Соопштенија

Работната посета на Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на Талин, Естонија, продолжи со учество на годишната Конференција Ленарт Мери, насловена “Едно минато, многу иднини.”

 

Во рамки на своето учество МНР Димитров се обрати на панелот “Дали малите ќе истраат?: Балканот во струите на стратешките интереси”, заедно со Рина Кионка, главен советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, Ендрју Михта декан на Џорџ Ц. Маршал, Европскиот Центар за Безбедносни Студии во Германија и Изток Мирошич, државен секретар во МНР на Словенија. Говорниците дискутираа за различните стратешки интереси кои се судираат на Балканот, нивните врски со земјите од регионот, економските импликации од нивното влијанието, и пред се, што тоа значи за иднината на Регионот. 

IMG 4746Во своето обраќање МНР Димитров главен акцент стави на целосниот пресврт што Република Северна Македонија успеа да го постигне преку договорите со Грција и Бугарија и демократскиот пресврт на домашен план и резултатите во делот на клучните реформски области, подвлекувајќи дека една од главните движечки сили која придонела за овој успех било токму постоењето на јасна и дофатлива европска перспектива за земјата. Министерот Димитров потенцираше дека Регионот е неразделно поврзан со Европската Унија и најдобрата долгорочна иднина може да се обезбеди само преку европска трансформација и постојано напредување кон Унијата. Во таа смисла продолжи:

“Како ретко кога успеавме оваа година да донесеме добри вести од Балканот. Покажавме дека со силна воља, верба и отворен однос, возможно е надминување и на најделикатните недоразбирања. Докажавме дека сите ние можеме да направиме разлика и дека тоа може да се направи во духот на европските вредности и принципи. Сега е време нашиот пресврт да биде јасно препознаен.”

IMG 4745МНР Димитров се осврна на неопходноста од одлучно лидерство и согледување на поголемата слика за иднината на Балканот. Притоа МНР Димитров нагласи:

“Денес немаме луксуз да не ги искористиме шансите кои толку ретко ги создаваме. Се разбира дека пред нас има уште многу работа, но правецот по кој се движиме е позитивен и имаме силна политичка волја да продолжиме во права насока. Тоа едноставно мора да биде препознаено од Европа оваа година.” 

МНР Димитров го заокружи своето излагање укажувајќи дека објективното и навремено валоризирање на постигнатиот напредок по системот на заслуги ќе значи дополнителен поттик за земјите од регионот да испорачуваат уште повеќе напредок. Тоа ќе значи засилување на влијанието на самата Унија во регионот и силен охрабрувачки сигнал за сите на Балканот. 

IMG 4747На маргините на конференцијата МНР Димитров оствари и билатерална средба со својот словачки колега, МНР Мирослав Лајчак. Главна тема на разговорот беше европското портфолио на Северна Македонија и Регионот. Во тој контекст министерот Лајчак го поздрави постигнатиот напредок и ја повтори силната поддршка на Словачка за позитивна одлука и отворање на пристапните преговори оваа година. Воедно беа разменети мислења за словачкото претседавање со ОБСЕ, билтералните односи и регионалната динамика. 

Претходно, МНР Димитров присуствуваше на официјалното отворање на Конференцијата и свечената вечера што по тој повод ја приредува г-ѓа Керсти Калјулаид, претседател на Естонија, додека на маргините на истата оствари и повеќе други средби и разговори со високи претставници и учесници на конференцијата, а свои интервјуа даде и за Постимеес, најтиражниот естонски дневен весник, Фајненшал тајмс и латвиското Радио. 

IMG 4749

Скопје 19 мај 2019

Конзуларни услуги