Соопштенија

На 4 и 5 јули во Познан, Полска, министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествува на шестата Kонференција на високо ниво за Западен Балкан (Самит) под покровителство на полскиот премиер Матеуш Моравјецки. Конференцијата се организира во рамките на полското претседавање со „Берлинскиот процес“,  кој во 2014 година беше инициран од германската канцеларка Ангела Меркел.

Во рамки на програмата на Министрите за надворешни работи, предвидени се дискусии поврзани со регионалната соработка и улогата на цивилното општество, евроинтегративната перспектива на земјите од регионот на Западен Балкан,  а ќе се разговара и за понатамошниот развој на самиот Берлински процес во наредниот период.

Покрај пленарните сесии и билатералните средби со Министрите за надворешни работи од другите земји, министерот Никола Димитров ќе учествува и на панел дискусии во рамките на Форумот на граѓанско општество, кој е дел од програмата на Самитот.

Агендата на Самитот на Берлински процес е заснована на политичката и економската димензија. Главни области на соработка се транспортното и енергетското поврзување на Регионот, економска интеграција, бизнис секторот,  соработката меѓу младите, третманот на билатералните и други отворени политички прашања од минатото на Регионот, но и глобални безбедносни и миграциски предизвици. Оваа година посебен фокус и’ се дава и на улогата на цивилното општество.

Конзуларни услуги