Соопштенија

- Средба на МНР Димитров со Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска одржа средба со амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија, Арне Санес Бјорнстад. Во фокусот на разговорот беше норвешката поддршка за евроатлантската интеграција на Република Македонија, вклучително и норвешката проектна помош насочена кон подобрување на подготвеноста на Република Македонија за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

20180207 MNR 2864

Истакнувајќи дека патот кон ЕУ не претставува предизвик само поради критериумите за членство, туку и заради сложеноста на самиот процес на преговори, министерот за надворешни работи Димитров изрази благодарност кон Кралството Норвешка за долгогодишната поддршка и проектна помош за Република Македонија.

Амбасадорот Бјорнстад ја реафирмираше поддршката за евроатланската интеграција на Македонија и неопходните реформи и информираше за одлуката на Норвешка за двојно зголемување на финансиската помош за Република Македонија во наредниот период.

И покрај тоа што не е ЕУ членка, Норвешка во континуитет го споделува своето исцрпно искуство во преговарањето и одржувањето тесни врски со Унијата преку Европската економска област, Шенгенската зона и други форуми на соработка, унапредувајќи ги на тој начин административните и законодавните капацитети на Македонија за спроведување на неопходните реформи и отворање на пристапните преговори. Ваквата поддршка беше дополнително унапредена и со потпишувањето на Заедничката изјава за партнерство и соработка меѓу двете земји во август 2017 година во Осло.

Последна потврда за истата е започнувањето на проектот за техничка помош наменет за подобрување на капацитетите за процесирање и заштита на документи и унапредување на целокупниот систем за комуникации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, како корисник на проектот. Спроведувањето на овој проект со времетраење од 12 месеци е предвидено да заврши до крајот на 2018 година, додека проценетата вредност на средствата за неговото спроведување изнесува 1,5 милиони евра.

Конзуларни услуги