Интервјуа и говори

Македонија очекува зелено светло за преговори за членство во НАТО

Автор: Марк Џонс (Marc Jones)
Датум: 9 јули 2018 година

57ab7318382b3cd5e2d18719b6fffb8e w770

ЛОНДОН (Ројтерс) – Македонија очекува да добие одобрение за почеток на преговори за членство во НАТО оваа недела, кажа нејзиниот министер за надворешни работи во понеделникот.

Во среда започнува Самитот на НАТО во Брисел, и иако најголемиот фокус е врз критиката на претседателот на САД, Доналд Трамп кон алијансата, членството на Македонија, исто така, е на агендата.

„Имаме големи надежи и мислам дека сè е веќе подготвено“, кажа Никола Димитров за Ројтерс на маргините на Самитот за Западен Балкан во Лондон. „Треба да сме подготвени за почеток на пристапните преговори“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатиот месец кажа дека атлантската алијанса веројатно ќе даде одобрение за преговорите за членство на самитот оваа недела.

Столтенберг кажа дека неодамнешниот договор со Грција за промена на името во Република Северна Македонија и крај на деценискиот спор е „историски договор што претставува историска можност“ за Скопје да му се приклучи на НАТО.

Сепак, промената на името сè уште не е финализирана и се соочува со противење во двете држави.

„Финализацијата од наша страна на договорот (за името) ќе биде вградена во НАТО процесот“, рече Димитров.

На прашањето дали постои загриженост дека Русија може да се обиде да го наруши процесот за членство во НАТО поради своите грижи околу навлегувањето на алијансата во нејзината традиционална сфера на влијание, Димитров рече: „Да не беше спорот со името, ќе станевме членка (на НАТО) уште во 2008 година.

Поради тоа, цврсто веруваме дека тоа не е против која било друга држава и дека ќе има важно смирувачко влијание врз стабилноста на регионот. Но, се разбира, додека не се случи тоа, ќе внимаваме на секоја пречка што би можела да се појави“.

(Автор: Марк Џонс)

 

Оригиналната верзија на интервјуто можете да ја прочитате на следниот линк: https://reut.rs/2KKzwTq

Конзуларни услуги