Соопштенија

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој престојува во Прага во рамките на официјалната посета на премиерот Никола Груевски на Чешката Република, денес оствари средба со својот чешки хомолог, министерот за надворешни работи Лубомир Заоралек.

 

 Slika 1

Двајцата министри изразија взаемно задоволство од нагорниот тренд во развојот на севкупните билатерални односи во изминатите 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, а ги разгледаа и модалитетите за зајакнување на традиционалните партнерски и пријателски врски меѓу двете земји и двата народа.

Двајцата соговорници разговараа за европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија, при што беше нагласена континуираната и принципиелна поддршка на Чешката Република во поглед на зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО. Министерот Заоралек ја потврди чешката поддршка за што поскоро и безусловно отпочнување на пристапните преговори на ЕУ со Македонија според веќе применетиот пристап на паралелно одвивање на преговорите за членство во ЕУ и надминување на билатералната разлика со земја-членка.

Министерот Попоски ја претстави актуелната македонска политика во спроведувањето на реформските процеси за достигнување на неопходните политички и економски стандарди, со цел да се зголеми македонската подготвеност за пристапување кон евро-атлантските институции, нагласувајќи ја важноста на евроинтеграцијата и помирувањето на целиот Балкан како нераскинливо поврзани процеси.

Попоски и Заоралек се осврнаа и на билатералните македонско – чешки односи, потенцирајќи ја заемната посветеност за нивно натамошно продлабочување и унапредување, пред сѐ во делот на економско – трговската соработка, културната, здравствената, како и соработката во областа на образованието и во рамките на регионалните иницијативи. Како мошне важен чекор кој може да придонесе во натамошното зајакнување на партнерството меѓу двете земји го оценија потпишувањето на Меморандот за разбирање и соработка помеѓу Центарот за управување со кризи на Република Македонија и Службата за пожари и спасување на Чешката Република, како и помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Универзитетската болница Мотол од Прага.

На средбата стана збор и за актуелната состојба во регионот на Балканот, европскиот континент, и светот воопшто.

Конзуларни услуги