Интервјуа и говори

Емисија: 10 минути
ТВ: 21
Новинар: Светлана Унковска
Емитувано на 21 август 2019 година

Прашање: Како гледате на случајот „Рекет“ и како го карактеризирате?

МНР Димитров: Имав можеби помалку како Министер, повеќе како граѓанин, две објави на мојот профил на Фејсбук, една неколку часа откако се обзнани тој скандал што сите го нарекуваме „Рекет“.

Првата реакција ми беше обид да се борам против апатијата. Дека лекцијата треба да биде уште повеќе борба, а не дигање раце од борбата против корупцијата. Факт е дека имам како и сите едно горчливо чувство, бидејќи, иако ние не знаеме, се води истрага, немаме пресуда на суд, презумпција на невиност. Меѓутоа наводното или можното инволвирање на обвинител од Специјалното јавно обвинителство коешто беше формирано да се бори против корупција, се разбира остава едно горчливо чувство. Но тоа не значи дека го имаме луксузот да дигаме раце. Тоа значи дека  треба уште повеќе фокус на ова важно прашање за иднината на сите нас и за нашата држава.

Втората објава исто ми беше од прилика на слична линија, со повик истрагата да биде целосна, темелна, непристрасна, да нема човек над законот, без разлика на каква позиција е или бил, бидејќи за здравјето на нацијата и за иднината на државата ова прашање е исклучително важно.

Прашање: Вчера заедно со вицепремиерот Османи бевте во Данска да разговарате за евроинтеграциите. Меѓу другото зборувавте и за случајот „Рекет“. Што им кажавте на Данците за овој случај?

МНР Димитров: Со еден амбасадор на земја-членка на ЕУ, во Данска и тој разговор го правевме (н.з. тој разговор), но ова така беше поинтересно, поилустративно, која што владеењето на правото го става многу високо во нивната призма како гледаат на земјите кандидати, вклучувајќи не и нас. Тој вели: „Секаде има корупција. Големиот тест е како реагира системот, кога таа ќе се открие и ќе излезе на виделина“. Мислам дека е важно што Премиерот Заев веднаш штом добил такви информации ги пренел на Јавното обвинителство за да се покрене истрага. Добро е исклучително, бидејќи обратното би било обид да се скрие работата или да се пикне под килим. Значи важно е што самиот Премиер иницирал истрага. Многу е важно сите државни институции што имаат надлежности во оваа област, да бидат на целосно располагање на тимот во Јавното обвинителство што ја води оваа истрага. И важно е што фокусот на јавноста е толку голем и тоа на некој начин ја заштитува истрагата од било какви интервенции. Исклучително важно и за меѓународната заедница да видат дека ние во ова сме искрени и посветени.

Јас во Копенхаген самиот го отворив ова прашање, не чекав и мислам дека е многу важно да бидеме целосно отворени, тоа исто така се цени. Ќе згрешиме ако се обидеме да разубавуваме, да криеме. Факт е дека имаме скандал, факт е дека таа истрага е исклучително важна и мислам дека треба да разговараме за тоа како што треба да разговараме и за законот за јавно обвинителство, што ќе го реши идниот статус на инстутицијата што се создаде специјално за да гони корупција и злоупотреби што произлегуваа од прислушкуваните разговори, а сега тоа да се направи општо за се’ понатаму, да се гони високата корупција. Да тера истрагата, да биде непристрасна, да нема никаква политичка заштита кон никого, каде и да води, кон кого и да води, никој да не биде над законот. Позитивни се (н.з. во Данска) со тоа што го презентираме, што сме отворени, што лично Премиерот практично ја иницирал истрагата и ако видите на Твитер пораката на данскиот МНР по средбата, каде што меѓу другото и овој скандал беше расправан и разговаран, пораката му е позитивна: „разговаравме, задоволен сум од позитивниот напредок во Северна Македонија и ќе соработуваме и понатаму.“ А Данска важи за земја која што е, од една страна принципиелен поддржувач на, јас го велам комплетирање на Европа, наспроти проширување на Европа, но земја што голем фокус става токму на владеење на правото.

Прашање: Колку овој случај ќе влијае на нашите евроинтеграции?

МНР Димитров: Мислам дека нашите шанси за октомври се изгледни, ќе помогне ако додаваме аргументи на ова што досега го направивме. Колку повеќе ќе расчистиме до октомври, шансите ќе растат. И многу е важно да успееме да го донесеме законот за јавно обвинителство. Мислам дека шансите ни се сериозни, меѓутоа треба да си помогнеме за да ни помогнат, да биде непријатно да се биде против македонската приказна во октомври на Советот за општи работи.

Прашање: Но дали може некои од земјите кои се против нашето членство во ЕУ да го искористат како алиби за да ни го попречат патот?

МНР Димитров: Мислам дека ќе имам брзо во следниве седмици ќе имаме и јавни сигнали, Бундестагот во Берлин ќе расправа во последната недела на септември за нашиот случај. Во скоро време ќе излезе писмо од германското МНР до Бундестагот со позиција. Имаме убава перцепција во Берлин, мислам дека тоа писмо ќе биде позитивно со сугестија да се има јасно ДА за нас за октомври, додека не се случи таа позитивна одлука ние немаме право да бидеме опуштени. Секогаш ќе има прашања што можат бидат користени како аргумент против нас и затоа ќе мора да бидеме агилни, мора да бидеме проактивни и многу ќе помогне за нашиот случај ако успееме да го донесеме законот за јавно обвинителство и ако има една појасна слика во правец на расчистување на тоа што ќе донесе таа истрага околу случајот „Рекет“.

Прашање: Во ваш пост на Фејсбук велите: „Рекет всушност е раскрсница. Едниот пат води кон иднина, другиот пат кон бездна. Можеби дојде време да се преброиме.“ Што точно мислите со ова и кого треба да преброите?

МНР Димитров: Значи ние мора да почнеме сериозно да гриземе во криминалот. И ова е шансата. Ако овде има јасна развршница којашто ќе даде сигнал дека вртиме нова страна, ќе имаме светла иднина. И во тоа да се преброиме мислам, тие што вистина сакаме да станеме европска држава каде што ќе има ред и закон. И тука да туркаме и да работиме сите во својата надлежност.

Конзуларни услуги