Соопштенија

Денес во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа четвртиот годишен состанок на Заедничкиот управен одбор на националните институции и Обединетите нации за Рамката за развојна соработка со ОН посветена  на Партнерството за одржлив развој. Овој документ го опфаќа колективниот придонес на системот на ОН за реализирање на националните развојни приоритети.

На состанокот на Одборот, со кој копретседаваа министерот за надворешни работи, Никола Димитров и резидентната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, се дискутираше за постигнатиот напредок во спроведување на Партнерството за одржлив развој: Стратегијата на ОН за 2016-2020, реализираните резултати од работата на агенциите на ОН во 2019 година и приоритетните планови за 2020 во петте области: вработување, добро владеење, социјална инклузија, одржлива животна средина и родова еднаквост.

mnr5

МНР Димитров го поздрави континуираниот ангажман на ОН во Северна Македонија и истакна дека тој има за цел да го зајакне капацитетот на земјата во клучните сектори и да ја промовира реформската агенда потребна за исполнување на барањата за пристап во ЕУ, нагласувајќи дека нашата ЕУ агенда е комплементарна и со таа на ОН.

МНР Димитров: „Овие пет приоритетни области се тесно усогласени со нашите национални приоритети. Драго ми е што Тимот на ООН во нашата земја воспостави тесна соработка со релевантните министерства и ја поддржа Владата во некои од нејзините клучни приоритетни области, давајќи релевантен и важен придонес кон развојот на Северна Македонија.

Ги поздравувам заедничките напори за иницирање на подготовките на новата Рамка за развојна соработка на ООН со Северна Македонија за периодот 2021-2025 година и би сакал да истакнам дека реформите во областа на добро владеење, борба против корупцијата, реформа во судството, како и зајакнувањето на социјалната кохезија треба да бидат во центарот на приоритетите на Северна Македонија. Постојаниот ангажман на ООН во Северна Македонија е неопходен за зајакнување на капацитетот на земјата во клучните сектори и за промовирање на реформската агенда за исполнување на барањата за пристапување во ЕУ.“

mnr8

Министерот Димитров извести за намерата на нашата земја да го презентира Доброволниот национален преглед (VNR) на следниот Политички форум на високо ниво што ќе се одржи во јули 2020, во Њујорк: ,,Доброволниот национален преглед по својата форма и содржина има за цел да го следи напредокот во спроведувањето на Агендата 2030, вклучително и Целите за одржлив развој (ЦОР), на национално и меѓународно ниво’’, потенцираше МНР Димитров.

На состанокот беа разгледани и усвоени заклучоците и препораките од финалната евалуација на Партнерството за одржлив развој: Стратегија на ОН за 2016-2020. Членовите на одборот се осврнаа и на тоа како најсоодветно да се искористи и насочи поддршката што Република Северна Македонија ја добива од системот на ОН и од тимот на ОН во земјата со цел реализирање на нашите развојни приоритети, како и на  поврзаноста на овие активности со евроинтегративниот процес и со Целите за одржлив развој (ЦОР). Се дискутираше и за Новата рамка за развојна соработка на ОН со Република Северна Македонија за периодот 2021-2025.

Конзуларни услуги