Соопштенија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес, во Стразбур, во Европскиот парламент, имаше свое излагање во рамките на 14-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија - Европска Унија.

 

Димитров Стразбур

Мешовитиот парламентарен комитет е форум на меѓу-парламентарна соработка предвиден со Спогодбата за асоцијација и стабилизација помеѓу Република Македонија и Европската Унија. Последниот состанок на ова тело се оддржа во декември 2015 година.

Министерот Димитров во своето излагање ја реафирмираше приоритетната цел во односите со Европската Унија - почеток на преговорите за пристапување во Унијата, при што ги претстави активностите кои ги презема Владата во насока на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија. Посебен акцент беше ставен на исполнувањето на итните реформски приоритети.

Министерот Димитров подвлече дека реформските процеси во Република Македонија имаат долгорочна и далекусежна мисија. Посветени сме на изградба на стабилно и просперитетно европско општество во кое медиумите ќе бидат слободни, ќе владее правото и функционален систем на „спреги и кочници.” Целта на реформите е да овозможат суштинска трансформација.

Министерот Димитров, исто така, ги информираше пратениците за иницијативите и активностите за унапредување на односите и соработката со соседните земји, во насока на градење на клима на взаемна доверба, како и за напорите на Република Македонија за решавање на разликата што Грција го има со нашето уставно име. „Оваа влада е посветена на градење мостови, отворање врати, можности и перспективи. Нашиот нов политички контекст се совпаѓа со обновениот интерес на ЕУ за регионот. Ние имаме шанса која мора да ја искористиме. Тоа е добро за нас, за нашето непосредно соседство, за регионот и Европа.” - истакна министерот Димитров.

При размената на мислења со европските пратеници од Грција, министерот сугерираше дека и самата Европска унија е родена врз идејата за мирно разрешување на конфликти и помирување. Мудро би било и ние на Балканот да го примениме ова кредо.

Министерот Димитров оствари повеќе средби со европратеници на кои беше изразена поддршка на реформската агенда.

Конзуларни услуги