Интервјуа и говори

Брисел ќе го изгуби приматот на Балканот и ќе ги зајакне ривалите ако го одбие Скопје, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров

Новинар: FT Michael Peel во Талин и Valerie Hopkins во Виена
Датум: 26 мај 2019 година
Линк: https://on.ft.com/2K3p5c0

фото МНР

„Кога имате добар аргумент [за почеток на преговори] тоа треба да се препознае и награди“

Европската Унија ќе изгуби влијание во Западниот Балкан и ќе ризикува да ги зајакне нејзините ривали, како на пример Русија и Кина, доколку ја пропушти шансата да го поддржи „убедливиот аргумент“ на Северна Македонија за започнување на преговори за приклучување во блокот, предупредува министерот за надворешни работи на земјата.

За редакцијата на Фајненшл Тајмс, Никола Димитров вели дека „Ќе биде тешко да се разговара сериозно“ за поголемо приближување меѓу Брисел и регионот, доколку земјите членки на ЕУ не ја поддржат условната одлука да се започне процесот на приклучување.

Сѐ уште тлеат  сомнежи дали земји како Франција, Германија и Холандија ќе ја поддржат иницијативата за членство на Северна Македонија на состанокот на министрите и надворешните министри на ЕУ следниот месец. Сепак, многумина европски дипломати приватно признаваат дека балканската земја ги има исполнето ветувањата, особено по менувањето на нејзиното име со цел да му стави крај на деценискиот спор со соседна Грција. 

„Кога имате добар аргумент [за почеток на преговори] тоа треба да се препознае и награди. Доколку тоа не се случи, тогаш влијанието на ЕУ ослабува“, вели г. Димитров во интервјуто, забележувајќи дека Западниот Балкан сега прилега на „театар за геополитички натпревари“ во кој улога играат и Пекинг и Москва.

„Ако Европа не може да предизвика промени на Балканот, тогаш станува тешко да се замисли дека би можела да предизвика промени било каде.“

Г. Димитров, поранешен амбасадор кој своевремено се повлече од позицијата за време на корумпираниот режим на поранешниот премиер Никола Груевски, периодов лобираше во Германија, Холандија и други земји пред гласањето за членство. Тој вели дека е „прилично уверен“ дека ЕУ ќе ѝ даде зелено светло на Северна Македонија за почеток на преговорите „оваа година “, иако признава дека отпорот е сѐ уште присутен.

Во јуни минатата година, ЕУ даде условна согласност за барањата за членство на Северна Македонија и соседната Албанија. Но, поради отпорот кон проширувањето во некои престолнини, ЕУ ја одложи конечната одлука сѐ додека не поминат изборите за Европскиот парламент, кои ќе завршат во недела. Ваквата загриженост беше особено присутна во Париз, поради мислењето дека во пресрет на европските избори какви било дискусии за проширување на Унијата ќе бидат злоупотребени од страна на радикалните десничарски партии кои имаат анти-имигрантски ставови.

Г. Димитров вели дека не ги потценува таквите грижи, но аргументираше дека Северна Македонија „мораше да создаде атмосфера во која е скоро засрамувачки да не добие поддршка“ за нејзиното барање.

Неговата земја, вели тој, изведе „очигледен пресврт кон подобро“,  меѓу другото и преку продлабочување на реформите во борбата со корупцијата, создавајќи „неодоливо убедлив аргумент“ за започнување на преговорите.

Највпечатливо од сѐ беше што минатата година, земјата се согласи да го промени своето име Македонија со цел да ја оконча долготрајната територијална кавга со Атина поради грчкиот регион со истото име.  

„Мислам дека годинава не е лесно да се игнорира нашиот аргумент“, рече г. Димитров, чиј татко беше бегалец од граѓанската војна во Грција. „Не верувам дека ние, во Европа, го имаме луксузот да не се сплотуваме околу успешните приказни, особено бидејќи ги немаме многу“.

Исто така, тој предупреди и дека негативниот одговор од страна на ЕУ ќе го наруши угледот на владата во Скопје и истовремено ќе ги засили „плитките националисти“ кои ѝ се спротивставуваат. Истовремено, таквата одлука „би ги обесхрабрила сите оние кои се обидуваат да ги разрешат и останатите билатерални спорови во регионот“, регион кој е обременет со несогласувања од падот на Југославија наваму.

Скопје се соочува со дополнителни компликации и поради дебатата во ЕУ за тоа дали Северна Македонија и Албанија треба и понатаму да бидат врзани во заеднички пакет на нивната патека кон членство. Од страна на дипломатите, Тирана е нашироко перципирана како помалку подготвена за преговори за членство поради грижите во врска со владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал.

Г. Димитров вели дека би сакал да ѝ помогне на Албанија, но потсети и дека секоја земја треба да се цени по сопствените заслуги. „Европските гласачи се скептични бидејќи повеќе не веруваат дека членството всушност ги менува земјите“, вели тој. „Мислам дека мораме да бидеме строги при оценувањето на земјите, без мешање од политиката“.

Евентуалниот неуспех на барањето на Северна Македонија за зачленување во ЕУ ќе ги отуѓи реформските сили во регионот на Западниот Балкан, истовремено охрабрувајќи ги автократите, вели Флоријан Бибер, директор на Центарот за Југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац, Австрија.

„Тоа би испратило порака кон целиот регион дека едноставно не вреди да носите храбри политички одлуки за решавање на споровите“, вели Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политики во Скопје.

Конзуларни услуги