Соопштенија

“Магичната фраза - политичка волја, реформите и европските пријателите клучни за запечатување на нашата европска иднина”

Во организација на министрите за надворешни работи на Бугарија и Шведска, денес министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи учествуваа на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во неформалниот формат - Пријатели на Македонија.

IMG 0589

Дискусиите на работниот појадок беа фокусирани на перспективите на Република Македонија во контекст на отпочнувањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, како и заложбите на Владата за постигнување на суштински напредок во имплементацијата на реформите и унапредувањето на добрососедските односи.

Димитров и Османи изразија благодарност на домаќините (МНР на Бугарија и Шведска) за организирање на состанокот, со кој се овозможува директно информирање на земјите-членки за внатрешниот развој на настани во Македонија, пет месеци по формирањето на Владата.

IMG 0591

IMG 0590

Информираа за досегашниот напредок во спроведувањето на реформите, како и за плановите на Владата и очекувањата во наредниот период. Ја истакнаа потребата за поддршка од страна на земјите-членки и институциите на ЕУ за постигнување на долгоочекуваната цел - што поскоро отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.

“Успеавме да се вратиме на нашата европска патека, а ЕУ успеа  да го возобнови политичкото внимание на Балканот. ЕУ има одговорност да ја потврди нашата европска иднина, а ние сме одговорни за судбината на тој пат. Постоењето на магичната фраза - политичка волја, реформската ориентираност и поддршката од нашите европски пријатели се клучни за запечатување на нашата европска иднина. Ние имаме втора шанса да успееме, а нашите пријатели од Брисел имаат шанса да ги убедат скептиците во успешноста на пристапниот процес.” - изјави МНР Димитров.

Како клучни моменти од суштинско значење за Македонија во претстојниот период беа подвлечени следните настани: објавувањето на Стратегијата на претседателот на ЕК, Јункер за ЕУ перспективите на Западен Балкан (февруари 2018); извештајот на ЕК за напредокот (април 2018) и самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ, во мај 2018г.

На работниот појадок присуствуваа комесарот Хан и сите земји членки, од кои 13 на ниво на министри за надворешни работи.


Во рамки на посетата на Брисел, денес министерот Димитров ќе оствари и билатерални средби со министрите за надворешни работи на Велика Британија, Португалија и Грција.

Конзуларни услуги