Интервјуа и говори

Интервју на МНР Димитров за ТАГЕСШПИГЕЛ

Берлин, 13 јуни 2019
Новинар: Albrecht Meier
Линк: http://bit.ly/31EZ4Gj

2 format1012

Г-дине Министер, дали сметате дека во вторник (18 јуни) на состанокот на министрите за Европа на земјите од ЕУ ќе има зелено светло за отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија?

Оваа година има задолжителни причини за да се отпочнат пристапни преговори со Северна Македонија. Европската комисија, невладини организации, Freedom House и Економист ни потврдуваат дека напредуваме со реформите. Постои многу очигледен напредок во правец кон европската демократија во земјата. Тука спаѓаат слободата на медиумите, владеењето на правото и отчетноста на политичарите. Тука е и фактот дека за прв пат во нашата историја сме опкружени од пет земји, со кои немаме сериозни конфликти. Потпишавме Договор за пријателство со Бугарија и го решивме спорот за името со Грција.

Кој е временскиот распоред за отпочнување пристапни преговори со ЕУ?

Наша цел е, пред крајот на годината да се приклучиме кон Србија и Црна Гора и исто така да отпочнеме пристапни преговори со ЕУ. Се надеваме дека одлуката на ЕУ ќе се донесе што е можно порано, бидејќи живееме во нестабилни времиња. Сметам дека заедно со Германија и останатите држави од ЕУ имаме шанса за успех.

Каква улога игра канцеларката Меркел за отпочнување на пристапните преговори?

Минатиот четврток бевме кај канцеларката. Ние ја гледаме како столб меѓу водечките личности во ЕУ. На средбата во Службата на канцеларката, таа кажа дека ние сме ги исполниле барањата – како кај внатрешната, така и во делот на надворешната политика. Развојот во Северна Македонија таа го оценува како многу позитивен. Според неа, Бундестагот во септември ќе одлучува за отпочнување пристапни преговори. Разбираме дека причина за доцните консултации во Бундестагот е и фактот што Извештајот за напредокот на ЕУ-Комисијата оваа година беше презентиран доцна – по европските избори.

ЕУ се советува не само за Северна Македонија, туку и за Албанија, каде и натаму има проблеми во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Дали понекогаш се гледате како заложник на развојот на настаните во Албанија?

Би било добро за Регионот, ако и Албанија би можела да учествува во процесот на пристапни преговори. Но, истовремено, пристапниот процес може да функционира само ако кандидатите се оценуваат врз основа на нивните достигнувања. Успехот на една земја од Регионот е охрабрување за сите други. На Балканот ни е потребна позитивна, а не негативна динамика. Заради спорот за името со Грција, на нашиот пат кон ЕУ изгубивме временски период од скоро една цела генерација. Проблемот, барем делумно, можеше да го решиме со сопствени сили. Но, сега би било катастрофално за нас, ако би не блокирале заради проблемите во друга земја – без било каква можност да влијаеме.

Што е во игра за ЕУ на Балканот?

Ние сé ставивме на европската карта. Но, и за ЕУ многу е во игра. Бидејќи, ако се прокоцка оваа прилика, ЕУ ќе изгуби секаква можност за влијание во Регионот. Тогаш пораката би била: не е исплатливо да се донесуваат тешки политички одлуки.

Дали постои опасност од враќање на национализмот, ако наскоро не се почне со преговори за пристапување?

Да, секој скептичар тогаш би можел да каже: Европа не е сериозна со нас, треба да побараме алтернативи. Но, како што реков: ние играме на Канцеларката така што на крајот на годината да отпочнат преговорите.

Дали играте на Канцеларката и кога станува збор за тоа да се убеди францускиот претседател Емануел Макрон? Макрон прво сака да отпочне реформи внатре во ЕУ, пред да следи наредната рунда на проширување.

Јас не би зборувал за проширување, туку попрво за консолидирање. Овде станува збор за европеизирање на регион, кој уште сега е опколен со земји членки. Претседателот Макрон, на средбата на земјите од Западниот Балкан во април во Берлин, на решавањето на нашиот спор со името му оддаде признание како европски успех. Имаме доволно аргументи, за да го убедиме францускиот Претседател дека нашиот напредок е на иста линија со неговата претстава за реформа на целокупната ЕУ. И онака нема да пристапиме утре кон ЕУ. Меѓу почетокот на патувањето и моментот кога навистина ќе тропнеме на вратата на ЕУ, ќе изминат многу години.

Колку е голем проблемот на одлив на мозоци за Северна Македонија?

Проблемот се однесува на целиот регион. За млади талентирани луѓе на Балканот, денес е полесно да одат во странство и да добијат исплатлива работа, отколку да останат дома и да се борат за европеизација на нивните земји. Затоа, ова прашање е одлучувачко за нашата генерација. Иако нашиот регион е многу оптоварен со историја, мора сега да гледаме напред. Иднината може сами да се ја обликуваме, така што ќе ја зајакнеме трговијата и ќе станеме подобри демократии.

Дали ЕУ го потцени „искрварувањето“ на средниот слој, што може да се забележи во целиот регион?   

Регионот е економски тесно поврзан со ЕУ. Повеќе од три четвртини од трговијата се одвива со внатрешниот пазар на ЕУ. Над 70% од директните инвестиции на Балканот потекнуваат од земјите на ЕУ. Ако овие лостови правилно се искористат, тогаш регионот има голем потенцијал за раст. Нашата земја покажува, што може да се постигне само со европската перспектива за пристапување: стапката на невработеност падна, порасна просечната плата. Во тековниов квартал растот е 4,1 %. Ако постои регион каде ЕУ може нешто да придвижи, тогаш тоа е Балканот.

 

 

 

Конзуларни услуги