Соопштенија
Денеска (1 август, 2017 година) министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров оствари средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева. Средбата се одржа по потпишување на  Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, од страна на Претседателите на Владите на Република Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

bugarija1

Министрите заедно констатираа дека денешното потпишување на Договорот ќе отвори нови перспективи за односите и соработката меѓу двете држави.  Беше споделено и задоволството што Владите на двете држави во пракса покажаа дека имаат капацитет самостојно да решаваат отворени прашања, како и визија за заедничка европска и евроатлантска иднина, пример кој отвора нови перспективи за стабилен и интегриран Регион.
„Денес е историски ден. Договорот е манифестација на цврстата волја да се решаваат отворените прашања и заедно да чекориме напред, кон иднината, односно како што изјави и Европската Унија - Договорот е инспирација за целиот Регион“ рече Министерот Димитров истакнувајќи благоданост до вицепремирот Захариева и целиот тим.

bugarija3

Министерката Захариева изрази благодарност до МНР Димитров и Премиерот Заев, како и до тимовите кои работеа на Договорот, при што истакна: „Јас цврсто верувам дека ако твоите соседи не се добро, нема ни ти да бидеш добро. Договорот е прв чекор за нештата кои треба да ги градиме заедно, ефектот од овој договор допрва ќе се мери". Министерката додаде дека Бугарија е подготвена да и понуди експертска помош на Македонија за реформите кои претстојат и изрази надеж дека следната година Република Македонија конечно ќе има позитивен старт во преговарачкиот процес со ЕУ.
              На средбата, Министрите изразија задоволство од позитивниот ефект на нововоспоставениот, отворен и конструктивен политички дијалог меѓу двете држави. Беа искажани заемни очекувања за негово надградување во насока на реализација на заедничките цели и интереси на двете земји, европска и евро-атланска иднина на Република Македонија, за безбеден, стабилен и економски развиен Регион.

 

Конзуларни услуги