Соопштенија

Министерот Никола Димитров вчера и денеска (29-30 ноември 2018) во Будва учествуваше на состанок на Министрите за надворешни работи на Западен Балкан, во организација на МНР на Црна Гора.

 

MFA 8679

На состанокот се разменија мислења во врска со состојбата во процесот на ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан – прогрес и перспективи како и исполнување на обврските од Берлинскиот процес произлезени од заклучоците на Самитот во Лондон, 2018-та, а во насока на подготовки и организација на Самитот на Процесот, чиј домаќин следната година ќе биде Полска.

МНР Димитров ја посочи 2018 како клучна година за регионот во контекст на евроинтеграциите и се осврна на важноста од регионалната соработка, како најсоодветен одговор на актуелните сензитивни моменти во ЕУ. Нагласи дека научените лекции од изминатите неколку години се најдобар показател дека зголемувањето на заемната доверба, добрососедските односи и засилена економската соработка резултираа со поголема поврзаност на регионот и создавање подобар впечаток на истиот. Во тој правец, тој истакна: “Во овој процес ние како регион треба да бидеме искрени и директни за да успееме. Исто така треба да преземеме одговорност за нашата сегашност но и за нашата иднина. Она што ни е заеднички потребно е натпревар на позитивни реформи. Имаме шанса да созрееме и таа шанса треба да ја искористиме.”

MFA 8591

Понатаму, Министерот го поздрави континуитетот на областите кои ќе бидат третирани на Самитот на Берлински Процес во Познан: транспортно и енергетско поврзување на Регионот, развој на економијата, мобилноста на младите и соработка во културата. Дополнително, се осврна на зголемениот фокус на темата за отворени билатерални прашања и посебениот придонес што може да го даде македонската страна, преку пренесување на научените лекции од решените билатерални прашања со Република Бугарија и Грција. МНР Димитров ја истакна важноста на Самитот за Регионот и политичката порака  која ја праќа кон ЕУ за процесот на проширување и најави континуиран активен ангажман на македонската страна во неговата подготовка.

MFA 8581

Покрај министрите за надворешни работи од регионот, на состанокот присуствуваа и претставници на Европската комисија, Европската служба за надворешни работи, на Австрија, Полска, Обединетото Кралство и на Советот за регионална соработка.

MFA 8694

Конзуларни услуги