Интервјуа и говори

Интервјуто со Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Македонија, беше одржано во Лондон, по настанот „По Берлинскиот процес: иднината на регионот во следната декада“, организиран од Чатам хаус, Европскиот фонд за Балканот и ДГ НЕАР на 10 јули, каде што Димитров беше главен говорник.

European Western Balkans: Постигнувањето на договорот за името со Грција несомнено беше голем пробив за Македонија. Што ѝ овозможи на вашата влада да го постигне договорот, додека претходните влади не можеа да го решат повеќе од две децении?

Никола Димитров: Пред сè, за танго се потребни двајца. Колку што е заслужна Македонија и нашето лидерство, толку се заслужни и Грција и грчкото лидерство. Македонија созреа кога минуваше низ политичката криза. Во минатото се обидовме со неколку пристапи за да го решиме проблемот, но не успеавме. Се обвинувавме меѓу себе, но тоа не успеа.

Не можете да се изборите и да ја скршите вратата и да станете членка на НАТО и да го почнете патувањето кон ЕУ, затоа што да се стане членка на НАТО и да се биде дел од европското семејство значи дека ќе бидеме сојузници со нашите грчки соседи.

Ова треба да се направи преку дискусии, преку разбирање на грижите на другиот, со тоа што се ставаме во негова кожа и на крај успеавме да најдеме компромис што очигледно е добар компромис ако се земат предвид реакциите во двете општества. Ние сме еднакво среќни и еднакво несреќни, но единствениот пат напред за кои било два соседа е преку помирување и разбирање.

Во иднина, за пет години од сега, ова создава голем потенцијал не само во поглед на нашите евроатлантски аспирации туку и во нашата билатерална соработка со Грција.

Нема ништо поприродно од тоа нашите соседи да бидат наши најголеми поддржувачи. Мислам дека ова е најголемиот успех што го постигнавме во дебатата на Советот за општи работи во Луксембург пред Европскиот совет, кога и Грција и Бугарија силно се заложија за Македонија.

Intervju za EWB

EWB: Што мислите дека значи примерот на Македонија за целиот Западен Балкан? Кога го велам ова, пред сè мислам на решавањето на билатералните спорови, но и на демократската трансформација. Дали мислите дека тоа што се случи во Македонија може да влијае врз регионот?

НД: Веројатно ги поттикнува другите да се соочат со проблемите. Мислам дека потрошивме години и децении или игнорирајќи го или без да му дадеме приоритет на решавањето на билатералните спорови.

Време е да направиме чекор напред. Ја губиме трката со времето. Младите си заминуваат, проблемот со одливот на мозоци е насекаде, не само во една држава, тоа е регионален феномен и единствениот начин за да се справиме со него е да размислиме каде сакаме да бидат нашите земји за десет години од сега.

А ако тоа значи политичка лична жртва, така нека биде, можеби улогата на нашата генерација политичари и политика требало да биде потрошена на овие одлуки. И мислам, од таа историска перспектива, дека народот позитивно ќе не оцени.

EWB: Дали сте задоволни со фактот дека Европскиот совет одобри почеток на преговори во јуни наредната година? Дали ова е нешто со што сте задоволи или се надевавте на многу повеќе од ова?

НД: Во суштина се наоѓаме на патот до почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година, ова е тоа што го поддржа Европскиот совет.

Проблемот за нас е што пропуштивме многу можности чекајќи на станицата. Возовите минуваа и сега нашето патување е потешко и по угорница затоа што проширувањето не е популарно, ЕУ има свои проблеми – од Еврозоната до Брегзит и кризите со миграциите што, исто така, е и криза на солидарност. Значи, контекстот сега е посложен и потежок отколку што беше.

Пристапниот процес е построг и подолг. Поради тоа, мораме да се соочиме со реалноста и да направиме сè што можеме. Политиката е вештина на можното. И мораме да ги убедиме сите дека европеизацијата на Балканот е поисплатлива отколку игнорирањето на сите позитивни нешта што доаѓаат од нашиот регион.

 EWB: Кои се вашите очекувања во однос на членството на Македонија во НАТО? Дали мислите дека може да се заврши толку бргу колку што се најавува во последно време? Дали Македонија навистина може да стане членка на НАТО наредната година?

НД: Мислам дека овие денови во Брисел на Самитот на НАТО ќе добиеме покана за да почнеме пристапни преговори. Ова е технички процес што може да се заврши за неколку месеци.

Исто така е поврзано со исполнувањето на нашите обврски од билатералниот договор со Грција. Имаме референдум што треба да биде успешен и треба да поминеме низ уставни промени. А откако ова ќе биде финализирано, ќе можеме да ги потпишеме пристапните протоколи. Потоа тие ќе бидат ратификувани од парламентот на Атина и другите земји членки.

Значи, ако сè помине како што треба, станува збор за месеци. Можеби во средината на наредната година формално ќе бидеме 30-та земја членка на НАТО.

EWB: Кои се вашите очекувања околу референдумот? Се чини дека сè зависи од успехот на референдумот.

НД: Ќе бидам многу отворен, мислам дека луѓето ќе го поддржат договорот бидејќи го покрива најчувствителниот дел, односно кои сме и на кој јазик зборуваме. Ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик.

Успеавме да најдеме начин да направиме разлика меѓу културното наследство и тоа на што мислиме кога велиме македонски во Македонија и на што мислат во Грција кога тие зборуваат за Македонија и Македонци. На многу начини, ова е крај на една ера за Македонците, полна со предизвици и прашалници.

Проблемот е во излезноста затоа што избирачкиот список – списокот на регистрирани гласачи – не е целосно ажуриран. Формално имаме 1,8 милиони гласачи, но веројатно во моментов во државата живеат помалку луѓе.

Според тоа, ова ќе биде предизвикот и во голема мера ќе зависи од опозицијата и што ќе направат тие во врска со ова. Ако ја препознаат историската можност и историскиот момент, ако сите повеќе мислиме на земјата, а помалку на нашите политички иднини, тогаш ова би требало да биде многу успешен референдум.

Во наредните неколку дена треба да донесеме голема одлука во врска со ова. Влогот е преголем и мислам дека нема поголема патриотска должност за која било власт во Македонија отколку да ја создаде оваа можност, а ние го направивме ова. Ќе дадеме сè од себе за да допреме до луѓето и тие да застанат зад овој договор. Ова е борба меѓу минатото и иднината. Не можеме да го промениме минатото, но се надевам дека можеме да ја обликуваме нашата иднина. Ова го направивме за граѓаните.

EWB: Дали можеби беше голем ризик да се избере универзална примена на новото име на Македонија наместо само меѓународна, што всушност и го води целото прашање до референдум?

НД: Ова беше клучен предуслов за да се согласи Атина на овој компромис. За нив не е лесно. Тие прават помалку, се разбира – не мора да менуваат ништо од нивна страна. Ние правиме повеќе, но и добиваме повеќе.

Како и со секој компромис, ако се фокусирате на политичарите, станува потежок, ако се фокусирате на долгорочните интереси, има поголем простор за компромис и за одлука.

 EWB: Дали вашата влада има стратегија ако референдумот не успее? Што би можело да значи ова за целиот евроатлантски пат на Македонија?

НД: Ние сме фокусирани на успехот. Ќе размислуваме позитивно и ќе се фокусираме на планот А. Имаме премиер што е целосно посветен на ова. Не мислам дека станува збор за останување на власт, тоа не е клучната намера.

Имаме голема мисија за државата. Се обидуваме да направиме работи што не сме ги направиле во последните 20 години во период од една, две или неколку години. Сето ова на еден начин е предизвик, но немаме време за губење.

Можеме да ја пропуштиме можноста. Не знаеме какви европски избори ќе имаме наредниот мај, што ќе донесат тие, какви институции ќе имаме во Брисел и што ќе значи тоа за Балканот. Поради тоа има чувство на итност да се направи ова сега и да се заврши во наредните неколку месеци.

EWB: Многумина беа шокирани кога некои земји членки на ЕУ, пред сè Франција и Холандија, всушност беа наклонети кон спречување на почетокот на преговорите за Македонија, дури и по сите реформи и напредокот во решавањето на билатералните прашања. На крајот се постигна еден вид компромис за почеток на преговорите наредната година. Какви пораки испраќа ова до вашата влада? Дали сте загрижени за овој вид перспектива на европската интеграција за целиот регион?

НД: Сите ние заедно на Балканот треба да ги убедиме дека нашето место е во ЕУ, дека го заслужуваме тоа. За нас, крајната цел сама по себе не е да се приклучиме кон ЕУ, туку да ги направиме нашите држави европски. И колку повеќе се посветуваме на ова и колку сме поупорни, помалку тешко за нив ќе биде да нè прифатат.

Живееме во сложена средина – светот не е многу сигурен, Европа си има свои проблеми. Политиката е вештина на можното. Во идеален свет, требаше да имаме чиста одлука за почеток на преговори за членство оваа година, можеби во декември. Но, истовремено, во тешки околности и во тешки политички пресметки имаме голема можност во јуни 2019 и имаме намера да ја искористиме.

 

(Автор Никола Буразер (Nikola Burazer) – 12.7.2018)

Линк: https://europeanwesternbalkans.com/2018/07/12/ewb-interview-dimitrov-must-convince-member-states-belong-eu/

Конзуларни услуги