North Macedonia in the World

Во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Албанија, во Пустец се одржува неколку дневен Семинар за македонски јазик наменет за наставниците од основните училишта и гимназијата во Мала Преспа. Во дел од предавањата ќе бидат опфатени и група воспитувачи од локалната градинка. Предавачи на Семинарот се професори од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Педагошкиот факултет од Скопје.

20190409 133941

Организирањето на Семинарот има повеќестрано значење. Неговата примарна цел е да го освежи знаењето и употребата на современиот литературен јазик, да ги приближи неговите основни структурни елементи, но и да ги артикулира новините што во изминатиот период се усвоени. Да постави стандарди за натамошен организиран пристап и соработка во насока на одржување на јазичните врски преку учеството на докажани научни експерти од оваа област  и потврда на грижата што Република Северна Македонија ја посветува на развивањето на македонскиот јазик во Републиката и надвор од нејзините граници. Но, и да упати порака за подготвеноста за проширување и во останатите делови од албанската држава каде што живеат Македонци да бидат организирани слични настани.

Семинарот се одржува во еден мошне важен период во кој албанската Влада го донесе Законот за националните малцинства со што го најави процесот на имплементација на меѓународните стандарди за човековите права. Процес којшто во наредниот периодот ќе се развива и ќе овозможи активно вклучување на македонските културни друштва да земат активно учество, особено во делот на образовниот систем.

Одржувањето на Семинарот на одреден начин претставува вовед во скорото отворање на Лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча во соработка со Педагошкиот факултет при Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола.

Настанот е поддржан од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и општината Пустец.