Министерство за надворешни работи

Наша заложба е да ги промовираме и застапуваме нашите интереси на меѓународен план. Евро-атлантската и европската интеграција се главни приоритети во нашето работење, воедно залагајќи се за безбеден, стабилен и просперитетен регион, како и развивање на поширока билатерална и мултилатерална соработка. Претставуваме сервис на граѓаните, обезбедувајќи конзуларни услуги за нашите државјани во странство.

Најнови вести

Обраќање на Министерот за надворешни работи Бујар Османи по повод 2 Август, Илинден

Драги пријатели и познаници, почитувани граѓани и сограѓани: Македонци и Албанци; Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци Денес е втори август – Илинден!; важен ден во историски контекст за нашата земја; важен празник преку кој го негуваме значењето на вредностите на Крушевскиот манифест и Асномските заклучоци, кои заедно со Охридскиот рамковен договор ги вреднуваме како столбови во изградбата на нашата заедничка држава. Во современиот контекст, ова е празник кој создава мостови и за внатрешно и надворешно поврзување. Ние сме растени со идејата дека Илинден преставува паметник на заедништвото на народите кои живееле на овие простори; затоа денес со право очекуваме Илинден да прерасне во современик преку кој ќе ги одбележуваме заедничките историски вредности. А денес сме исправени пред поинакви предизвици. Нашите стратешки интереси, уште од самото осамостојување на државата, се преточени во нашата амбиција за полноправно членство во Северноатлантската алијанса и Европската Унија. Успехот да станеме 30та земја членка на НАТО само ја потврдува нашата правилна патека да градиме заедништво и интеграција, следејќи ги вредностите кои ги симболизира и денешниот празник. Онака како што преку Охридскиот рамковен договор ја зацврстивме внатрешната интеграција, онака како што преку договорот од Преспа ги надминавме разликите со нашиот сосед Грција, така и преку имплементација на Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија. Илинден е важен ден и за нашите соседи во Република Бугарија. За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе не обедини; историски настан преку чие заедничко одбележување ќе покажеме меѓусебна почит и меѓусебно признание. А изразувајќи почит кон различноста, кон различниот поглед на историските текови, денес преземаме обврска да создадеме современи општествени текови кои ќе овозможат заедничка иднина за граѓаните на двете држави. Преку засилена секторска соработка им овозможуваме на граѓаните, на бизнисите, на уметниците и сите останати општествени чинители да ги надградуваат меѓусебните релации без разлика на политичките разлики. Паралелно, преку работата на мешовитата експертска комисија ќе продолжиме да ги бараме точките кои нѐ поврзуваат, отстранувајќи ги разликите кои не оддалечуваат. И не само како предизвик за билатералниот односи со Бугарија, туку како земја во која индивидуалните права претставуваат основа за колективните придобивки, ние изразуваме јасна волја - во општествена, законска, па дури и во уставна смисла - да им обезбедиме на сите оние граѓани на Северна Македонија, кои себеси се чувствуваат како дел од бугарскиот народ, слободно да ја изразат таа волја, почитувајќи го притоа и нивниот различен поглед кон заедничката историја. Но тоа на ниту еден начин не смее и не може да прерасне во наметнување на овој поглед врз нашите граѓани кои имаат различна перспектива кон заедничката историја. Посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик претставуваат реалност во секоја смисла; а Македонците, како и сите други народи, имаат право на сопствени чувства, на сопствени убедувања и сопствен поглед кон историските настани и контексти – колку и да се тие заеднички. Затоа е Илинден важен и денес. Затоа што преку одбележување на историските настани кои нѐ поврзуваат, изразуваме почит кон современите посебности.

Нека ни е честит празникот!

Средба Османи - Сагарц

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со европратеникот Кристијан Сагарц кој е во иницијална посета на Република Северна Македонија откако ја презеде должноста известител во сенка (на Европската народна партија – ЕПП)  за нашата земја. На средбата беа разменети мислења и видувања за политиките на проширување на ЕУ, нашето портфолио и за улогата на Европскиот парламент и заедничките напори за суштински пробив во процесите на интеграција. Министерот Османи ја подвлече извонредно важната улога на Европскиот парламент во промоцијата на европската интеграција како важна политика на ЕУ и како институција која во континуитет ги поддржува политичките аспирации, напорите и очекувањата на Република Северна Македонија (и земјите од нашиот регион) за видлива и опиплива европска перспектива. Европскиот парламент е докажан пријател на нашата земја. Поддршката која ја добиваме од разните политички групи е конзистентна, континуирана, но и аргументирана.  Реформскиот напредок во последните години е плод на политичка волја, партнерска поддршка, но и верба во европските вредности од страна на нашите граѓани. Ваквиот наратив мора да се негува и да понуди нова енергија за  општествена трансформација и реализација на нашата европска агенда . Поддршката од Европскиот парламент и од најбројната политичка група во оваа смисла е значаен катализатор – истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.  Европратеникот Сагарц ја реафирмираше поддршката на нашите европски интеграции од страна на ЕПП, но и воопшто во рамки на Европскиот парламент.  Подвлече дека оваа институција ќе продолжи да биде вокален поддржувач на Република Северна Македонија и на нужноста од брзо отпочнување на пристапни  преговори и дека неговиот моментален капацитет ќе биде ставен во функција на придвижување на оваа цел.

Средба Османи - Грвала Шварц

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес во Скопје ѝ беше домаќин на заменик-премиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Доника Грвала-Шварц, која престојува во официјална посета на нашата држава. За време на тет-а-тет средбата, како и за време на пленарните разговори на двете делегации, се разговараше за различни билатерални прашања од взаемен интерес, при што беше искажано задоволство од континуираниот политички дијалог и посветеноста за градење и продлабочување на добрососедските односи, во интерес на двете држави и неговата европска иднина. „Тема на разговор беа и нашите заеднички амбиции: како од регионален аспект, за унапредување на регионалната соработка, така и во однос на евроатлантските амбиции на двете земји, чија иднина ја гледаме како полноправни членки на Европската Унија и НАТО“, нагласи Османи и ја пренесе искрената поддршка која Република Северна Македонија ја има за членството на Република Косово во евроатлантските механизми за соработка и интеграција. Беше потврден интересот на двете Влади за што поскоро завршување на подготовките за одржување на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово, одложено поради парламентарните избори одржани во Косово, во почетокот на годината. Во рамките на седницата, се очекува да се потпишат и немал број на усогласени текстови на договори, со што значително ќе се унапреди договорната  рамка и отворат нови перспективи за соработка. Постои усогласеност за потребата, фокусот во наредниот период да биде ставен на инфраструктурното поврзување во делот на транспорт и енергетиката, економијата и трговската размена, но и севкупно унапредување на соработката и во други области, како правдата, културата, здравството и други, беше нагласено на средбата.  

Скопје, 30 јули 2021

Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија:

Бујар Османи

Совети при патување во странство

Советите за патувања се извор на информации за граѓаните кои патуваат во други земји. Овие совети ќе ви помогнат да донесете информирани одлуки во врска со вашата безбедност додека престојувате во странство.

Прочитај повеќе
Посети ја Северна Македонија

Прочитај повеќе