Интервјуа и говори

Предавање на МНР Димитров на Националната Школа за политички студии и Јавна администрација во Букурешт, на тема: „Политичката транзиција во Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО и ЕУ“. 

 

Благодарам многу. Убава привилегија е да се биде тука во школа од која излегуваат Министри и Амбасадори. Не сум студирал тука, но некако успеав. Дипломат сум од 96та година. Ја напуштив службата кога сметав дека Владата ја води земјата во погрешна насока. Станав “тинк-тенкер”, помеѓу академија и политики. А кога дојде до политичката криза во 2015 и 2016 година решив дека морам да помогнам. Цврсто сум убеден и ова е една од главните пораки за овдешните студенти: сите можеме да направиме разлика. Поединци, луѓе, ние можеме да направиме разлика без оглед на тоа колку е голем процесот, предизвикот или прашањата. Затоа станав активист, зборував на собир од 70 илјади луѓе во Скопје и сега станав случаен политичар. Веќе сме две години на власт и она што го наследивме беше држава што е длабоко заробена, која гледа на соседите со недоволна самодоверба. Имаме 5 соседи на Балканот: Грција, Бугарија, Србија, Косово и Албанија. Две од овие се земји членки на ЕУ – Грција и Бугарија. И со двете имавме отворени прашања и тешкотии што ни го оневозможуваа напредокот, ни го блокираа патот до ЕУ, го блокираа патот до НАТО, па седевме во чекалната, каде што дојде до уназадување на нашите институции. Ваквата ситуација предизвика широка општествена мобилизација која пак поттикна политичка промена. И видовме како национализмот, јас тоа го нарекувам „плиток“ национализам, зашто сите си ги сакаме своите земји и сите би сакале да ги видиме како напредуваат, како се стабилни и се подобруваат. Но ова е повеќе визионерски патриотизам. Во национализмот станува збор за страв, страв од соседите, имање чувство дека си жртва, дека светот е нефер кон тебе и употреба на таквите емоции обично за притајување на корупција и авторитаризам. Ова барем беше она што се случи кај нас.

И што направивме за 2 години? Решивме дека треба да ја отвориме вратата и клучот беше кај нашите соседи, се свртивме кон Бугарија и после три месеци преговори потпишавме Договор за пријателство што го отвори процесот на подобро меѓусебно запознавање и решавање на историски прашања што со текот на времето ќе дозволат да се занимавам со реалноста на денес и мислам дека во суштина се зближивме со луѓе со кои бевме многу блиски во минатото. На 14от ден како Министер бев во Атина за да кажам дека решивме да успееме, ние, вашите соседи, доколку сакате да имате пријателски европски сосед на северот, сега е време да ни помогнете. И по неколку месеци состаноци, меѓусебно запознавање, минатото е многу важно, ни требаа осум месеци на интензивни преговори со малку охрабрување од друго место, но поголемиот дел го завршивме самите. Ова е домашно решение на проблем што ни ја блокираше иднината цели 27 години и проблем што нѐ враќа назад во историјата. Најлесно е за политичарите да не се справуваат со таков проблем зашто може да го користат за добивање поени. Доволно е да се обвинува другиот и да се собираат политички поени, да се биде херој на денот. А видовме такво играње игри во текот на овие 27 години.

Само накратко по суштината на тоа прашање, а потоа ќе зборувам малку за тоа што правиме дома, на домашен план и зошто е тоа важно. Зошто е важно за Европската Унија, зошто е важно за регионот. Значи Преспа беше за решавање на една разлика околу името. Кога се распадна Југославија, тогашната Социјалистичка Република Македонија, една од шесте југословенски републики стекна независност на 8 септември 1991 година. И не бевме отворено пречекани од сите соседи. Имаше приговори за употребата на името Македонија врз основа на тоа што историскиот регион Македонија е многу поголем од нашата Република и еден дел се наоѓа во северна Грција што се вика Македонија, а има и дел кај другиот сосед, Бугарија. Значи стануваше збор за тоа како да се издвои дека државата не го опфаќа целиот регион туку само нашиот дел. Второ, проблемот навлегуваше во емоции и прашања на идентитет што се важни во секоја земја и играат голема улога во европската политика од нашето време – прашањето на идентитетот – како да се разликува што значи Македонец во она што е сега Република Северна Македонија и тоа да не противречи на она што значи да си Македонец во Грција. Тоа беше прашање околу правото за самоопределување и нешто многу лично. Значи ова го направивме со член 7 од Договорот од Преспа. Научивме многу работи во самиот процес; прво дека не може да се победи ако спорот е со сосед. Зашто ако идејата е да се гради пријателство, не може да се порази соседот - тоа создава фрустрации и непријателство, а не пријателство. Затоа треба да се работи многу за да се разберат грижите на другиот и да се осмисли формула каде главните загрижености од вашата и од другата страна ќе бидат покриени. Мислам дека ова го постигнавме со договорот каде двете страни се победнички на многу начини, тоа беше компромис и во тој поглед целосно се согласувам со министерот Чамба, со Џорџ. Тоа беше европски начин, на некој начин помогна магнетизмот, привлечноста на Европа, тоа беше еден од поттиците за нашата страна и успеавме да решиме историски прашања за да изградиме заедничка иднина и да бидеме попрагматични во тој поглед затоа што по Договорот од Преспа потпишавме два дополнителни, всушност неколку дополнителни договори, од кои два се за отворање нови гранични премини меѓу двете земји. Отворивме голем потенцијал, мислам дека сме природни сојузници со двата соседи што се дел од Унијата. Исто така научивме дека мора да вложите сѐ во стратегијата за изнаоѓање решение. Ако еден дел од напорите е во разговори, а другиот дел од напорите е во игра на обвинувања или обид да се надмудри другиот тогаш разговорите ќе бидат неуспешни. А фокусот треба да биде на заеднички интерес за двете страни, а не за изјавени ставови. Во преговорите кога ќе изјавите некој став јавно станувате заложник на тој став. Затоа треба да се фокусирате на интересот, а не на ставовите. Исклучително е важна работата со сопственото гласачко тело, па дел од преговорите се всушност преговори со „самиот себе“. Треба да изградите поддршка на домашен терен, од двете страни, и ова не е лесно.

Но она што го направивме е дека создадовме де факто солидарност со двата соседи. И мислам дека оваа аналогија во многу поинаков контекст и во поинаква големина на проблеми меѓу Франција и Германија, но кога Шуман, еден од основачите на ЕУ изјави дека Европската Унија нема да се создаде наеднаш, според еден единствен план, туку со конкретни достигнувања што создаваат де факто солидарност. Така поради договорите минатиот јуни на Советот со кој сега претседава министерот Чамба, Советот за општи прашања, со кој претседаваше Захариева, мојата колешка од Софија, најголемите поборници за нашето досие, за нашата кауза беа Захариева и министерот Коѕијас зашто со ова создадовме едно чувство дека сме сите во иста кошница, и сите имаме удел во напорите да го постигнеме овој успех. Затоа мислам дека ова на многу начини ова е триумф на она за што станува збор во дипломатијата зашто мислам дека станува збор за решавање проблеми, градење мостови, отворање врати и градење пријателство. Сега на домашен план, сега за првпат во нашата историја сите пет соседи ни се пријатели и партнери. И немаме отворени билатерални прашања со ниеден од нив, ниту за границите, а секако ќе дојде време кога интересите ќе бидат различни, но основните интереси се дефинитивно заеднички. А тоа е разбирањето, помагањето еден на друг, градењето подобри патишта и железници, поголема трговија и претворање на регионот во европски регион каде што границите не нѐ делат туку нѐ зближуваат.

Дома, поради начинот на кој дојдовме на влас, зашто имавме институции што не успеваа соодветно да одговорат на злоупотребата на власт што беше јавна во поглед на аферата со прислушување, нашата основна агенда дома е да инвестираме во силни институции. Значи да имаме функционален систем на тежи и противтежи, слободни медиуми, а на потешкиот начин научивме колку е важна слободата на печатот и, тука се и нашите граѓани, јавното мислење е мошне нетрпеливо да види отчетност. Отчетна влада, отчетни политичари, правда за сите, а ова е голема работа кај нас дома. Затоа се фокусиравме на четири области што беа и наведени во минатогодишните заклучоци на Советот, реформа во поглед на владеењето на правото, понезависно судство, а тоа го направивме преку огромна реформа на законодавството така што судиите се назначуваат и унапредуваат врз основа на квалитетот на нивната работа и интегритетот на работата. Но не само во поглед на новото законодавство, донесени се многу пресуди вклучувајќи против поранешниот премиер, неколку министри, еден градоначалник од тековната владејачка коалиција, имаме нова Антикорупциска комисија чии членови беа избрани преку јавна седница што се пренесуваше во живо. Беше вклучена опозицијата, како и граѓанското општество и членовите на владејачката коалиција и се дадоа поголеми овластувања за да можат да ги истражуваат политичките партии и да отворање кривични постапки со помош на јавното обвинителство. Веќе имаат отворено 300 судски предмети, а затворени се 30 предмети во врска со конфликт на интереси, проверка на средства вклучувајќи проверка на средства на неколку судии. Направивме многу и во поглед на транспарентноста, сега сѐ е јавно, декласифициравме многу, патувањата на дел од моите претходници беа доверливи податоци, хотелски сметки, трошоци итн., сега сѐ е јавна информација, всушност имаме апликација преку која граѓаните можат да проверат колку трошиме секој месец. Значи постои еден вид натпревар меѓу министрите за тоа кој троши помалку зашто сѐ е јавно и постои чувство на самоцензура во поглед на трошењето на јавните финансии. Решивме да не ги употребуваме парите на даночните обврзници на владини реклами. Зашто ова во минатото се употребуваше за влијаење врз уредничката политика. Затоа сега пазарните сили имаат клучно значење на медиумскиот пазар и преку едноставна промена на ставови, неодамна имавме претседателски избори, нашиот кандидат победи на изборите, кои беа оценети како исклучително фер и демократски од набљудувачката мисија на ОБСЕ. Имавме осум телевизиски дебати меѓу главниот кандидат на опозицијата и нашиот кандидат. Во претходните години кога нашите претходници беа на власт ова не беше така, немаа апетит за дебати со политичките противници. Значи имавме политички програми каде лидерот во суштина водеше еден убав разговор со новинарот. Но не одговараше на аргументи доставени од политичките противници итн., а тоа е важно.

Скокнавме неколку места во неодамнешниот извештај од Репортери без граници, и тоа 14 места, а напредувавме и претходната година. Ние сме земја, во една мала група земји во демократскиот индекс на Економист што постигна значителен напредок според Економист. Неодамнешниот извештај за човекови права на Стејт департментот од 2018 година изјави дека во нашето судство постои поголема независност и дека има поголема слобода на медиуми во нашата демократија. А Фридомхаус нѐ нарече најдобра шанса за демократски пробив во Европа. Очекувавме многу позитивен извештај од Комисијата во следните денови, следната среда поточно. За да ви дадам контекст на ова, Северна Македонија, во тоа време Република Македонија кога го потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација бевме првата земја од регионот што го потпиша договорот дури и пред Хрватска, бевме земја кандидат во 2009 година и имавме 9 позитивни извештаи од Комисијата, првиот беше во 2009 година. Бевме во чекалната поради спорот со името. Затоа што Европа рече дека не сака да увезува проблеми. Треба да си ги решите отворените прашања пред да ви ја отвориме вратата. Сега ги решивме и вратата е, да речеме, полу-отворена. А додека чекавме Европа не мируваше. Имаше многу успеси во Европа, но имаше и предизвици. Тука беше миграциската криза, кризата во еврозоната, сѐ уште се соочуваме со предизвикот на Брегзит, а сето ова ја држи Европа зафатена. А ние сме еден регион што не се граничи со Европа туку се опколени со земји членки. Од географска гледна точка, ова е неевропски остров во европско море. А од економска гледна точка, три четвртини од економската активност на целиот регион е со Европската Унија. Во Северна Македонија речиси половина од производството оди во Германија, а три четвртини од производството завршува на европските пазари. Значи веќе делиме заедничка судбина во економски поглед. Исто е и со странските директни инвестиции. Грото компании што доаѓаат и инвестираат се европски. А предизвикот за европските лидери е што да прават со овој регион. Дали да се ангажираме и да го направиме европски за да тргуваме и да работиме заедно на заеднички предизвици како миграцијата, а нашиот регион играше голема улога во миграциската криза од 2015 година, нашата граница беше своевиден чувар на европската граница поради сложената географија на грчката граница, дури иако не сме земја членка. Затоа сметам дека дилемата е дали да го направиме регионот европски и тоа е добро за нас зашто е неразделен дел од стабилноста на Европа или да го занемариме регионот и да зборуваме за европските перспективи на регионот и ветувањето од Солунскиот самит во 2003 година, но да си остане тоа на ветување чие исполнување е далеку, далеку во иднината. За регионот, за нас, не е важно да станеме формална членка и механички да ги завршуваме чекорите. И да пристапиме денес сѐ уште сме истата земја. Она што е важно за нас е процесот на преобразба. А главната одговорност за промената е наша, но овој пат ќе биде полесен ако имаме пријатели по патот и ако процесот на пристапување е во суштина еден вид обука односно еден вид алатка за реформи. И мислам дека имаме многу силен интерес од двете страни меѓу земјите членки и земјите од регионот да успееме во ова. Скептицизмот меѓу постарите земји членки е делумно последица на изгубената доверба дека процесот всушност ги менува државите. А понекогаш такво беше искуството од претходните кругови на проширување. Значи имаме заеднички предизвик да ги набедиме европските гласачи зошто е подобро ЕУ да апсорбира, да се заокружи самата себе и да го присоедини островот и да го направи европски. А тоа ќе се постигне со фер и строги постапки. Кога постојат резултати од реформи што се засновани на строга проценка, Европа треба да го заврши својот дел од договорот зашто тоа носи нови реформи. Во нашиот регион ако наградите заслуги ќе добите уште повеќе заслуги, а ако наградите политизирање ќе добиете политизирање. Значи мора да имаме чесен процес заснован на заслуги. А земјите, јас искрено верувам и знам како се чувствував кога Црна Гора го почна процесот, и за нас оваа година станува збор за почнување на патувањето откако бевме заклучени во чекалницата толку години. Се почувствувавме охрабрени зашто можевме да се ставиме на нивно место, не сме далеку од нив, речиси сме соседи и тоа покажа дека ова е всушност можно, дека политиката не е само на хартија туку е достижна. Значи успехот на една земја во регионот е охрабрување за целиот регион. И мислам дека треба да имаме позитивна динамика каде што се охрабруваме едни со други наместо да се влечеме наназад. Не може да се заборави сржта на пристапниот процес, односно условеноста; ова се условите, ако доставите резултати и ние ќе доставиме, и не треба да се ставаат земјите во пакет и да се решава за секој пакет зашто ова ја нарушува намената и логиката на пристапниот процес. Со тоа на ум, сепак сме за, и ако има политичка волја секако за такво нешто зашто не е до нас, но мислам дека ако соседите ни се движат напред тоа е и во наша корист, тоа е нашиот став. Значи во заклучок, мислам дека ќе дадам една општ преглед како што би рекле Американците. Живееме во свет што е многу нестабилен и сѐ понепредвидлив. А главните политички сили се соочени со популисти; популизмот горе-долу им нуди на луѓето лесни, едноставни решенија за тешки проблеми и по дефиниција се краткотрајни зашто додека популистите се на власт нема да успеат со тоа едноставно решение што го пропагираат. А соочени сме и со националисти од екстремната десница, кои главно сакаат да го свртат часовникот наназад. Живеевме во добрите стари денови во 70те и 80те, ги сакаме тие години назад, а не можат да го постигнат тоа. Светот е неверојатно поврзан и иднината се крие во повеќе соработка, а не помалку ако сакаме да се соочиме со кој било од големите предизвици на нашата генерација без разлика дали станува збор за климатски промени, тероризам, безбедност, миграции, последиците од глобализацијата итн. Затоа мислам дека сме сите заедно засегнати со ова, и оваа година имаме неодолив аргумент и заеднички влог за успех. Ако овој успех не се зајакне, ако Европа не го препознае, пораката за нас ќе биде дека нема политика за завршување на пристапниот процес итн. А ова ќе биде искористено од оние што ќе речат „Ете, ви рековме Европа не е сериозна во нашиот случај“, и регионот ќе биде поголем театар на геополитичка игра за превласт и Европските вредности ќе бидат ослабени зашто нема да успееме да си го исполниме ветеното. Попозитивното сценарио, ако успееме, а тука не станува збор за утре, тоа ќе биде патување што ќе трае можеби две, можеби три години изборни циклуси, кој знае, ќе зависи од тоа колку сме ефикасни и сериозни во поглед на реформите. Но единствената формула да го направиме регионот европски, регионот што е европски и од географска и од економска гледна точка, e да постапуваме сериозно и строго со пристапниот процес. Земјите членки треба да прават строги процени и да исполнуваат кога ќе бидат исполнети условите, а да наметнуваат санкции кога има уназадување и кога не се исполнети условите. На другиот екстремен крај е играта на двоен блеф. Ние ќе се преправаме дека имплементираме реформи, а земјите членки ќе се преправаат дека се заинтересирани за регионот. А ова сценарио е лошо и за регионот и за земјите членки. Потребно е лидерство од двете страни за да успее ова и Комисија што ќе прави процени и ќе обезбедува експертиза. Мислам дека имаме можност, и ќе цитирам, ова е мојата последна реченица, Министерот Хајко Мас од Германија, кој, кога ја достави наградата на Минхенската безбедносна конференција на премиерот Ципрас и премиерот Заев во февруари изјави: „Оваа година добрите вести доаѓаат од БалканотЌ. Сега за да се зајакнат овие добри вести и да се поттикнат и охрабрат дополнителни добри вести од другите во нашиот регион ова треба да се признае, а денес во Европа немаме премногу можности за консолидација и создавање на успешни прикази. А ова е една таква приказна. Ви благодарам многу и отворен сум за прашања и дискусија. Се надевам дека не бев многу долг.

Значи, две прашања. Што мислам за улогата на Романија. Не знам каква е точно претставата на вас Романците кога ќе помислите на Балканот. Или поточно на Западен Балкан. Но гледано од наша страна, Романија ни е еден од најдобрите пријатели што е дел од поширокиот регион и што се грижи за тоа што ќе се случува во нашиот регион како прашање од интерес. Таму е Црното Море итн. Нашиот сосед Бугарија неодамна успеа да го врати фокусот на регионот со самитот во Софија на Европската Унија, а потоа ве имаме вас, а следната година е Хрватска. Ова се среќни околности за нас за да се употреби вниманието и да се постигне напредок, да се искористат можностите. Не бараме скратен пат, бараме да се направи исправната работа за регионот. Значи мислам дека треба да се одигра голема улога, и досега била исклучително важна. Ова сега е финалето. Ќе има Совет за општи прашања на 18 јуни во Луксембург, таму ќе претседава Романија и ќе има големо влијание врз содржината на дискусиите итн. Значи мислам дека тука имаме шанса за заеднички успех. За претседателството на Романија, за регионот, за нас, но и успех за ЕУ. Мислам дека ЕУ нема што да добие ако испушта можности во регион што е дел од Европа. И билатерално земено, ова е мојата прва официјална посета во овие две години, но сум бил тука на работни посети. Мислам дека успеавме да внесеме нова енергија во нашите билатерални односи. И гледате дека се зголемува трговијата, а во многу области можеме да постигнеме многу повеќе. И ја гледаме државата како, не знам како изгледа од ваша страна, но сигурен сум дека на Романија ѝ е многу подобро по 12 години поминати како дел од Европската Унија. И би сакал да ги искористиме добрите нешта што сте ги постигнале и многу од нештата што сте можеле да ги направите и подобро. Затоа денес потпишавме меморандум за соработка со министерот Малешкану, да работиме заедно во различни области во врска со европските интеграции. Граѓанското општество игра голема улога и целосно го изменивме пристапот со граѓанското општество. Зборувам за сега, за нашата влада во последните две години. Претходната влада, дури и во последните месеци од политичката криза организираше лов на вештерки при што праќаше даночни инспектори и агенти до организациите од граѓанското општество и се обидуваше да врши притисоци. Сега граѓанското општество е вклучено во сите големи реформи, имаат клучно значење и мислам дека таквата клучна улога на граѓанското општество всушност помага во процесот, тоа е една од оние тежи и противтежи во демократијата и затоа тие се редовно дел од состаноците со комисиите и земјите членки што доаѓаат во посета на мисии за утврдување факти. Мислам дека кога ќе го почнеме процесот ќе ни треба нивната помош затоа се крие големо знаење во граѓанското општество во нашата земја. Ги гледаме како принципиелен сојузник на патување што е важно за луѓето од нашето општество.

Можеби накратко да се надоврзам зашто ме инспирираше да зборувам за две прашања што понекогаш се мешаат едно со друго. Вие го нарекувате проширување, а ние го нарекуваме комплетирање на Европа, консолидација, пристапување. Едното во некои јавни дебати по Европа се меша со миграција. А во суштина е наопаку. Правењето на регионот да биде поевропски всушност им помага на младите да не заминуваат од земјата во потрага по европски начин на живот. За талентираната младина од Северна Македонија особено во одредени професии што се бараат на пазарот денес им е полесно да најдат работа во Германија отколку да останат дома и да се борат за да ја претворат својата држава во европска земја. Значи ако се држи регионот настрана во суштина се поттикнува овој вид на миграции. А што се однесува до миграциите од трети земји што минуваат низ регионот, ако имаме подобра соработка и подобро управување и подобри чувари и подобри судства во земјите од Балканот тогаш ќе биде многу побезбедно за државите што се наоѓаат подлабоко, позападно како и во Европа зашто се зајакнуваат институциите, процесот на носење одлуки итн. А има уште работи за кои треба да се дискутира и кои треба да се реформираат. Сега тврдиме дека овие два процеси се комплементарни затоа што не зборуваме за стекнување членство уште утре. Ќе треба долго време. Но ако Европа не ја искористи предноста што ја има за да го направи регионот поевропски, а таа предност е пристапниот процес и ако се фокусира на себе си, е тогаш за неколку години кога ќе погледне на Балканот сликата ќе биде многу поинаква од денес. А кој знае дали ќе има сили што ќе туркаат кон Европа во главните градови. Затоа мислам дека треба да се разговара и да се дебатира по овие две прашања што ја нарушуваат дебатата во некои европски земји.

Ова е многу добра поента и ти благодарам што ја спомена во поглед на перцепциите зашто овие две години постојано повторував: лошите вести за една земја го повредуваат целиот регион – добрите вести на една земја му помагаат на регионот. И мора да почнеме да размислуваме на тој начин зашто така нѐ гледаат од остатокот на Европа. Кога има лоши вести на екраните се зајакнува негативната перцепција за целиот регион. Затоа ништо не добиваме ако имаме сосед со проблеми. А добиваме многу од една успешна Србија што напредува со реформите и се движи напред, како и Албанија и другите. Мислам дека двете земји прават чекори нанапред, но и наназад во поглед на регионалната соработка. Во контекст на Берлинскиот процес што ја опфати прво Германија, па Австрија, па Франција, Италија и лани Обединетото Кралство и годинава со самитот во Полска. Тие на некој начин негуваат процес за решавање на билатерални прашања зашто тие очигледно се предизвик за регионалната соработка. А потоа имаше обид да се зголеми економската привлечност на регионот преку рушење на трговски бариери, работење на дигитализација, тука е и РИКО – регионалната мрежа за младинска соработка, постигнавме скромен напредок, но конечно почнаа да се намалуваат трошоците за роаминг за да можат луѓето меѓу земјите од регионот да зборуваат поевтино и се обидуваме да го зближиме регионот во поглед на инфраструктурата. За мене е веројатно полесно да патувам до Њујорк отколку да летам до Сараево во поглед на поврзаноста, и така ќе можеме да отвориме поголем потенцијал за трговија и здруженост доколку инвестираме во разни структури, во секакви инфраструктури во регионот. Сега годинава и минатата година двата нерешени проблеми на Балканот беа сѐ поприсутни, а тоа е дијалогот меѓу Приштина и Белград и иднината на Босна и Херцеговина. Имаа избори и постои потенцијал, важно е да се решат овие прашања. Некој изјави дека проблемот со проблемите е тоа што се шират лесно ако останат нерешени. Значи мора да го решиме ова во нашиот регион зашто ова е товар на регионалната соработка. Поради дел од прашањата што ги имаме, РИКО имаше неодамна проблеми, споменатата мрежа за младинска соработка. Сега мислам дека е фер да тврдат дека ако се признае решавањето на нашите спорови тоа ќе биде сигнал за другите дека вреди да се носат тешки политички одлуки и да се решаваат проблеми. Ако успехот ни се занемари и се компромитира пораката ќе биде не се напрегајте кога не вреди. Ова е динамика за која морам да бидам искрен и да ја изјавам јавно зашто навистина е така. И сега кога немаме отворени билатерални прашања се обидуваме, зад кулисите, да им помогнеме на другите зашто имаме влог и во нивниот успех. Затоа сметам дека имате право, регионот е разновиден не само во официјалниот статус во поглед на ЕУ туку си имаме сите свои плусеви и минуси, сепак се различни земји, некои од нас делеа порано една држава – Југославија, со исклучок на Албанија, некои предизвици се заеднички, некои држави се понапред во поглед на владеењето на правото, некои пак во поглед на други прашања, па мислам дека треба да бидеме суптилни, се согласувам со суштинската поента за регионот. И мислам дека ако успееме, ова се две реченици, но мислам дека вредат. Има една анегдота што ја споделив на денешните состаноци, во нашиот регионот многумина ја користат како да е нивна, многумина од нашите соседи, но приказната е дека во пеколот народите си имаат свои котли каде што грешниците треба да горат и каде што има чувар што се осигурува дека никој нема да избега. А во нашиот регион, во балканскиот котел каде што горат грешниците, нема потреба од чувар зашто успеваме да се влечеме наназад едни со други. Така никој не бега. Треба да ја смениме негативната динамика во позитивен натпревар. А ако можеме да се натпреваруваме за нешта што се важни, а не за тоа која е најстарата нација или кој имал повеќе историски порази и победи, ако се натпреваруваме во поглед на образованието, здравството, работни места, владеење на правото, е тогаш ќе имаме среќен регион. И треба да имаме попозитивна динамика и треба да имаме чувар што ќе ни помогне да бидеме подобри. Сѐ уште не сме стигнати до таму. Мислам дека не сме стигнати, но се обидуваме. Навистина сметам дека е време да порасне Балканот. Не во големина, туку во зрелост. И немаме време. Еден мој колега, што не можам точно да го цитирам, рече дека ако се фокусираме пак на градење големи држави, во поглед на границите, додека завршиме со процесот сите млади ќе ни завршат во Германија, Италија или на друго место. Значи ова не се вистинските прашања со кои ќе се задржат младите дома.

Конзуларни услуги