Интервјуа и говори

Транскрипт од прес конференција на МНР Димитров после средбата со медијаторот Метју Нимиц
(изјава и одговори на прашања – МНР Димитров)
1 февруари 2018, МНР

 

20180201 MNR 2531

Изјава МНР Димитров: Ќе се обидам да бидам концизен и краток, прво сакам да укажам дека ова прашање, прашањето за името, е исклучително чувствително прашање за граѓаните на Република Македонија, дека дел го следат не само со големо внимание, туку и со голема загриженост, некои и со гнев. Би сакал да укажам дека ние како Влада имаме апсолутно целосно разбирање за ова, дека сакаме ова прашање да го решиме на начин што и кај нас, и кај нашите соседи во Грција, ќе се смета за достоинствен начин.

Јас имам целосно разбирање за оние грчки граѓани коишто себеси на еден или друг начин се самоидентификуваат како Македонци, дали во контекст на античка Македонија дали во контекст на Регионот. Меѓутоа, во Европа, во 21-от век, не само нашите соседи од Грција, туку било кој друг, не може да разговара и да го допре нашето право, моето лично, на моите сограѓани да бидат Македонци, да зборуваат македонски јазик којшто припаѓа на групата словенски јазици.

20180201 MNR 2511

Исто така, сакам да кажам дека за да има решение многу е важен процесот во којшто нѝ помага медијаторот Нимиц. Многу е важно да се однесуваме внимателно кон јавноста. Апсолутно е убаво да постои, и очигледно постои, и разбирливо е што има ваков медиумски интерес, меѓутоа колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста, толку помалку има простор за разговор и се намалува шансата да најдеме решение што ќе биде прифатено од граѓаните на двете страни од границата. Од наша страна, има волја и се надеваме дека и од другата страна ќе има иста ваква волја за да најдеме решение.

За оние граѓани коишто сакаат да видат решение и коишто стрепат доколkу нема решение, исто и до нив сакам да упатам порака дека ако има достоинствен начин што ќе ги почитува интересите и на двете страни, достоинството и на двете страни, низ овој процес тој начин ќе го најдеме. Можно е и да нема таков начин. Меѓутоа, наше е да направиме сè што можеме да го најдеме овој начин. И последната точка, поконкретно, бидејќи разговаравме за идеите што медијаторот Метју Нимиц ги претстави во рамките на преговарачкиот процес во Њујорк, разговаравме многу детално, многу сериозно. Му кажав дека таму има идеи коишто не се така лоши, му кажав, исто така, дека таму има идеи коишто не се така добри и коишто создаваат кај нас загриженост.

Претпоставувам дека медијаторот ќе каже (на прес конференцијата) кои се следните чекори, врз основа на тоа што го добил во Грција, врз основа на тоа што денес ќе го добие и го добива во Република Македонија. Ќе видиме како ќе тече процесот понатаму. Ви благодарам.

Тамара Грнчаровска, Телма ТВ. Прашање до НД: Дали сте подготвени да преговарате според ова што го слушнав., да или не, за нацијата и името, се извинувам јазикот.

МНР Димитров: Значи, многу кратко: апсолутно не. Прашањето не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, тоа е резултат на историски процес. Прашањето е многу поголемо од мене, од преговарачи, општо и од целата генерација на денешните политичари, па веројатно и на идните. Така што ако дојдеме до таа точка за решение, да треба да се допре идентитетот, за жал нема да има решение. Меѓутоа, ќе биде многу жално, ако две европски држави во 2018 година, не се доволно големи ова да го препознаат.

20180201 MNR 2523

НХК Jапонски национален сервис: Што ова решение, можно решение значи за иднината на Република Македонија и која е вашата порака до оние луѓе во Македонија кои се противат на преговорите кои во моментов се водат со Грција?

МНР Димитров: Ова прашање не може да биде решено ако една од страните се чувствува поразено и мора да најдеме начин каде ќе...Лесно е да се криеме во рововите на историјата, но време е за нас во регионот  да се издигнеме над тоа. Не можеме да ја промениме нашата историја, но се надевам дека можеме да ја креираме нашата иднина која што треба да биде заедничка и европска. Мислам дека ќе отвориме патишта на соработка во економијата и во други области. Сметам дека низ овој процес, доколку сме мудри, можеме да научиме како да бидеме сојузници бидејќи тоа е поентата.. Со зачленувањето на Република Македонија во НАТО, ќе станеме сојузници со нашите грчки пријатели. Кога ќе станеме земја-членка на ЕУ пак, несомнено ќе споделуваме и голем број заеднички интереси од нашиот регион. За мене овој процес е процес на заедничко растење. Време е ние на Балканот да ги допреме тешките прашања за да создадеме подобра иднина за нашите граѓани. Исто така, имам целосно разбирање за оние кои се противат на постигнување на решение, тешко е  и многу емотивно. Наш предизвик е да ги убедиме дека ова е тоа што треба да го направиме. И дека треба да го направиме на начин кој ќе овозможи двете страни да си заминат ракувајќи се и со подигната глава.

Треба да го најдеме клучот што ќе ја отклучи вратата на чекалната, во ЕУ чекалната сме веќе од 2005 год, а во НАТО чекалната од 2008 год. Сметам дека ова е голема можност и за Атина, затоа што тука кај нас има добра волја. Доколку Грција сака да има стабилен, предвидлив, демократски, пријателски сосед, време е да се отвори. Можеби имаме различни ставови во однос на тоа што значи Македонија и сметам дека тоа е сосема природно и нормално. Може да значи различни работи за различни луѓе. Македонија не може да биде само наша, бидејќи голем дел од регионот се наоѓа во Грција. Но, не може да биде ниту само грчка, бидејќи и ние имаме свој дел. И друга држава има свој дел (од регионот Македонија). И затоа мислам дека единствениот начин да се согласиме, е да нема ексклузивност. Никој денеска, во овој век, на овој континент, не треба да има монопол врз терминот Македонија и треба да се согласиме дека разбираме различни работи под тој термин.

20180201 MNR 2574

Грчка ТВ Антена: Дали сте подготвени за промена на вашиот Устав и ако да, како ќе ги поминете овие промени во парламентот?

МНР Димитров: Ако одговорам на Вашето прашање, а имам силна потреба да го сторам тоа на конкретен начин, ќе направам грешка што верувам дека двете страни не треба да ја прават. Мислам дека шансата за нас е да пронајдеме начин на линија на она што веќе го зборував, да не бидеме сосема експлицитни во јавноста, додека немаме нешто конкретно. Тоа е што се однесува до имплементацијата. Сепак, бидејќи го покренавте прашањето за Уставот, гледам дебати во грчката јавност што се збунувачки, бидејќи одреден број прашања кои понекогаш се нарекуваат “иредентизам”, се решени уште во 1992 година со првите два амандмани на Уставот на Република Македонија и со Времената спогодба од 1995 година. Затоа мислам дека се изложуваме на ризик ако разговараме за прашањата без соодветно да ги провериме фактите и без да ги истражиме докрај сите „приказни“ ризикуваме да ја збуниме јавноста и јавното мислење итн. Сè уште мислам дека мора да му дадеме шанса на процесот којшто се одвива, иако отворањето во јавноста, се разбира е многу примамливо, но го поткопува процесот. Бидејќи влоговите се високи, имаме шанса да пробаме да видиме дали можеме да се обидеме да го искористиме најдоброто во дадената ситуација.

20180201 MNR 2517

Конзуларни услуги