Соопштенија

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес во Варшава, присуствуваше на седницата на Сенатот на Република Полска, на која беше изгласана согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО.

 

IMG 5798 Copy

По минатонеделното гласање во полскиот Сејм, со денешната согласност во Сенатот, Полска и формално го заврши процесот на ратификација на Пристапниот протокол, како 11-та по ред од земјите-членки на НАТО.

IMG 5767 Copy

По присуството на седницата, МНР Димитров беше примен во куртоазна средба од страна на Маршалот на Сенатот на Република Полска, Станислав Карчевски.

IMGL5676 Copy

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и се разговараше за можностите за интензивирање на парламентарната соработка.

МНР Димитров изјави: „Благодарни сме на Полска, која оваа година одбележува 20 години од пристапувањето во Алијансата и 15 години од зачленувањето во Европската унија, што континуирано ги поддржува нашите  напори за реализација на стратешките определби за интегрирање во ЕУ и НАТО.  Длабоко сме уверени дека таквата поддршка и партнерство ќе продолжат и во иднина.”

IMGL5716 Copy

IMGL5697 Copy

Вечерва, во Претседателската палата, во рамките на министерскиот состанок на МНР за Берлински процес, МНР Димитров ќе учествува на работна вечера под покровителство на Претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, а на која ќе се зборува за младите од Западен Балкан и предизвиците со кои тие се соочуваат, во контекст на Европската унија.

Утре (петок, 12 април 2019 г.), исто така во Варшава, министерот Димитров ќе учествува на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес.

Состанокот е предвиден како подготовка на шестиот Самит на Берлинскиот процес, кој оваа година се ќе одржи на 5-ти јули во Познан, а целта е  осврт на земјите учеснички во Процесот кон она што е постигнато во изминатата година, идентификувајќи ги достигнувањата, предизвиците и можностите за земјите од Западен Балкан.
 
Во рамки на трите предвидени сесии, Министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на продлабочување на регионалната соработка и решавање на отворените билатерални прашања, проширување на областите на соработка на младите од регионот, со акцент на Регионалната канцеларија за млади (RYCO), како и за очекувањата во поглед на придобивките од Самитот во Познан.
 
На постојниот формат на земјите од ЗБ6 и земјите-членки на ЕУ кои досега беа дел од Процесот (Германија, Австрија, Франција, Италија, Обединетото Кралство, Полска, Хрватска и Словенија), годинава им се придружуваат и Бугарија и Грција.
 
По завршување на состанокот, ќе се одржи и Третата министерска конференција на Фондот за Западен Балкан.

Конзуларни услуги