Press Releases

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера вечер во Штип, учествуваше на панел дискусија насловена „Улогата на Република Северна Македонија во НАТО“ која се одржа во рамки на „НАТО Караванот“, во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции. На панелот, покрај министерот Димитров, зборуваше и амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.

NATOpanel5

Во неговото обраќање, МНР Димитров упати на стратешкото значење од интеграцијата на нашата држава како 30-та земја-членка на Алијансата. Посочи дека зачленувањето во НАТО ќе придонесе кон зголемена стабилност и предвидливост во време на регионална и глобална несигурност, и ќе овозможи поповолни услови за зајакнат економски раст и зголемен прилив на странски инвестиции.

МНР Димитров посочи дека покрај гаранциите на националната безбедност, членството во НАТО нуди рамка за натамошно демократско консолидирање, внатрешна стабилност и економски пробив. „Членот 5 од Вашингтонската повелба сугерира дека проблемот на една е заеднички проблем на сите земји-членки на НАТО. Членството во НАТО ни носи место во системот на колективна одбрана и место во друштвото на држави на кои се угледуваме, средени, демократски и стабилни.”

NATO panel1

Зборувајќи за останатите придобивки, министерот Димитров подвлече дека загарантираното место на Северна Македонија во Алијансата подразбира директна вклученост во глобалните безбедносни прашања и учество во процесот на донесување одлуки. Ќе бидеме во можност да учествуваме при креирањето политики, што подразбира и поистакнат надворешно-политички ангажман и простор за промоција на сопствените интереси во регионални и меѓународни рамки.

Карванот има за цел да поттикне дебата за придобивките од евроатлантските интеграции, и е поддржан од амбасадите на Обединетото Кралство, Кралството Холандија, Oдделот за јавна дипломатија на НАТО и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.

NATO panel2