Интервјуа и говори

„Балканот не е овде за одбрана од бегалците“

Датум: 12.07.2018
Од: Штефани Болцен
Линк: https://www.welt.de/politik/ausland/article179174518/Mazedonien-Der-Balkan-ist-nicht-zur-Abwehr-von-Fluechtlingen-da.html

DiWelt

На средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ беа дискутирани центрите за азил надвор од ЕУ.

  • Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, ги одбива ваквите кампови во неговата земја.
  • Ваков товар не може да се очекува од Балканот.

НАТО, во средата, ја покани Република Македонија на разговори за прием. „Портата на НАТО е и останува отворена: согласни сме да ја поканиме Владата во Скопје на започнување на разговори за прием“, рече Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Кратко пред оваа одлука WELT направи интервју со Министерот за надворешни работи на земјата. Никола Димитров е само во средина на четириесеттите, а веќе дипломат со искуство.

WELT: Дали Австрија беше онаа која во летото 2015 засилено го поттикнуваше затворањето на Балканската рута?

Никола Димитров: Во тој период јас сè уште не бев дел од Владата. Но, она што беше известувано, е дека тоа претставува заедничко дејствување на повеќе држави од ЕУ. Затворањето на Балканската рута, покрај Договорот со Турција, беше одлучувачко за миграцискиот бран да се стави под контрола. Македонија, поради нејзината географска положба, доби истакната улога, помалку иронично за земја надвор од ЕУ.

WELT: Можете ли да потврдите дека Балканската рута сега има поинаков тек?

Димитров: Да, бројките се движат во надолна линија. Имаме два транзитни центра, еден на север и еден на југ. Јас секојдневно добивам извештаи. Бројките се двоцифрени, моментално од 30 до 50 лица.

WELT: Германската влада сака да склучи билатерални договори за и понатаму да ја намалува нелегалната миграција. Дали во таков случај стравувате дека бегалците би останале кај вас?

Димитров: Во секој случај, ние сме транзитна земја. Многу малку луѓе сакаат да останат и бараат азил. Проблемот со бегалците стана толку голем предизвик, бидејќи немаме глобално решение. Исто така и само европско решение не е доволно. Оттука, секое национално унилатерално дејствување е осудено на неуспех. На одредени политичари им е лесно да им ветуваат едноставни решенија на луѓето, затворајќи граници и градејќи ѕидови. Тие ги ветуваат старите добри времиња. Но, решение не може да се најде, додека сме посветени на себеси и сопствените проблеми. Само преку соработка и помош во земјите на потекло ние во Европа можеме да бидеме безбедни. Затоа мораме да направиме нешто и во Сирија.  Ова може да значи губење време и политички кариери, но еден ден ќе имаме заедничка европска политика.

WELT: Каков е ставот на Вашата влада за воспоставување на трајни центри за азил во Македонија?

Димитров: Ние веќе имаме два транзитни центра. Засега, идејата, да се воспостават такви центри во нашиот регион, е бездруго шпекулација. Никогаш не сме добие официјално барање. Балканот е остров среде ЕУ. Не може да се бара од земјите на овој остров да преземат таков товар, ако не се дел од ЕУ. Мислам дека во однос на ова ќе останеме многу непоколебливи. Нашиот дел ќе го направиме.  Кога ќе станеме членка на ЕУ ќе ја покажеме нашата целосна солидарност. Балканот не може да биде користен за одбрана од бегалците. Како што веќе кажав, ние сме остров, транзитна земја. Секој кој доаѓа кај нас, доаѓа од земја на ЕУ. 

WELT: Колку важен е датумот 2019 како датум за почеток на преговори со ЕУ?

Димитров: Јавната поддршка за влез во ЕУ се движи од 70 до 80 проценти. Моментално доживуваме период како оној во 2004, кога го добивме статусот на земја кандидат. Моравме долго да чекаме поради спорот со името (со Грција, забелешка на редакцијата). Во меѓувреме ја добивме деветтата позитивна препорака од Брисел. Три четвртини од нашето дејствување се одвива со ЕУ. Исто толку голем е и уделот на европски инвеститори. За нас не постои друг план освен европската интеграција.

WELT: Постојат уверливи извештаи дека рускиот амбасадор во Скопје му се заканувал на вашиот премиер: Доколку вашата земја влезе во ЕУ и НАТО тоа ќе се поправи.

Димитров: Географски, ние сме опкружени со земји членки на НАТО. За нас приемот во НАТО сè уште е незавршен проект. Уште во 1993 ја изразивме нашата желба за членство во НАТО. Во 2008 требаше да станеме членка, но спорот со името го спречи тоа. Конечното пребродување на вододелницата членство во НАТО, тоа за нас значи извесност, сигурност. Не сакаме повеќе над Македонија да стои знак прашалник. Сакаме цврсто да ја интегрираме нашата земја во Западната заедница. Како сигнал дека сакаме да останеме.

WELT: Дали Русија би можела да го сфати ова како провокација?

Димитров: Овој сигнал не е против ниедна земја, вклучително и Русија. Ние ги набљудувавме новите тензии помеѓу Западот и Русија, околу Кримската криза. На долг рок, ние, Европјаните, ќе мора да најдеме начин да ги возобновиме односите со Русија. Светот се смени, НАТО повеќе не е ривал на Русија. Тој не е против Русија, туку за стабилност и за земјите кои се водени од демократски принципи. Демократиите не се заинтересирани за тоа, да им се закануваат на другите.

WELT: Во септември, вашите граѓани ќе одлучуваат дали го прифаќаат името договорено со Грција „Северна Македонија“. Негативниот одговор одново би го блокирал пристапот кон ЕУ и НАТО. Стравувате ли од хибридно водење војна на Москва пред референдумот?

Димитров: Ние ќе бидеме внимателни и претпазливи. Прашањето за името мора да биде наша и само наша одлука. Нас никој не нè принудил на западна интеграција. 70 до 80 проценти од нашите граѓани го поддржуваат, исто така, и членството во НАТО. Ние сега мораме да испорачуваме. На долг рок, нашето членство е добро за стабилноста на Балканот.

Додаток кон интервјуто: На Самитот на НАТО во Брисел, Сојузот ја поканил Македонија за започнување на разговори за пристап. „Портата на НАТО е и останува отворена: согласни сме да ја поканиме Владата во Скопје на започнување на разговори за прием “, рече Генералниот секретар на ООН, Јенс Столтенберг на средата во Брисел. Предуслов за тоа беше стивнувањето на конфликтот помеѓу владите во Скопје и Атина во однос на името на Македонија.

Конзуларни услуги