Соопштенија

Денеска во Лондон, на вториот ден од Меѓународната конференција за слобода на медиумите, во име на Република Северна Македонија, министерот за надворешни работи Никола Димитров ја потпиша Глобалната заложба за слобода на медиумите, со којашто земјите се обврзуваат да работат заедно во заштитата на слободата на медиумите.

 

1172019 Dimitrov London 1

Учесниците на Конференцијата се обврзаа да зборуваат и да дејствуваат заедно, формирајќи Коалиција за слобода на медиумите за поддршка и истакнување на фундаменталната важност на слободата на медиумите за безбедноста, просперитетот и благосостојбата на сите општества, во здружување на напорите за споделување информации и преземање дејства кога новинарите и медиумските организации ќе бидат изложени на ризик, како и во разоткривање на кршењето и злоупотребите на слободата на медиумите и нивното споделување со глобалната јавност и промовирањето одговорност на овој план. 

Со оваа Глобална заложба, земјите меѓу другото се обврзуваат и заедно да интервенираат на највисоко ниво со владите на земјите каде што слободата на медиумите е во опасност, и да покажат солидарност со земјите кои работат на градење медиумски слободи.

Дводневната Меѓународна конференција за слобода на медиумите, којашто за прв пат во ко-организација на Обединетото Кралство и Канада оваа година се одржува во Лондон, а следната година ќе се одржи во Канада.


Глобална заложба за слободата на медиумите

Слободата на медиумите се соочува со сѐ поголеми закани ширум светот.

Новинарите и медиумските организации, во текот на својата суштински значајна работа, сѐ почесто се соочуваат со рестриктивни закони, казнени законски мерки и физичко насилство. Без разлика дали работат во традиционални медиуми или на дигитални платформи тие пречесто ја плаќаат својата посветеност со својата слобода или со нивните животи.

Слободата на медиумите претставува составен дел на глобалната безбедност и просперитет. На луѓето им се потребни слободни медиуми за да ги снабдуваат со точни податоци и информирани анализи во случаи кога во јавноста се бара одговорност од владите за определени состојби и прашања.

Онаму каде што новинарите и медиумските организации се слободни да си ја вршат својата работа на безбеден начин, таму општествата се попросперитетни и поотпорни. Слободната размена на ставови и информации што произлегува оттаму им дозволува на заедниците да ги идентификуваат и искористуваат новите можности и да ги препознаваат проблемите што треба да се решат.

Нападите насочени против слободата на медиумите се напади врз човековите права. Тие подразбираат напади врз човековите права на новинарите и оние што работат во медиумските организации. Овие права се опфатени во Универзалната декларација за човекови права како и другите инструменти за човекови права, а заложбите за нивната заштита претставуваат дел и од Целите за одржлив развој – тоа се правото на слобода на сопствено мислење и изразување и правото на живот, на слобода и на безбедност на личноста. Прекршувањето и злоупотребата на правата на новинарите и оние што работат во медиумските организации имаат каскаден ефект врз правата на другите, бидејќи пропаѓа надзорот врз истите.

Премногу често, владите се самиот извор на закани за слободата на медиумите. Владите, коишто се тие кои треба да ги штитат човековите права, наместо тоа, се оние што ги прекршуваат. Понекогаш, владите се насочуваат кон поединечни новинари или медиуми и притоа честопати го прекршуваат нивното право на фер судење и јавна судска расправа, овозможувајќи им на сторителите да поминат неказнето. Понекогаш наметнуваат неразумно рестриктивни законски и регулативни рамки што ја оневозможуваат работата на новинарите. Понекогаш, пак, намерно ги искривуваат информациите во медиумската средина.

Онаму каде што владите не се извор на проблемот, тие сепак честопати не успеваат да ги обезбедат потребните решенија за сузбивање на активностите на оние што ја напаѓаат слободата на медиумите – од терористичките групи до криминалните организации.

За спротивставување на заканите за слободата на медиумите, неопходно е да се дејствува и на глобално и на локално ниво.

Како влади, имаме одговорност да ги обезбедиме сите неопходни услови за луѓето во нашите земји да ги остваруваат сите свои човекови права, како и сите придобивки кои произлегуваат од тоа во општеството. Ова го опфаќа и правото на слобода на сопствено мислење и изразување, во чие отсуство се загрозени сите други права.

Сепак, доколку секоја поединечна земја се фокусира на решавање само на сопствените проблеми од тој аспект на домашно ниво, ваквите напори нема да бидат доволни. Рестриктивните регулативни модели може да се прошират од една држава на друга. Техниките на заплашување кои потекнуваат од една заедница набргу се прошируваат на друга. Расте застапеноста на глобалните дигитални медиумски платформи, а од нив не произлегува само ветувањето за слободен дискурс, туку и заканата од незаконско следење и манипулација.

Нашите влади треба да бараат одговорност од оние кои ги кршат или злоупотребуваат човековите права коишто се темел на слободата на медиумите – без разлика дали станува збор за влади или приватни лица. Треба да им понудиме солидарност на владите што преземаат мерки за зајакнување на заштитата на тие права.

Во пресрет на заканите за слободата на медиумите коишто се нови како според својот обем, така и според нивната природа, мораме да усвоиме нови облици на соработка што ќе се прилагодат на новата реалност.

Пристапот мора да биде реактивен така што ќе се справува со акутните закани онака како што се појавуваат. Таквиот пристап мора да поседува и стратешки аспект за да се справува со долгорочните трендови и вкоренетите предизвици.

Мора да бараме одговорност, да соработуваме едни со други, но и со владите што не ја потпишале оваа заложба. Мора да ја промовираме и заштитиме слободата на медиумите во сите нејзини аспекти, од поттикнување стимулирачки регулаторни средини до промовирање на транспарентноста во судските процеси. Мора да допреме и подалеку од владите, до новинарите, медиумските организации, групите од граѓанското општество и другите засегнати страни, за да се претвори ова во еден заеднички напор во општеството. Мора да ја надградуваме работата на другите иницијативи за слобода на медиумите и да ја унапредуваме таквата работа каде што можеме.

Мора да ги исполниме нашите обврски кои произлегуваат од меѓународното право за правата на човекот и да градиме побезбеден и попросперитетен свет.

Нашите земји се залагаат за соработка во заштитата на слободата на медиумите.

Се обврзуваме дека ќе зборуваме јавно и заедно ќе дејствуваме преку Коалицијата за слобода на медиумите која:

  • Ќе посочува на фундаменталното значење на слободата на медиумите за безбедноста, просперитетот и благосостојбата на сите општества;
  • Ќе здружува сили за споделување информации, онаму каде што е соодветно, и ќе презема мерки во случаи кога новинарите и медиумските организации се изложени на ризик;
  • Ќе разоткрива прекршувања и злоупотреби на слободата на медиумите и ќе ги изнесе таквите случаи пред очите на светската јавност, работејќи истовремено на утврдување одговорност за истите;

Се обврзуваме да застанеме заедно и да интервенираме на највисоко ниво кај владите на земјите во кои слободата на медиумите е изложена на опасност, како и да покажеме солидарност со земјите што работат на градење на медиумската слобода.

Се обврзуваме да ги разгледаме можностите за спроведување санкции и други мерки за справување со прекршоците и злоупотребата на меѓународните човекови права, вклучувајќи ја и слободата на медиумите.

Се обврзуваме дека ќе ја искористуваме моќта на нашите дипломатски мрежи преку новата Контакт група за слобода на медиумите преку која нашите службени лица ќе  можат:

  • да работат непосредно со оние изложени на ризик, со што ќе се осигуриме дека не нанесуваме никакви штети;
  • да стапуваат во контакт со локални новинари и граѓански организации, со цел да останат во комуникација со оние што се наоѓаат во првите редови на терен;
  • да се поврзуваат со локалните власти со цел да изнаоѓаат решенија.

Преку оваа Контакт група за слобода на медиумите, нашите службени лица ќе го прошират својот дофат, вклучително и преку постојните мрежи што се веќе активни во мултилатералниот систем.

Се обврзуваме на зајакнување на меѓународните иницијативи кои се застапуваат за слободата на медиумите.

Се обврзуваме да ги поддржуваме и надополнуваме напорите на мултилатералните институции, новинарските здруженија и граѓанските организации кои обезбедуваат поддршка за медиумските работници и медиумските субјекти што се изложени на ризик, вклучувајќи ги и механизмите за отворање и справување со поединечни случаи на прекршување и злоупотреба.

Се обврзуваме да ги охрабруваме и поддржуваме владите да преземаат активности за зајакнување на слободата на медиумите, за воспоставување соработка меѓу граѓанското општество, медиумските организации, правниците, новинарите, како и комуникациските експерти, со која ќе се овозможи воспоставувањето на одржливи меѓувладини структури што ќе ги придвижат плановите напред. Ова опфаќа и покажување солидарност со владите кои изготвуваат национални рамки и акциски планови за спроведување на Планот за акција на Обединетите Нации во врска со безбедноста на новинарите и прашањето на неказнивоста. Ќе ги охрабруваме напорите на ОН и другите организации да оформат работна група посветена на оваа цел.

Се обврзуваме да ја поддржуваме работата на ОН и другите организации насочена кон справување со голем број предизвици што ги засегаат новинарите. Го поздравуваме формирањето на Глобалниот фонд за одбрана на медиумите под надзорот на Генералниот секретар на ОН. Фондот ќе ги поддржува новинарите што се нашле во некаква неволја, ќе ги покрие нивните правни трошоци и иницијативи и ќе создава мрежа за поддршка од колеги кои работат во истото поле, а воедно ќе ги поддржува и владите во развојот на национални акциски планови.

Се обврзуваме да го поддржуваме развојот на разновидни и независни медиуми од јавен интерес.

Го поздравуваме формирањето на независната Група на правни експерти на високо ниво, која, меѓу другото, ќе ги советува владите што сакаат да ги зајакнат законските механизми за подобрување на слободата на медиумите.

Се обврзуваме да ги почитуваме овие начела и будно да ја следиме ситуацијата.

Се обврзуваме дека ќе одржуваме средби на годишна основа на кои ќе ги обновуваме нашите заложби и ќе ги разгледуваме новите закани и можностите за справување со истите.

 

Потпишано на Глобалната конференција за слобода на медиумите
Лондон, Обединето Кралство
11 јули 2019 година

Конзуларни услуги