Соопштенија

Денес во Министерството за надворешни работи, во присуство на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Скопје, Кејт Брнз беше свечено одбележана 230-годишнината од основањето на американскиот Стејт Департмент. По овој повод, министерот Димитров и амбасадорката Брнз отворија  изложба на избрани фотографии кои сведочат за континуираното пријателство меѓу двете земји од воспоставувањето на дипломатските односи до денес.

210819OA MNR Dimitrov Proslava na 230 godini na SD 0601

МНР Димитров, во своето обраќање се осврна на билатералните односи засновани на споделени вредности и стратешко партнерство. Тој ја истакна значајната улога на колегите од американскиот Стејт Депертмент, кои низ изминативе 25 години ја поддржуваа и помагаа во надминување на предвизиците со кои се соочуваше земјата. МНР Димитров:  „Имаше моменти кога нашите пријатели и колеги од Стејт департментот играа клучна улога помагајќи ни да ги надминеме пречките на нашиот пат кон градење посилна земја, динамична демократија и општество. Благодарни сме им на Соединетите Држави што беа на наша страна во текот на сите овие години.  Фотографиите изложени околу нас се неподвижни, а сепак живописни слики на едно динамично минато, исполнето со важни настани како доказ за цврсто воспоставеното пријателство и соработка. Многу од нив поттикнуваат лични емоции и спомени на работење со истакнати американски дипломати во текот на мојата кариера.“

210819OA MNR Dimitrov Proslava na 230 godini na SD 0559

Воедно, Министерот се заблагодари и оддаде признание на сите кои со својата работа, личен ангажман и посветеност, оставија „значајно и трајно камче во мозаикот на односите и соработката меѓу двете пријателски земји. Секако, има уште многу други - дипломати, амбасадори, министри, политичари, бизнисмени, академици, студенти и пријатели, на кои денес оддаваме благодарност и кон кои се обврзуваме да продолжиме да работиме во корист на доброто за иднината на нашите две земји и народи“истакна МНР Димитров. Амбасадорката Брнз се заблагодари на министерот Димитров и Министерството за надворешни работи за ко-организацијата на овој настан, истакнувајќи, меѓу другото, дека четвртина столетие на соработка и поддршка од САД, е демонстрација на цврстата определба во остварувањето на заедничката визија за безбедна и просперитетна држава.

210819OA MNR Dimitrov Proslava na 230 godini na SD 0555

На настанот присуствуваа претставници од државни, невладини, образовни и други институции од Република Северна Македонија, од Амбасадата на САД, поранешни министри за надворешни работи и амбасадори, како и други гости кои со својата работа и ангажман придонеле во унапредувањето на односите меѓу двете земји.

210819OA MNR Dimitrov Proslava na 230 godini na SD 0502

Изложбата на фотографии ќе биде отворена за јавноста во холот на Министерството за надворешни работи до 30 август 2019 година, секој работен ден од 10 до 15 часот.

 


Обраќање на МНР Димитров по повод одбележување на 230-та годишнина на американскиот Стејт департмент во Министерството за надворешни работи

 

Почитувана амбасадорке Брнз,

Почитувани колеги Министри и поранешни Министри за надворешни работи,

Драги пријатели и колеги,

Задоволство ми е што сум тука со вас денес за да ја прославиме заедно 230та годишнина на американската дипломатија и основањето на американскиот Стејт департмент. На оваа посебна пригода, истовремено го одбележуваме постојаното пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.

Голема чест е за Министерството за надворешни работи да придонесе кон прославата и заедно со Амбасадата на САД да има можност да претстави изложба на фотографии што сведочат за долгорочната соработка меѓу двете пријателски земји и нивните институции.

Дипломатските односи меѓу нашите земји во текот на изминатите години отсекогаш биле топли и пријателски, засновани на заеднички вредности и стратешко партнерство. Фотографиите изложени околу нас се неподвижни, а сепак живописни слики на едно динамично минато, исполнето со важни настани како доказ за цврсто воспоставеното пријателство и соработка. Многу од нив поттикнуваат лични емоции и спомени на работење со истакнати американски дипломати во текот на мојата кариера.


Имаше моменти кога нашите пријатели и колеги од Стејт департментот играа клучна улога помагајќи ни да ги надминеме пречките на нашиот пат кон градење на посилна земја и општество. Благодарни сме им на Соединетите држави што беа на наша страна во текот на сите овие години. 

Почитувана амбасадорке,

Исто така, би сакал да ви се заблагодарам за клучната поддршка на Соединетите држави во остварувањето на нашите стратешки цели за полноправно членство во НАТО и Европската Унија. Ве молам дозволете ми да ја искористам оваа прилика да го цитирам поранешниот државен секретар, Хенри Кисинџер: „Отсуството на алтернативи неверојатно го прочистува умот“. Ова не значи дека во теорија нема алтернативи, но во ситуација кога над 80% од македонската јавност, нашите граѓани се за влез во НАТО, ова значи дека како политички лидери, немаме алтернатива на евро-атлантските интеграции. Остануваме целосно посветени на постигнување на таа цел и се надеваме дека до крајот на оваа година, претпочитаме тоа да се случи на Самитот во Лондон во декември или почетокот на следната година, Република Северна Македонија официјално ќе стане 30-та членка на НАТО. Ова е уште еден заеднички придонес за регионалната стабилност и просперитет. Но, тоа исто така ќе биде дополнителен поттик за зајакнување на нашата одговорност кон нашите граѓани и уште еден потсетник дека просперитетот доаѓа од демократијата и владеењето на правото, со одговорни институции и слободни медиуми.

Во овој поглед, би сакал да ја изразам нашата голема благодарност до САД за нејзината постојана поддршка до денес помагајќи ѝ на нашата земја и општество. Демократијата, економскиот раст и образованието се дел од областите каде што ја гледаме успешната примена на програмите за техничката помош на УСАИД во текот на годините.

Почитувани пријатели, 

Би сакал да оддадам посебно признание до сите присутни денес. Сите вие, на свој начин, со вашата работа, личен ангажман и посветеност, оставивте значајно и трајно камче во мозаикот на односите и соработката меѓу двете пријателски земји. Секако, има уште многу други - дипломати, амбасадори, министри, политичари, бизнисмени, академици, студенти и пријатели, на кои денес оддаваме благодарност и кон кои се обврзуваме да продолжиме да работиме во корист на доброто за иднината на нашите две земји и народи. 

Ве поканувам да ја разгледате оваа посебна изложба на само еден мал дел од богатата ризница фотографии -  сведоштва на значајни моменти од нашата билатерална соработка кои ќе останат засекогаш во нашите сеќавања. Би сакал да оддадам посебно признание до колегата Драган Тодоровски, без кого оваа изложба немаше да биде тоа што е.

А сега, би сакал да ја поканам амбасадорката Брнз да ми се придружи и да наздравиме во чест на нашето силно пријателство и да му посакаме на Стејт департментот среќен 230ти роденден.

На здравје!

Конзуларни услуги