Интервјуа и говори

Ваша Екселенцијо Амбасадоре Шчербак,

Почитувани Екселенции,

Почитувани гости,

Дами и господа, пријатели,

 

Чест ми е да Ви се обратам во оваа свечена пригода по повод јубилејот на одбележување 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

31 јануари 1994 година е датум кој е трајно врежан во историјата на односите меѓу двете земји. На овој ден, пред 20 години, кога Македонија минуваше низ еден мошне сложен период, Русија истапи со безрезервна поддршка, признавајќи ја Република Македонија под уставното име. Оттогаш, заеднички работиме на зацврстување, развивање и унапредување на нашите односи и меѓусебната соработка.

Најдобар пример за исклучително пријателските односи, а најсвежо во моето сеќавање, е посетата што минатата година ја остварив на Москва. Во позитивна атмосфера и гостопримство бев пречекан од страна на мојот руски колега, министерот за надворешни работи Лавров. Во разговорите со него, на еден отворен и искрен начин, заедно потврдивме дека во изминатите 20 години, Република Македонија и Русија изградија солидна основа на партнерство, пријателство и почитување.

Македонско-рускиот дијалог е континуиран и се одликува со висок степен на разбирање за надворешно-политичките интереси, начините и насоките за нивно остварување.

Со заеднички напори на двете земји, во континуитет ги проширивме хоризонтите на соработка. Потпишавме повеќе од 30 договори во сите области. Во исто време, имавме динамична размена во културната, академската и медиумската сфера што придонесе за уште посилно меѓусебно зближување.

Тука би ги споменал Деновите на македонската култура кои беа успешно одржани во Москва и Санкт Петербург, како и Деновите на руската култура во нашата земја. Минатата година ја потпишавме и Спогодбата за отворање на културно информативни центри, со што дадовме нова динамика во промовирањето на двете култури кои имаат длабока историска поврзаност.

Во економскиот дел, вложивме голема дипломатска активност, и слободно можам да кажам дека соработката во последните неколку години е зголемена и диверзифицирана во различни сектори, и соодветствува на потенцијалот на економиите во двете земји.

На мултилатералната сцена градиме партнерски однос. Имаме интензивна соработка за прашањата за меѓународната безбедност, мир и развој. Во тој контекст, би сакал да ја истакнам соработката во рамките на Обединетите Нации, каде Русија во континуитет дава безусловна поддршка на уставното име и на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

Зборувајќи за минатото, мораме да размислуваме и за она што ни претстои во иднина.

Република Македонија со посебен интерес гледа на натамошното продлабочување на добрите, стабилни и пријателски односи со Руската Федерација.

Имаме заедничка историја, да продолжиме со градење на заедничка иднина.

Како? – Со насочување на соработката во стратешки сфери, за подинамични и структурно развиени односи. Би споменал неколку од нив:

1. Економија - Економската дипломатија треба да претставува алатка која ќе продолжиме да ја користиме за привлекување на руски инвестиции во Македонија, но и за поголема промоција на македонските компании во Русија. Треба да ги отвариме пазарите во двете земји за нови производи.

2. Туризмот - треба да биде еден од приоритетните области на соработка. Ќе овозможи не само поголема промоција на Република Македонија меѓу руските граѓани, но ќе изгради и поблиски односи помеѓу бизнис заедниците на двете земји, и културна размена меѓу народите.

3. Во областа на мултилатерализмот треба да го одржиме нашето партнерство и да продолжиме со засилен ангажман во програмите и активностите на меѓународна и регионална сцена.

Почитувани гости,

Во духот на македонско-руската соработка, дозволете ми да изразам искрена благодарност до сите оние кои на дневна основа работат на зацврстување на македонско-рускиот дијалог.

Особена благодарност упатувам на неговата Екселенција, амбасадорот Шчербак, за неговите неуморни напори, не само за одржување на постигнатото, туку и за натамошно унапредување на взаменото разбирање и пријателство меѓу нашите два народа.

Конзуларни услуги