Соопштенија

Заменик-претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик-претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заменик-претседателот во Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска одржаа прес-конференција, веднаш откако на денешната седница на Владата помина точката Информација за извршување на Договорот од Преспа.

Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од преспанскиот договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.

29012019 press mvr mo sep mnr 1

Ова е новата реалност во нашата земја што дојде како вистински акт на патриотизам и во Скопје и во Атина, и со кој пратениците во двата парламента, како и огромното мнозинство од народите во двете земји промовираа политика на 21 век, рече на прес конференцијата Заменик претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

„До пред година и пол, секој пат кога ќе се спомнеше нашата држава, асоцијацијата во Брисел и во сите европски престолнини беше, хаос, криминал, замолчени медиуми, заробена држава, политички дури и физички пресметки помеѓу политички неистомисленици. Денеска асоцијацијата е сосема променета. Денеска асоцијацијата што се случи во изминатиов период е нова перспектива, постабилна и побезбедна држава, постабилен Балкан, слободни и критични медиуми, слободна критичка мисла, сигурни инвестиции и во правна и безбедносна смисла, нова 30-та членка на НАТО, земја која ќе ги почне преговорите со Европската унија”, истакна министерката Шекеринска.

Бујар Османи, заменик-претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања, во оваа насока ги пренесе пораките од неговите средби со европските дипломати и лидери на земјите членки на ЕУ и нагласи дека на Договорот од Преспа гледа како на дипломатско чудо, кое не само што ги отвора нашите европски перспективи, не само што има влијание врз целиот регион, туку за нив Македонија во моментов претставува и една од најважните европски приказни, вистински репрезент на трансформативната моќ на европската идеја.

„Секаде добиваме конфирмација дека Македонија, по 15 години кандидатски статус, оваа година треба да ги започне преговорите. Ние продолжуваме и понатаму со истото темпо да ја претставуваме нашата приказна, европската приказна за Македонија. Ќе обезбедиме брза ратификација на протоколот за НАТО, но и цврста поддршка за клучната одлука во јуни - потврда на одлуката на Советот на ЕУ со што Македонија ќе ги почне преговорите оваа година“, потенцираше заменик-претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Од држава во која МВР беше претворено во партиски штаб и центар за прислушување, станавме држава која е во процес на сериозни реформи на безбедносните служби и во која веќе нема нелегално прислушување, рече во своето обраќање пред новинарите заменик-претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и истакна дека Владата останува максимално посветена на реформите во сите области што како приоритет ни претстојат до извештајот за напредокот на нашата земја во април оваа година.

„Ја комплетиравме и законската рамка за воведување на ефикасна надворешна контрола врз работата на полицијата. Во подготовки сме и за спроведување на процесот на т.н. ветинг во МВР со што од Министерството ќе си заминат оние на кои не им е местото таму. Приоритет е борбата против корупцијата и оневозможување на било какво кршење на човековите права. Сите граѓани се еднакви пред законот! Донесовме нов закон за антикорупција. Зајакнати се критериумите за избор и именување на претседател и членови. Зајакнати се надлежностите, но и капацитетите на Комисијата“, нагласи министерот Спасовски.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров пред медиумските претставници на прес конференцијата истакна дека лидерите на двете земји, на Република Грција и на Република Македонија, како и пратениците и народите што го поддржаа договорот поместија планина и заедно покажаа дека можеме да создадеме и иднина, учејќи од историјата.

29012019 press mvr mo sep mnr 5

„Отвораме едно ново, евроатлантско поглавје и ја поставуваме последната цигла во куќата што почнавме одамна да ја градиме. Најдовме заеднички јазик со нашите соседи од Грција, како два вистински европски соседи. Убедени сме дека со мудра политика и добра волја и најострите противници од двете страни за некоја година ќе се прашуваат зошто толку време ни требаше да го решиме проблемот“, рече министерот Димитров и накратко ги објасни основните контури на обврските што се утврдени во Информација за извршување на Договорот од Преспа, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име, Република Северна Македонија, согласно амандманите.

Конзуларни услуги