Соопштенија

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска ја прими во проштална средба Нејзината Екселенција, г-ѓа Јин Лисјен, амбасадорка на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, пред нејзиното заминување од земјата.

 

220719OA MNR Dimitrov Prostalna sredba so kineskiot ambasador 0331

Министерот Димитров се заблагодари за придонесот на амбасадорката Лисјен во градењето на македонско-кинеското пријателство. Изразувајќи задоволството од нејзиниот плоден ангажман во нашата држава, министерот Димитров ѝ врачи благодарница за нејзината посветеност и напори вложени во промовирањето на пријателството и блиската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина.

220719OA MNR Dimitrov Prostalna sredba so kineskiot ambasador 0342

„Вашиот искрен, добронамерен и професионален пристап во работата, придонесе, меѓу другото, и за интензивирање на размената на посети на високо ниво“, истакна министерот Димитров. Тој изрази задоволство што токму за време на нејзиниот мандат во нашата земја беа одбележани 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. МНР Димитров нагласи дека пред двете земји е отворено широко поле на можности за соработка и изрази уверување дека нејзиниот наследник ќе продолжи со истата динамика да го негува овој нагорен тренд.

„Јас сум голем пријател на Република Северна Македонија и ја споделувам радоста од Вашата успешна работа“, истакна амбасадорката Лисјен. Поздравувајќи го позитивниот развој во билатералната соработка, таа изрази задоволство што средбите на високо ниво во изминатите години бележат успешна динамика, билатералната соработка е продлабочена во повеќе области, пред сè економската и културната, а во позитивна насока и натаму се движи меѓусебната соработка во мултилатералната сфера. 

220719OA MNR Dimitrov Prostalna sredba so kineskiot ambasador 0340

Двете страни го реафирмираа интересот за натамошно унапредување на соработка со НР Кина во повеќе сфери од заемен интерес, а особено во рамки на Процесот за соработка „17+1”.

Конзуларни услуги