Press Releases

Новинар: Флора Висдорф
Линк: https://bit.ly/2SZHeJP

 

Macedonian Foreign Minister Nikola Dimitrov speaks during a news conference with

ВЕЛТ: Г-дине Димитров, Македонија сака што поскоро да стане членка на ЕУ и НАТО. Предуслов за ова е решението за спорот за името со Грција, кој трае речиси 30 години. И вие самите со години преговаравте, и сега во иднина вашата земја треба да се нарекува „Северна Македонија“. Но, сé уште постои голем отпор и во вашата земја и во Грција. Првата пречка е сега помината: двотретинско мнозинство во парламентот во Скопје се согласи да го започне процесот на неопходните уставни промени. Пробив?

МНР Димитров: Тоа беше и најголемата пречка, но пред нас има уште големи предизвици. За околу два месеца, кога текстот ќе се дебатира и одлучува, повторно ќе ни треба двотретинско мнозинство за да ги ратификуваме промените. Уште многу работи може да се случат.

ВЕЛТ: На Вашата владејачка коалиција ѝ требаа осум гласови од националистичкиот опозициски табор за да започнат уставните измени. Во Скопје, претходно се јавија гласини дека мора да се „купат“ овие пратеници.

МНР Димитров: Многу разговаравме и се убедувавме зад кулисите. Но, пратениците, исто така, поставија услови, за да го поддржат клучното гласање за два месеци. 

ВЕЛТ: Кои?

МНР Димитров: Тие сакаат да интервенираат во амандманите во врска со заштитата на идентитетот на Македонците. И повикаа на создавање тело за политичко помирување, во кое би биле застапени сите партии. 

ВЕЛТ: Многу од пратениците на опозициската партија се под истрага затоа што учествуваа во насилствата во парламентот во април 2017 и беа вмешани во скандалот со прислушкувањето на претходната влада. Наводно, кај ова тело станува збор за политички договор со кој некои пратеници ќе бидат ослободени од кривичен прогон. Дали мислите дека тоа е можно?

МНР Димитров: Да почекаме, политичкото тело постои од вторникот минатата недела. Но, мораме да бидеме многу внимателни да не ја нарушуваме демократската одговорност и основите на владеењето на правото, ова се клучните ветувања на оваа влада и тие се предуслов за почеток на процесот на пристапување во ЕУ.

ВЕЛТ: Тоа не звучи многу како владеење на правото, едно тело, во кое би била постигната политичка согласност за ослободување од казни.

МНР Димитров: Политичкото помирување е важно, ние мора да ја нормализираме нашата поларизирана земја. Од друга страна пак, не смееме да создадеме нови пречки на нашиот пат кон ЕУ.

ВЕЛТ: Звучи ризично.

МНР Димитров: Тоа е еден историски процес со многу пречки, и ова е последната шанса на мојата генерација да ја придвижи земјата напред.

velt

ВЕЛТ: Многу Македонци имаат чувство, дека со името им се зема и идентитетот. Десничарската конзервативна и поранешна владејачка партија ВМРО сé уште има многу резонанца со својот национализам, кој се базира на митот за Александар Велики.

МНР Димитров: Митот за Александар, кој доведе до изградба на стотици статуи во центарот на градот, е израз на несигурност и мала самодоверба, а не на силен идентитет. На стравот дека со името ќе се одземе и идентитетот, треба да се гледа со внимание, но на поинаков начин. Потребен ни е визионерски патриотизам кој гледа во иднината, а не во минатото, прашувајќи се која е постарата нација. За што сме способни? Тоа е исто така идентитет. Ние мора да му покажеме на светот дека можеме да ги решиме нашите проблеми на Балканот, историјата не можеме да ја смениме, но можеме нашата иднина.

ВЕЛТ: Не е сигурно дека Грција ќе ја ратификува промената на името. Министерот за надворешни работи, Коцијас којшто и преговараше за договорот, само што поднесе оставка. Алексис Ципрас повеќе од било кога зависи од гласовите на грчките националисти во неговата владејачка коалиција.

МНР Димитров: Топката е засега кај нас. Ние веруваме дека Грците ќе го направат она што го ветија. Ова е најдобриот компромис што може да се направи, имајќи предвид колку луѓето во двете земји се лути едни на други.

ВЕЛТ: Русија во Македонија шири силно анти-НАТО и анти-ЕУ расположение. Каков е вашиот однос со Москва?

МНР Димитров: Да се биде дел од НАТО не мора да значи лош однос со Москва.

ВЕЛТ: Што мислите со тоа?

МНР Димитров: Долгорочно гледано, ние мораме да ги надминеме тензиите меѓу Русија и Западот и повторно тесно да соработуваме со Русија. Предуслов, се разбира, е да се почитува територијалниот интегритет и да се воспостави мир во Украина. Нам, на Европејците, долгорочно гледано ни треба подобар однос со Русија. Не станува збор за или-или. Членството во НАТО не значи да се биде вечно против Русија.

ВЕЛТ: Кои се вашите очекувања од ЕУ и Германија?

МНР Димитров: Сите ние сакаме мир и стабилност на Балканот, и за тоа ни требаат разговорите за пристап со ЕУ. Самодовербата на ЕУ е разнишана. Проширувањето не е тема, со која во ЕУ може да се добијат избори. Но, неангажирањето во нашиот регион секогаш ќе биде поскапо од ангажирањето. Ние сме остров во средината на ЕУ. Миграциската криза покажа колку е важен регионот за европската безбедност. Сепак, процесот на пристапување функционира само ако не е исполитизиран.

ВЕЛТ: Дали е тоа предупредување за владите на ЕУ?

МНР Димитров: Нашата желба е да бидеме третирани во согласност со нашите заслуги. Ако процесот само од политички причини се забави или забрза, тогаш тој не би успеал, бидејќи и европските гласачи ја губат довербата дека земјите кои пристапуваат во ЕУ можат да се трансформираат во функционални демократии. Мораме да бидеме искрени едни со други. Ако се има напредок, треба да се оди напред, ако не, тогаш не.

ВЕЛТ: Дали се чувствувате правилно третирани?

МНР Димитров: Пред две години, во Македонија владееше режим со автократски тенденции. Добивме пресврт, со многу несовршености, но решени сме да станеме силна либерална демократија. Откако ќе ја завршиме промената на името, повеќе нема да имаме билатерални спорови во регионот. Сега ја сакаме нашата фер шанса од ЕУ.

ВЕЛТ: Во 2015 година преку балканската рута низ Македонија минаа милиони мигранти кон Западна Европа. Каква е состојбата на грчката граница денес?

МНР Димитров: Многу стабилна. Нашите полициски сили, но и армијата го контролираат пограничниот регион. Соработуваме со Фронтекс, како и со полициски сили од Австрија, Унгарија, Полска и Словенија. Во моментов, речиси и да не доаѓаат мигранти, ситуацијата повторно е нормална, слична како пред 2015 година.

ВЕЛТ: Дали очекувате бројот повторно да се зголеми?

МНР Димитров: Не гледам непосредна закана, но мора да бидеме будни.

ВЕЛТ: ЕУ би сакала да отвори центри за азил надвор од ЕУ, вклучително и во Македонија. Премиерот Зоран Заев минатата пролет го отфрли тоа. Сега, кога може да дојде до придвижување во процесот на пристапување на вашата земја во ЕУ, дали можеби сепак гледате можност за тоа?

МНР Димитров: За време на бегалската криза, Македонија ги бранеше границите на ЕУ, и тоа сé уште го правиме. Но, не можете од една земја да барате да го споделува товарот, но не и придобивките. Веднаш штом ќе станеме членка на клубот и ги уживаме правата на членство во ЕУ, со задоволство ќе го споделуваме и товарот. Тогаш во целост ќе бидеме способни да ја имплементираме заедничката политика на ЕУ во оваа област.