Соопштенија

Денеска во Братислава, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на Министерски состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан.  

 

Годинешниот состанок во Братислава се одржа во рамките на Словачкото претседателство со Вишеградската група, каде централна тема на дискусија беше унапредување на реформскиот и евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан и научените лекции. Дополнително, се разговараше и за заедничката Европска иднина во новиот геополитички контекст.

IMG 20190528 WA0007

На состанокот беше реафирмирана посветеноста на Вишеградската група за натамошна поддршка на евроатлантската интеграција на земјите од Регионот и, во пресрет на објавувањето на годинешните Извештаи на ЕК, заеднички беше констатирана потребата ЕУ соодветно да го препознае напредокот што Регионот и особено Република Северна Македонија, го постигна во изминатиот период. Важен акцент беше ставен и врз значењето на евроинтегративниот процес како клучен поттик за забрзани реформи и напредок на земјите од Западниот Балкан, но и натамошна консолидација на Балканот во постојниот сложен геополитички контекст.

280519OA MNR Dimitrov V4 WB Bratislava 7810 1

Министерот Димитров во своето излагање се заблагодари на поддршката од нашите партнери од Вишеградската четворка и главно се задржа на важноста од одржување на отворена европска перспектива за Регионот преку објективно препознавање на постигнатиот напредок. Притоа укажа дека овој процес е двостран, односно дека земјите аспиранти мора континуирано да работаат, да се подобруваат и да испорачуваат позитивни резултати, а ЕУ треба постигнатиот напредок адекватно да го вреднува преку процесот на пристапување.

280519OA MNR Dimitrov V4 WB Bratislava 7864 1

Притоа МНР Димитров наведе: „Утре очекуваме позитивен извештај од Европската Комисија што реално ќе го отслика пресвртот што Северна Македонија успеа да го постигне во изминатиот период. Како дома преку унапредување на состојбите во клучните области и демократските процеси, така и надвор преку договорите со Грција и Бугарија. Потоа очекуваме политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годинава. Тоа не значи дека очекуваме и сме спремни да станеме членка денес или утре. Туку значи само отворање на следната фаза; почеток на новата етапа од нашиот европски пат кој се разбира дека ќе биде долг и ќе бара уште многу работа. Но е почеток кој е заслужен и неопходен за нашата европска иднина!“

IMG 20190528 WA0004

МНР додаде: „Процесот на внатрешна интеграција на Унијата треба да оди паралелно со процесот на натамошно проширување со земјите од регионот. Европски Балкан е пред се' интерес на нас земјите од Регионот, но и неспорен интерес на ЕУ. Ние во регионот мораме засилено да работиме кон една позитивна динамика, каде успехот ќе инспирира повеќе успех и добри вести. Истовремено важно е ЕУ да го препознава постигнатиот успех и да го оддржува процесот жив и кредибилен. На овој начин можеме заеднички да успееме и да направиме разлика.“

На маргините на состанокот В4 – Западен Балкан, министерот Димитров оствари разговори со домаќинот Мирослав Лајчак, МНР на Словачка и останатите присутни колеги, како и одвоени билатерални средби со МНР на Унгарија, Петер Сијарто и МНР на Албанија, Гент Цекај.

IMG 20190528 WA0008

 

Конзуларни услуги