани кои беа затекнати како туристи во Лима, Перу, по телефонски разговор Димитров - Шаленберг, во организација на амбасадите на Северна Македонија во Виена и во Бразилија, а во соработка со австриските власти, денеска со чартер лет на Аустријан Ерлајнс слетаа во Виена.   Во исклучително отежнати услови за репатријација особено за затекнатите граѓани на други континенти, упатуваме голема благодарност до министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, како и до австриското МНР, за солидарноста која е повеќе од потребна во овие моменти при заемното помагање помеѓу земјите. Водени од тие принципи  и Министерството за надворешни работи на Република Серверна Македонија досега им излезе во пресрет на 9 странски државјани: 4 од Хрватска, 4 од Црна Гора и 1 од Косово, на летовите кои беа организирани за репатријација на македонски граѓани од Малта и Хрватска. Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со надлежните власти на земјите од регионот и од земјите членки на ЕУ, правејќи напори за преземање на нашите граѓани од другите континенти со заеднички прекуокеански лет, како што беше и случајот со Австрија.

Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија:

Никола Димитров

Совети при патување во странство

Советите за патувања се извор на информации за граѓаните кои патуваат во други земји. Овие совети ќе ви помогнат да донесете информирани одлуки во врска со вашата безбедност додека престојувате во странство.

Прочитај повеќе
Посети ја Северна Македонија

Прочитај повеќе