Соопштенија

Добро утро дами и господа, драги пријатели. Не сум ранобудник, па, ве молам, имајте трпение. Првично сакав да зборувам за Македонија, за регионот – многу амбициозна тема за наредната декада. Мислам дека живееме во несигурни времиња, во кои мислам дека единствениот континуитет е непредвидливоста. Поради тоа, навистина не е лесно да се каже каде ќе бидеме за една година, но на некој начин, ова е барем контекстот во кој ние, во Македонија, ги гледаме нашиот регион, Европа и светот.

Како што знаете, вчера беше првиот ден на Самитот за Западен Балкан во контекстот на Берлинскиот процес, кој се совпадна со возбудливи ситуации за британската влада, нашите домаќини. Пред неколку недели бев во Берлин, каде што требаше да зборувам пред Комисијата за европски прашања во Бундестагот. Таму бевме среде судир меѓу традиционалните сестрински партии, ЦСУ од Баварија и ЦДУ во однос на миграциите. Сакам да кажам дека, со оглед на тоа колку е зафатена Европа и колку е несигурен светот, навистина е крајно време нашиот регион да направи чекор напред и да направиме сè што можеме за да ја поминеме линијата на несигурноста. Првата поента што сакам да ја изразам е дека навистина чувствуваме одредена итност во Македонија. Во минатото, се обидовме да постигнеме напредок со секакви видови пристапи: еден беше да ги игнорираме проблемите – тој се покажа неуспешен. Друг беше да оставиме времето да ја подобри нашата ситуација – и тој потфрли. Се обидовме да ја префрлиме вината врз неправедноста на светот, негативноста на нашите соседи – и тоа немаше успех. Имавме криза што, всушност, се покажа како скриен благослов – кризата, во суштина, се должеше на тоа што институциите не сакаа да се справуваат со очигледни злоупотреби. Успеавме да се мобилизираме, се покажа дека нашето општество е поцврсто од нашите институции. Јас претставувам влада што се роди од оваа криза – затоа нашето основно ветување е силни институции дома, да ја направиме Македонија европска демократија, што е нашата крајна цел, а не само да се приклучиме кон ЕУ, да имаме судии што се независни, медиуми што се слободни, бидејќи видовме и почувствувавме и слушнавме колку се клучни овие основи за нашето општество. Ова е нашата домашна агенда и мислам дека Европската комисија го препозна тоа во својот извештај од 17 април. А го препознаа и други, како Фридом Хаус што рекоа дека Македонија е веројатно најдобрата шанса за демократски пробив во Европа оваа година, дека државата можеби е мала но можноста е голема – ги цитирам.

Димитров Chatham House2

Верувам дека задача на дипломатите е да ги решаваат, а не да ги игнорираат проблемите, да отвораат врати, да градат мостови. Мојата прва посета беше на Атина на 14 јуни минатата година бидејќи тоа беше нашиот најголем проблем, а мојата втора посета беше на Софија, Бугарија, каде што имавме уште едно отворено прашање. На одреден начин ние – нема да го цитирам сер Винстон Черчил, иако сме во Лондон – но сите знаеме дека нашиот регион е многу богат со историја, а ние обично сакаме да бидеме во рововите на историјата и да се натпреваруваме меѓу себе кој имал поголеми порази или пославни победи во минатото. Не се натпреваруваме во работи што се важни денес или утре и мислам дека ова е тоа што треба да се промени во нашиот регион. Не мислам дека можеме да ја промениме историјата, не мислам дека можеме да ја промениме географијата, но се надевам дека можеме да ја обликуваме нашата иднина и токму така и му пристапивме на нашиот регион, на нашите соседи. Мислам дека не можеме да имаме успешна Македонија ако Балканот како целина не е успешен – што значи дека не добиваме ништо ако нашиот сосед не успее или пропушти некоја можност.

Успеавме да надминеме две важни прашања. Прво, Бугарија – мислам дека околу 8 или 9 години имавме преговори за Договор за пријателство, а успеавме да го финализираме за неколку месеци и минатиот август го потпишавме овој Договор за пријателство со Бугарија. Тој опфаќа прашања од историјата што, се разбира, секогаш е деликатно, но пристапот таму беше да се направи разлика, да им ја оставиме историјата на историчарите и да се обидеме да ги подобриме политичките односи на начин што ќе им овозможи на двете држави да ја изградат нашата заедничка европска иднина. Ова беше многу важно, прво поради Бугарија, но и затоа што до неодамна тие претседаваа со Советот на ЕУ. Исто така, беше важно да се реши едното прашање и потоа да се стави фокусот и да се издвои прашањето за името. Пристапот во однос на ова прашање беше заснован врз верувањето дека две држави во дваесет и првиот век, во Европа, кои делат поголем географски регион на Македонија, историски, би требало да можат да најдат начин да направат разлика меѓу Македонија – државата и Македонија – регионот во Грција, на начин што ќе биде во согласност со идентитетот и достоинството на луѓето на двете страни. Лесно е да се каже, но тешко да се направи. Ова не беше лесен процес, беше пречка стара колку и нашата држава (од 1991 година), кога се распадна Југославија и на многу начини, ако ја земеме предвид историјата меѓу нашите две нации, ова е првото помирување што некогаш се случило. Вчера го цитирав Де Констан, а ќе го цитирам и денес – ова е лидерот на Карнегиевата комисија што беше на Балканот за да го подготви Карнегиевиот извештај за Балканските војни и во 1914 година во своите воведни коментари запишал: „Нема излез или спас за малите држави или големите нации освен преку помирување и обединување“. Мислам дека ова го направивме во нашите грчки пријатели. Нашиот најголем успех, кога министерствата за надворешни работи и за Европа дискутираа што да прават, постапувајќи според препораките на Комисијата на Советот за општи работи во Луксембург, нашиот најголем успех беше што Грција и Бугарија се бореа за Македонија како да се бореа за своите земји. На одреден начин, со ова конкретно достигнување создадовме де факто солидарност и донесовме парче од европскиот дух во нашиот дел од Балканот. Кратко ќе зборувам за регионот, а освен ова треба и да пораснеме и созрееме, токму затоа што не можеме да ги земеме работите здраво за готово – сè што земавме здраво за готово во однос на моделите, рамката на нашите меѓународни односи, сега е доведено во прашање.

Димитров Chatham House1

Според тоа, треба да ги земеме проблемите во свои раце, да се соочиме со нив, да ги решиме и да одиме напред. Треба да бидеме искрени; мислам дека ни е потребна поголема искреност и глобално и во нашиот регион. Мислам дека формулата што ќе му помогне на Балканот и ќе го направи навистина европски – патем, ова е остров, ние обично мислиме дека регионот на одреден начин се граничи со Европа, но регионот е опкружен со земји членки на ЕУ и НАТО, што значи дека е посличен со остров отколку со периферија иако долго време е на периферијата на политичкото внимание, поради што и го имавме Берлинскиот процес како иницијатива во 2014 година. Во одредена мера, тоа се промени оваа година, ја имаме стратегијата на Комисијата и го имавме бугарското претседателство што успеа да го врати регионот во фокусот на вниманието, но не можеме да го земеме сето ова здраво за готово. Европа е многу зафатена, криза по криза, па не можеме да си го дозволиме луксузот да пропуштаме историски можности. Кога велам дека ни треба искреност, повеќе мислам дека треба да ги наречеме работите со нивното вистинско име – кога има демократско назадување или корупција треба да го именуваме како такво, кога има напредок, треба да го препознаеме тој напредок. Ова е единствениот начин на кој може да функционира процесот на пристапување. Мора да биде заснован врз заслуги – ова значи дека државите мора да се оценуваат според нивните сопствени заслуги, не смее да има групи затоа што тогаш една држава ќе биде колатерална штета на ситуацијата во друга држава, и мора да бидете искрени. Причината за скептицизмот, пред сè, е изгубената доверба меѓу европските гласачи дека пристапниот процес навистина може да ги трансформира државите и поради тоа мислам дека мојата држава, со сите наши несовршености и грешки, а сè уште правиме грешки, но во најголем дел ги поправаме, е можност за пристапниот процес да покаже дека навистина може да ги трансформира општествата. Како резултат од политичката криза имаме многу остро јавно мислење – нашето јавно мислење веќе не е многу толерантно кон грешките. Кога се откри информацијата дека членовите на Државната изборна комисија си делеле големи бонуси покрај платите, реакцијата на јавноста беше толку остра што мораа да си поднесат оставки. Мислам дека ова е важен, многу ветувачки резултат од кризата. Друг е нашето граѓанско општество, работиме заедно со нашето граѓанско општество како партнери. Мислам дека и ова е охрабрувачки елемент. Во однос на заклучоците што ги споменав од Луксембург, потврдени од Европскиот совет, тие го отворија патот за почеток на пристапни преговори за нас и за Албанија наредниот јуни. Мислам дека заслуживме чиста, јасна одлука, но политиката е вештина на можното и ќе се задоволиме со тоа што го имаме и ќе одиме напред со тоа. Се надевам дека ќе имаме покана за да почнеме разговори за членство со НАТО оваа недела, утре одиме во Брисел со голема надеж. Навистина мислиме дека ова ќе има многу смирувачко влијание во нашиот регион и ќе испрати сигнал дека овие држави и понатаму ќе постојат во овие граници.

Уште неколку реченици: мислам дека и покрај тоа што очигледно имаме временски рамки и рокови и датуми, тоа што е поважно од имањето датум како што е индикативниот датум во Стратегијата 2025 за оние што ќе бидат подготвени до тогаш, тоа што е клучно е да ги направиме нашите држави навистина европски. Ако утре станеме членка, Македонија сè уште ќе биде истата држава, па поради тоа ни е потребен пристапниот процес како реформска алатка затоа што тоа е најдобрата алатка што ја имаме, тој е вежба и наместо да се фокусираме на датумот треба да се фокусираме на тоа да ја направиме нашата држава европска. Ако го направиме тоа, дури и скептичните земји членки веројатно ќе нè прифатат со раширени раце и тоа е единствениот начин за да ја задржиме наредната генерација дома. За оние што се талентирани, што имаат вештини и добро образование е полесно да заминат во Европа ако мораат долго да чекаат нивната држава да стане европска. Кога велам европска мислам на еднакви можности, систем заснован врз заслуги при наоѓањето работа и градењето кариера, владеење на правото, слободни медиуми и функционални спреги и кочници – на одреден начин сè што ни е потребно во нашите животи и за нашата среќа. Мислам дека ова е веројатно втората и последна шанса мојата генерација да осигури дека има попристојни услови за наредната. Кога Македонија стана независна имав 18 или 19 години, сега имам 46 години. Пропуштивме одредени можности; чекавме на станицата или долго бевме заклучени во чекалницата. Сега трчаме по воз во движење, возот на ЕУ, не сме сосема сигурни во која насока но решени сме да го фатиме. Еден британски новинар на „Скај њуз“ ме праша – „Зошто сакате станете членка кога ние ја напуштаме Унијата?“ Одговорив, „Можеби вие што сте внатре лесно заборавате колку е студено надвор“. Па можеби оваа страст и одлучност да успееме и верувањето во Европа навистина ќе им помогнат и на оние што веќе се во ЕУ.

Ви благодарам.

Конзуларни услуги