Интервјуа и говори
 Попоски: Амнезија на вредностите е опасна за ЕУ
Никола Попоски е еден од македонските високи официјални претставници што одлично ја познаваат Европската Унија и начините на кои се донесуваат одлуки и се спроведува политика во неа. Овој дипломат, којшто своето образование, меѓу другото, го оформувал и на престижниот колеџ во Бриж, каде што магистрирал на европски интеграции, постојано апелира на почитување на принципите и вредностите на кои се повикува и, во крајна линија, е изградена Европската унија. Користејќи го своето искуство како амбасадор на Македонија во Европската унија во Брисел (2010-2011), добро знае дека не секогаш европските правила се употребуваат онака како што се поставени од нејзините основачи. Засега ниту тој, ниту Македонија не пронајде начин како да се спротистави на грчкото самоволие, кое не само што директно ги крши европските постулати, туку и ја ослабнува сликата за заедницата, којашто важи за една од најуспешните интегративни процеси во настапите во Брисел и другите престолнини. Попоски, покрај личните контакти, постојано ја користи најсилната карта што во моментов ја има неговата земја- меѓународното право и пресудата во Хаг, како и македонското реформаторско портофолио, благодарение на што веќе пет години по ред се добива препорака за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
 
 
Република: Грчкиот Премиер директно посочи дека не постои Македонски јазик и идентитет, како овој што го градиме овде и тоа пред европски претставници. Како се толкува изјавата во контекст на спорот со името?
 
МНР Попоски:Едно толкување може да е дека е конзистентен со една политичка агенда видена пред дваесетина години, а практикувана и доста порано. Агенда основана на отфрлање на различности и претпочитање на силата, над правото. Друго толкување може да е чисто внатрешно-политичко, со порака дома дека никој не е поголем грк од мене по ова прашање. Трето, констатација дека зад спорот со името стои поголем спор: тој за прифаќањето дека секој народ има право да се себеидентификува и сомнеж кон проектот за мирна и обединета Европа без промена на граници. Кое и да е, не е најсреќно одбрано.
 
Република: Посетата на Нуланд на Македонија и пораката на Меркел во врска со спорот за името дојдоа речиси во исто време. Значи ли ова дека може да се очекува посериозен ангажман од Вашингтон и Берлин за решавање на проблемот што го наметна Грција?
 
МНР Попоски:И Вашингтон и Берлин се свесни дека без нивен ангажман, работата сама неможе да се реши во разумен рок. Идеално, сите би сакале да се дојде до самосоздаден грчко-македонски договор, за што би им честитале на страните и животот би продолжил да тече. Во пракса, малку е веројатно да дојде до тоа без нив. Сите се многу внимателни да не дојде до типичните емотивни реакции од Атина. Мислам дека би се ангажирале, но не би сакале во никој случај тоа да се одрази негативно на долгата листа очекувања на која Атина треба да работи следниов период. Има ред работи кои од надвор се перцепираат како многу подраматични за Грција одколку името.
 
Република:Колку е случајна изјавата на германската канцеларка дека освен името проблем е и идентитетот? Дали со јавното признавање на Меркел дека јужниот сосед освен името ни го оспорува и идентитетот се отвора дополнителен проблем?
 
МНР Попоски:Не е новост дека јужниот сосед нема проблем само со името. Впрочем името успеале да го променат во деведесетите, кога за дел од светот сме станале поранешна југословенска република македонија. Амбициите одат подлабоко и тоа го имаат увидено сите кои го следеле спорот. Поради тоа и Атина бега од почитување на правото и демократските стандарди во оваа област. А ние имаме интерес да се зачуваат. Право наспроти сила е битката.
Република: Поради цврстиот став на грчката влада и незаинтересираноста на големите сили да извршат притисок врз Атина , очигледно е дека е потребно брзо да преземеме некои чекори со кои би излегле од ќорсокакот. Има ли план како ќе го направиме тоа?
 
МНР Попоски:Да. Позицијата надвор секому е толку добра, колку што е добро дома. Мораме неуморно и темелно да работиме дома, да поставуваме стандарди, да ги следиме доследно и да ја јакнеме довербата на граѓаните дека државата се грижи да има правила на однесување и тие правила да важат за сите. Тоа е планот. Што сме подобри дома, тоа ќе биде потешко за Атина да ни поставува пречки и бара изговори. Во крајна линија што сме подобри дома, тоа сме помалку зависни од волјата на друг, макар и бил во ЕУ.
 
Република: Нимиц најави посета на регионот летово. Подготвени ли сме да го искористиме моментумот за некаков поголем исчекор во разговорите и покрај тоа што реално не очекуваме дека Грција ќе се повлече од црвената линија?
 
МНР Попоски:Добро е што доаѓа, помалку е добро што никој не очекува дека во Атина сериозно се размислува за скорешно решение. Ние сме мотивирани најмногу. Во заложништво ни се држат НАТО и ЕУ иднината. Но само нашата желба не е доволна. Треба ветер од крупни земји членки и враќање кон основните европски вредности. Во моментов ако нешто е опасно за Европа, тоа е ризикот да се забораваат вредностите зад кои стои проектот наречен ЕУ. Затоа и одлучувачи во Брисел веќе и гласно велат: "ние имаме сериозен проблем со начинот на кој го водиме интеграцискиот процес со Македонија". Аргументите им се дека одамна се фрлиле принципите и проверените механизми за: одвојување на проблем меѓу две земји, интегрирање во ЕУ и решавање на двете работи заедно. Епилогот е морален проблем.
 
Република: За сега речиси е јасно дека Македонија нема да добие покана за членство во Kардиф. Сметате ли дека има простор дасе промени ситуцијата и како?
 
МНР Попоски:Не. Кардиф нема да биде за проширување. Многумина во НАТО мислат дека претходните проширувања воделе кон клима на конфронтација на истокот на Алијансата. Иднината на Авганистан и новите реалности на исток ќе бидат предмет на одлуки за Алијансата. За нас и без тоа не е потребен Самит. Потребно е Грчкиот претставник на амбасадорско ниво да климне потврдно со глава.
Република: Како го оценувате потегот на Нуланд да не се сретне со ниту еден претставник од опозицијата?
 
МНР Попоски:Не ја знам позадината. Но јасно е на сите дека оценката од надвор за кредибилитетот и сериозноста во таа средина се на најниско ниво.
 
Република: Новиот претседател на Европската Комисија Жан-Клод Јункер отворено кажа дека во неговиот мандат проширувањето нема да биде приоритет на ЕУ. Што значи тоа за македонските евроинтеграции?
 
МНР Попоски:Пораката е чесна. Во ЕУ има чувство дека се избрзувало со прошируања во минатото. Нема јавна поддршка да се задржи трендот. Не им делува драматично за да се исбрзува повторно. Велат 5 години нема да има одлука за нов влез. Многу покоректно отколку да се ветува и залажува од година за година и потоа да се бараат изговори. Нешто што е познато за нас од грчката алиби игра и неправедното влечење на евроинтеграцискиот процес од страна на Атина. Сега што е планот? Да си се зафатиме дома со се што ни е потребно за повисоки стандарди и во мандатот на оваа Комисија да постигнеме ниво на усогласеност на земја членка. Тоа зависи само од нас. Со тоа им ги правиме и потешки изговорите на тие кои се стремат да ни го попречат напредокот.
 
Република: Колку се подобрени односите со Бугарија по заедничкото славење на Св. Кирил и Методиј? До каде е потпишувањето на договорот за добрососедство?
 
МНР Попоски:Во пракса многу постигнавме во климата, проектите во инфраструктура, дискусиите меѓу историчари, дури и рамка за взаемно реемитување на тв сигнал кај соседот. Работните групи речиси ја завршија и работата за сите аспекти на билатералниот договор. Сепак по политичкиот развој таму, се чини дека ќе мора да почекаме до изборот на нова Влада во Бугарија за да се заокружи процесот. Ние сме на располагање да го заокружиме процесот во заеднички интерес.
 
Република: На албанскиот и косовскиот амбасадор им икажавте дека Македонија нема да прифати мешање во внатрешните работи во врска со случајот Монструм по што следеше и нивни разговор. Можеме ли во иднина да очекуваме и други обиди за вмешање на соседите во домашните собитија.
 
МНР Попоски:Не мислам дека е корисно за било која држава, особено во средина како балканската, да негува култура на прекуграничен интервенционизам. Мора да се навикнеме на институционално дејствување во државни рамки. Мислам дека намерите на официјална Тирана и Приштина не беа во насока на долевање масло на оган. Но свесно или не, тоа може да биде практичната последица. Повеќе делува дека мешањето кај сосед е одраз на внатреполитичка клима и натпревар за тоа кој субјект е поголем заштитник на прекугранична национална кауза. Несакајќи, водата се носи на воденица на некои кои отворено сакаат поделби и поинакви граници и уредувања.
Најважно е што за нас во Албанија и Косово сметам дека имаме пријатели и партнери со кои сакаме европска иднина. Некогаш може и меѓу пријатели да има недоразбирање. Должност ни е отворено да ги кажеме и заедно да работиме за уште посилна и поотворена соработка. Тоа и ќе го правиме зошто успехот е заеднички.
 
Република:Грција се заканува со ново вето за Албанија поради морската граница помеѓу двете земји каде има резерви на нафта и гас. Може ли по ветото за Македонија, ново вето од Грција за ЕУ на Балканот.
 
МНР Попоски:Не би го посакал никому. Нити пак мислам дека тоа би му помогнало на билокого. Дај Боже и нам да ни го симнат ветото, наместо да веведуваат ново за наш сосед.
 
Република: Пред неколку дена станавте татко. Каква иднина очекувате за вашето дете во Македонија и кога очекувате да ги искористи бенефитите како граѓанин на Европската унија?
 
МНР Попоски:Со сета почит кон баш најмладите, посакувам и нашата генерација да ги искористи бенефитите како граѓани на ЕУ. Мислам дека е сосем остварливо до крајот на оваа деценија да биде целиот регион во заеднички структури. Тие ќе бидат различни од денешните. Нити ЕУ денес ќе биде како таа во 2020, уште помалку НАТО. Но за нас двете се најдобра прилика. Поскоро подобро. Уште повеќе што со македонското членство во нив драстично ќе го намалиме просторот да бидеме оспорувани и да ни се наметнуваат двојни стандарди, како што денес се прави без око да му трепне некому. Надвор од нив, како мала држава среде Балкан, остануваш предмет на непринципиелни уцени. Без никакви илузии дека во ЕУ и НАТО се е идеално, тие се сепак најдобриот модел кој реално ни нуди значајно посветла иднина во Македонија.

Конзуларни услуги