Соопштенија

На покана на британската академија на науките „Royal Society” од Лондон и германската национална академија на науките Леополдина, заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, беше главен говорник на „5-тата Заедничка научна конференција - Западно балканските процеси”, која денес и утре се одржува во Лондон.

 

IMG 20190529 103408 289

Од страна на академската заедница на земјите членки на ЕУ, вклучени во Берлинскиот процес, Република Северна Македонија беше издвоена како позитивен пример во регионот, и од тие причини имаше посебна  улога на Конференцијата.

На самиот ден на објавување на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, од страна на Европската комисија, ЗМНР Жерновски на Конференцијата изјави: „Го очекуваме најдобриот Извештај досега. Убавите вести за мојата држава од Брисел ги дочекувам во Лондон, заедно со нашите пријатели и поддржувачи, а ќе ги пренесам во Скопје како порака за светла иднина на моите сограѓани. Комисијата во својот Извештај ја рефлектира подготвеноста на Северна Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија, како потврда за остварениот напредок”.

Тој изрази очекување дека Европскиот совет ќе ја потврди одлуката од минатата година, за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, а тоа ќе значи гаранција за стабилноста и задржување на фокусот на реформските процеси.

IMG 20190529 103658 606

Заменик министерот Жерновски, имајќи ја честа да зборува за достигнувањата на Република Северна Македонија пред еден ваков респектабилен аудиториум, истакна дека за многу краток период продуциравме позитивни резултати на планот на внатрешните реформи, станавме земја која потпиша Пристапен протокол за членство во НАТО и земја-модел која со решавањето на историски конфликтни ситуации ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба.

Во своето излагање, тој нагласи дека европската интеграција на Балканот е геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа, базирана на заеднички вредности и стандарди. Воедно, пред присутните посочи дека за нашата држава, Европа значи многу повеќе отколку само Унија, отколку само раст и економска сигурност. „За нас, Европа значи гаранција за нашата независност, слобода и демократија”, истакна ЗМНР Жерновски.

Говорејќи за придобивките на Преспанскиот договор, беше посочено дека „ние, сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан, како и дека даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ. - Нема силна Европа без успешен Балкан, а успешен Балкан е оној што е интегриран во ЕУ”.

Заменик министерот за надворешни работи, Жерновски во Лондон ќе има работна вечера и со претседавачот на „Групата Охрид“ и поранешен генерален секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон.

Конзуларни услуги