Македонија во светот

На иницијатива на Амбасадата на Република Македонија во Токио и во соработка со Спомен куќата на Мајка Тереза, во периодот од 28-ми ноември до 8-ми декември 2017 година, поставена е изложбата “Мајка Тереза, Светица од Скопје, Светица на светот” во Sophia University, во Токио. Покрај претставување на животот и делото на Мајка Тереза, изложбата има за цел да ја прикаже силната врска меѓу Мајка Тереза и Јапонија, за што говори и фактот што голем број јапонски уметници дел од својата работа го посветиле токму на нејзиниот живот и мисија. Изложбата се одржува во Sophia University каде Мајка Тереза имала прилика да одржи предавања во три наврати, и тоа во 1981, 1982 и 1984 година.

IMG 2016

Инспирирана од големата почит на јапонскиот народ кон Мајка Тереза, Амбасадата на РМ во Токио ја поведе иницијативата за организирање на предметната изложба и доби поддршка од страна на Министерството за Култура на Република Македонија и Спомен куќата на Мајка Тереза, која се јавува и како организатор на настанот, обезбедувајќи 24 колажи со фотографии кои даваат хронолошки приказ на животот и хуманата мисија на Мајка Тереза.

Дополнително, Амбасадата на РМ во Токио оствари контакти со голем број јапонски уметници и обезбеди учество во изложбата на фотографот г-н Цунехико Момосе, кој за прикажување на фотографиите на Мајка Тереза ја користи традиционалната јапонска хартија “washi” и на тој начин на симболично ја прикажува врската меѓу Јапонија и Мајка Тереза. Во изложбата учествува и г-ѓа Таеко Тада, автор на книгата “Чудото од Хирошима”, за чие пишување како инспирација и послужила Мајка Тереза.Со сопствени фотографии и книги како учесник во изложбата се јавува и Отец Хироши Катајанаги, кој по остварените контакти со Мајка Тереза и инспириран од нејзината хуманитарна мисија одлучил да стане католички свештеник и да го шири делото и пораките на Мајка Тереза преку организирање отворени предавања, изложби, издавање публикации и сл. Изложбата е збогатена и со книги чиј автор е г-н Каору Игараши, кој по остварената средба со Мајка Тереза основал НВО за грижа за болните деца и децата без родители.

IMG 0089

Свеченото отворање на изложбата се одржа на 28-ми ноември 2017 година, во чии рамки пригодно обраќање имаа првиот резидентен амбасадор на РМ во Јапонија др. Андријана Цветковиќ, директорот на Спомен куќата на Мајка Тереза г-ѓа Рената Кутера Здравковска, претседателот на Sophia Univeristy г-н Јошиаке Терумичи, гореспоменатите јапонски уметници г-ѓа Таеко Тада и Отец Хироми Катајанаги. По отворањето на изложбата беше организиран пригоден коктел со промоција на македонска храна и вино. На настанот учествуаа високи владини претставници, парламентарци, голем број на амбасадори и претставници од дипломатскиот кор, како и видни и истакнати личности од општествениот и јавниот живот во Јапонија. Настанот беше медиумски покриен од најголемите јапонски весници Јомиури Шинбун, Јапан Тајмс, и Маиничи Шинбун.

IMG 1977

Конзуларни услуги