Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес имаше воведно обраќање на конференција во организација на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, а под закрила на заедничките активности на Европската Унија и Советот на Европа за земјите од Западен Балкан, во рамките на регионалниот настан посветен на имплементација на втората фаза на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција.
МНР Никола Димитров го потенцираше значењето на темите опфатени со програмата кои се клучен приоритет за Северна Македонија во рамките на процесот на зачленување во ЕУ: ,,Четирите идентификувани области на програмата: обезбедување правда, борба против корупцијата, борба против дискриминација и заштита на правата на ранливите групи и слобода на изразување на медиумите, се веројатно клучните области на домашната реформска агенда за да станеме функционална европска демократија”.
Покрај министерот Никола Димитров, главни обраќања на регионалниот настан имаа и Верена Тејлор, Директор од Генералниот директорат за програмски активности на Советот на Европа и Колин Волфе, Раководител на одделот за соработка и програми со Западен Балкан од Генералниот директорат за соседство и проширување на Европската комисија. На настанот, исто така, учествуваа и директорите на регионалните канцеларии на Советот на Европа во земјите на Западен Балкан, националните координатори на земјите кои ја спроведуваат Хоризонталната програма и претставници од другите државни институции.
По завршувањето на првиот дел од конференцијата, МНР Димитров оствари билатерална средба со Верена Тејлор, каде беа разменети мислења во насока на градење понатамошни синергии и користење на експертизата на Советот на Европа со цел подобрување на домашните реформски процеси и усогласување со европските стандарди во земјата, а со крајна цел подобрување на животниот стандард на граѓаните. ,,Имплементацијата на Заедничката програма на Horizontal Facility- Фаза II точно ни помага во насока на обезбедување европски животен стандард на граѓаните” - потенцираше МНР Димитров.