Соопштенија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со Оливер Вархеји, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, кој се наоѓа во прва официјална посета на Република Северна Македонија, што воедно претставува и негова прва посета во странство по стапувањето на функцијата.

 

MNR011520OA 0003

Посетата доаѓа во важен период кога новиот состав на Европската комисија официјално ја презеде функцијата и до крајот на јануари се очекува да го објави предлогот за ревидирана методологија за водење на пристапните преговори. МНР Димитров искажа благодарност за јавните изјави на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и на еврокомесарот Вархеји дека Северна Македонија ги исполнила условите и дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе без натамошно одлагање.

Министерот Димитров порача дека ние сме заинтересирани што побрзо да се објави предлог методологијата и се надеваме дека тоа ќе ги разреши сите дилеми и задоволително ќе ги отслика барањата на сите земји-членки за заживување и зацврстување на процесот на проширување. Иако се наоѓа во непосреден предизборен период и во технички капацитет, Владата ќе направи сè што е во нејзина моќ да испорача дополнителни резултати во поглед на имплементацијата на реформите со ЕУ предзнак.

MNR011520OA 0001

МНР Димитров: „Донесувањето на одлуката за почеток на преговорите е од клучно значење. Северна Македонија направи сè што се очекуваше од неа за да се донесе заслужената позитивна одлука. Во изминатиот период, промените во земјата се видливи, иако сè уште имаме предизвици на кои посветено работиме. Почетокот на преговорите ќе придонесе досегашните резултати да бидат валоризирани, но и да имаме поттик за продолжување со посуштински реформи. Сметаме дека со нашето досегашно ЕУ искуство постигнавме високо ниво на подготвеност и усогласеност со законодавството на ЕУ. Северна Македонија не бега од задачи и поизострено оценување. Напротив, нетрпеливо сака да започне да се докажува и не и’ пречи  запирање на процесот во случај на назадување во реформите. Со комесарот Вархеји блиску ќе работиме на следните чекори и заедно се согласивме да внесеме поголема динамика во меѓусебните размени за постигнување на заедничката цел што е воедно и заеднички успех.“

 

 

Конзуларни услуги