Соопштенија

На покана од Дипломатската академија, денеска во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, одржа предавање г-динот Тиери Шопен, Директор на Шуман фондацијата.

 

Shuman 01

На предавањето, на тема „Иднината на европската интеграција“, г-динот Шопен, се осврна на актуелните состојби во ЕУ, на последиците од неколкуте последователни кризи со кои таа се соочи во изминатата деценија, како и на можните сценарија за заздравување, ревитализирање и давање нова смисла и димензија на европскиот проект.

Нагласи дека европската конструкција не е завршена, дека на моменти Европската унија делува дисфункционално, но сè поизразена станува потребата да се трансформира и соодветно да се подготви за доаѓањето на земјите од Западниот Балкан. Тука, според него, се очекува поддршка и визија и од дипломатите, но и од граѓанското општество во земјава, кои би дале визии за очекувањата на Македонија од ЕУ, но и конкретен придонес за спроведување на зацртаните реформи на Владата.

Shuman 02

Неколкуте последователни кризи (институционалната, кризата со еврото, Брегзитот, со мигрантите/бегалците и др.), според професорот Шопен, го тестираа и капацитетот на Европјаните да останат обединети и солидарни, и покрај предизвиците и поделбите и зголемениот јаз меѓу Северот и Југот на Европа. Тоа доведе до појава и гласност на популистичката реторика на екстремната десница во европските земји, појава на засилен евроскептицизам, дури и еврофобија.

Професорот Шопен, посочи три можни сценарија кои би можела да ги примени Европската унија за справување со актуелните внатрешни предизвици:

  1. Ризично сценарио – национална затвореност, излегување на некои земји од ЕУ, излез од Шенген-зоната, излез од Евро-зоната. Во таков случај, што би останало од ЕУ?!
  2. Status quo сценарио – гаснење пожари, кампањско справување со кризи, каде што се реагира и интервенира по потреба, без да се направи суштинска трансформација на системот, што покажал слабости. Национални, наместо заеднички политики во однос на справувањето со заедничките предизвици – на пр. мигрантите.
  3. Повторно заживување на европската амбиција, односно наместо пожарникарска улога на ЕУ, зајакнување на архитектските визии - што подразбира внатрешна кохезија, зајакнато единство, прифаќање на заедничка европска агенда – заеднички пазар, заедничка валута, заедничка одбрана, заедничка, усогласена контрола и заштита на надворешните граници на ЕУ.

На панелот, свое излагање имаше и г-динот Бојан Маричиќ, советник на ПВРМ за ЕУ-интеграциите. Во презентацијата ги посочи приоритетите и реформската агенда на Владата, содржана во „Планот 3-6-9“, со кои се опфатени суштински реформи во областа на судството, медиумите, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата. Нагласи дека Република Македонија очекува Европската унија, да го препознае и соодветно да го верифицира ентузијазмот за што поскорешна европска интеграција на Република Македонија. Подвлече дека Владата на Република Македонија, приоритет дава на развивање добри односи и градење доверба со соседните земји, со интензивирање на регионалната соработка , пристап што се очекува да биде поддржан и од европските партнери, за да се валоризира европскиот моментум во Регионот. Во тој контекст, како што нагласи г-динот Маричиќ, драгоцена е меѓусоседската соработка и заедничките насоки во рамките на Берлинскиот процес.

Shuman 04

На предавањето, покрај домашни и странски дипломати, присуствуваа и претставници од Собранието и од Владата на РМ, од невладиниот сектор, како и бројни студенти.

Shuman 03

Конзуларни услуги