Соопштенија

Почитуван Теодор, министер Мелешкану,

Многу ви благодарам за љубезната поканата да дојдам во официјална посета на Романија и ова е мојата прва посета, како што рековте и вие. Привилегија е што сум тука во критично време за нас. Ќе бидам краток, во суштина ќе ја известам романската јавност за што се залага Северна Македонија, а потоа ќе зборувам накратко и за билатералните односи.

IMG 6802

Ние сме држава што изгуби цела генерација поради спорот со името. И чувствуваме итна потреба да ја преминеме линијата на сигурност. Имаме визија за регион што е просперитетен, што тргува меѓусебно и заедно се развива и каде што границите не се важни. Ова е нашата визија за Балканот. А нашиот дел од работата опфаќа решавање на сите проблеми со соседите, тоа и го направивме, немаме отворени прашања со ниеден од нашите пет соседи. За првпат во нашата историја опколени сме само од пријатели и партнери. На внатрешен план, работиме на зајакнување на институциите и сакаме да имаме општество каде што ќе владее правото. Така оваа година, поради Договорот од Преспа и Договорот за пријателство со Бугарија, но и поради очигледните резултати, нашето општество е сега подемократско, судиите се понезависни, медиумите се послободни, имаме исклучително неодолив аргумент за Европската Унија и кога нашиот германски колега, Хаико Маас изјави во февруари во Минхен пред премиерите на Грција и Северна Македонија, Ципрас и Заев, доделувајќи им награда, „Оваа година добрите вести доаѓаат од Балканот“.

Сега за да се зајакнат тие добри вести потребно е Европската Унија да ја направи исправната работа. А тоа е да го признае постигнатото и да донесе одлука за отворање на пристапните преговори. Целта ни е да ги почнеме тие пристапни преговори со првата меѓувладина конференција до крајот на годинава како што е посочено лани во заклучоците на Советот. Рекоа: „Ако доставите резултатите, го поставивме патот до отворање на пристапните преговори во јуни и меѓувладина конференција до крајот на оваа година.“ Би сакал да ѝ се заблагодарам на романската влада, парламентот и народот на Романија што го ратификуваа Пристапниот протокол за да можеме да станеме членка на НАТО. Ова се случи во март и Романија беше меѓу првите земји што го направија тоа.

Тука се чувствувам речиси како дома, мислам дека имаме пријател што ни помага, благодарни сме и за потпишувањето на овој меморандум за соработка во врска со европските интеграции, не го земаме тоа здраво за готово, туку го цениме. И сметам дека имаме среќа што Романија претседава со Советот на ЕУ во овие важни недели и месеци за нашите европски амбиции. Зборувавме многу за секторска соработка, спомнавме и економска соработка, ќе се обидеме да им помогнеме на двете стопански комори да одржат бизнис средба. Трговијата ни достига износ од речиси половина милијарди на годишно ниво, а ова не е занемарливо за нас и сигурен сум дека можеме да ја зголемиме многу повеќе.

IMG 6798

Зборувавме за соработка од областа на животната средина, образованието, одбраната и внатрешни работи и многу други прашања. Сѐ на сѐ, многу сум среќен што сум тука, многу ти благодарам за љубезноста и срдечната гостопримливост и мислам дека заедно можеме да постигнеме многу, ја сметам Романија дел од поширокиот регион, мислам дека безбедноста ни е неделива и верувам дека можеме да си помогнеме еден на друг да бидеме попросперитетни и да му помогнеме на еден регион што мора да се движи напред. А тоа е Балканот. Ти благодарам многу Теодор.

Конзуларни услуги