Интервјуа и говори

Македонија го поздравува договорот со Бугарија како пресвртница на патот кон ЕУ

Новинар: Мет Робинсон
Датум: 13.07.2017

ROJTERS

* Новата македонска влада сака да се забрза интеграцијата на Западен Балкан

* Договорот за пријателство со Бугарија има за цел да стави крај на тензиите од минатото

* Спорот околу името со Грција останува главна пречка за членство во ЕУ и НАТО

Од Мет Робинсон

ТРСТ, Италија, 13 јули (Ројтерс) – Македонија и Бугарија се согласија околу текстот на договорот за пријателство кој има за цел да стави крај на долгогодишните спорови и тензии, изјави македонскиот министер за надворешни работи, како дел од напорите на новата македонска влада за заживување на интеграцијата на Западен Балкан.

Затегнатите односи на Македонија со својот поголем источен сосед, со кој споделува блиски историски, културни и јазични врски, беа пречка за одолговлечените напори на Македонија за членство во НАТО и Европската Унија. Бугарија е членка на двете организации.

Сепак, најголемата препрека нa евроинтегративниот пат на Македонија останува спорот со јужниот сосед Грција околу името „Македонија“, што Атина го смета за полагање територијално право на истоимената северна грчка провинција.

„Постигнавме компромис околу текстот на договорот (со Бугарија)“, изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров во интервјуто за Ројтерс доцна во средата по завршување на Самитот за Западен Балкан во северна Италија.

„Потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија ќе придонесе кон нашиот кредибилитет, ќе покаже дека сме сериозни и дека би сакале да имаме пријатели во регионот.“

Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека е постигната „основа“ за компромис со Македонија. Официјалните лица очекуваат и дека договорот би можел да се потпише на 2 август.

Двете балкански соседни држави се надеваат дека овој договор ќе помогне да се стават зад нив долгогодишните спорови околу историјата, идентитетот, јазикот и етничките малцинства што честопати им ги нарушуваа односите. Македонија, како мала поранешна Југословенска Република со околу два милиони жители, ја прогласи својата независност во 1991 година и успеа да го избегне насилството што го одбележа распаѓањето на Југославија, но подоцна беше погодена од воениот конфликт со етничките Албанци кој речиси ја распарчи земјата во 2001 година. Македонија има големо етничко албанско малцинство.

АПЕЛ ДО ГРЦИЈА

Димитров ја посети Атина во средината на јуни, веднаш по преземање на министерската функција и по речиси децениското владеење на конзервативниот премиер Никола Груевски. Груевски почна да зазема сѐ понационалистички и антагонистички став кон Грција откако Атина ја блокираше поканата за членство на Македонија во НАТО во 2008 година.

Димитров изјави за Ројтерс дека ѝ предложил на Атина да дозволи Македонија да влезе во НАТО под привремената референца дадена од Обединетите Нации, Поранешна Југословенска Република Македонија, и притоа да се продолжи со преговорите за изнаоѓање долгорочно решение.

Грција претходно го отфрли таквото решение, но западните дипломати велат дека промената на власта во Македонија даде нов импулс на напорите на НАТО и ЕУ за решавање на спорот и придвижување на земјата по интегративниот пат.

„Мојата порака во Атина беше: Во Македонија има нов почеток, и ве молам размислете каков сосед би сакале да имате на север“, рече Димитров. „Ако сакате да имате европска демократија управувана од владеењето на правото, сега е време да ни помогнете и можеби да ни дозволите да влеземе во НАТО под провизорното име на ОН... тоа може да биде инвестиција во обезбедување на клима каде што ќе се овозможи решавање на најголемите проблеми.“

Димитров беше воздржан околу одговорот на Грција, но предупреди да не се очекува моментален напредок.

„Не верувам дека ќе се постигне нешто преку ноќ“, изјави. „Ова ќе биде постепен процес, чекор по чекор.“

На прашањето дали Македонија еден ден ќе биде отворена за промена на името, Димитров изјави: „Тоа е многу сложено прашање што вклучува и емоции и идентитет.“

„Ние, за да се справиме со ова прашање, треба да имаме процес со кој ќе се оформи национален став по ова прашање. Дефинитивно ќе има референдум.“

(Напишано од Мет Робинсон.)

 

Оригиналната верзија на интервјуто можете да ја прочитате на следниот линк: http://news.trust.org/item/20170713123000-mbotr

Конзуларни услуги